Почетна » Блог » Уво, нос и грло » Холестеатом – најтешка форма на хроничен воспалителен процес на средното уво

Холестеатом – најтешка форма на хроничен воспалителен процес на средното уво

Сподели

Холестеатом претставува псевдотуморска формација која се создава во средното уво како последица на негово хронично воспалување.

Патоанатомскисе работи за растечка „кромидеста“ формација, сочинета од слоеви (лушпи) на одлепен повеќеслоен плочест епител, населен со бактерии. Овој епител потекнува од најповршниот слој на кожата која ги покрива надворешниот слушен канал и надворешната површина на ушното тапанче.

Хроничното воспаление на средното уво предизвикува каскада на патолошки случувања: прскање на слушното тапанче,  дразба на герминативниот (создавачки) слој на локалната кожа со хиперпродукција на клетки на површниот повеќеслоен плочест епител, кои се наслојуваат и формираат растечка туморска формација (холестеатом). Растејќи холестеатомот ги исполнува шуплините во средното уво, го оштетува ланецот слушни ковчиња, а подоцна ги разорува и локалните черепни коскени структури, пробивајќи се во внатрешноста на черепната кутија. На тој начин инфективниот предизвикувач од холестеатомот се шири од средното уво во мозочното ткиво и мозочните обвивки, предизвикувајќи нивно гнојно воспалување.

            Клинички, оваа болна состојба се манифестира со непријатенгноен исцедок од увото, прогресивен губиток на слухот и главоболка. Отомикроскопскиот преглед регистрира присуство на гноен секрет во надворешниот слушен канал, рабна прснатина на тапанчето и седефаст отсјај на холестеатомот низ овој процеп. Наглувоста е спроводна, со различен интензитет во зависност од степенот на оштетувањето на ланецот слушни ковчиња во средното уво.

Во оваа развојна фаза на псевдотуморозниот деструктивен процес, хируршката интервенција обезбедува негово целосно отстранување и отвара можност за чување и подобрување на слухот со реконструктивна интервенција на ланецот слушни ковчиња.

            Долготрајниот процес токсично го оштетува слушниот орган, сместен во внатрешното уво и трајно и непоправливо го оштетува слухот. Во оваа фаза на болеста со хируршката интервенција се решава продуктивниот инфективен процес на увото и се превенираат гнојни компликации на мозокот и неговите обвивки (гноен менингит, гнојни огништа во големиот и малиот мозок). Губитокот на слухот останува трајна функционална загуба и покрај хируршката интервенција.

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ располага со најсовремени техники за дијагностицирање и лекување на акутните и хроничните болести на увото и нивните компликации:

  1. Тимпанопластика: хируршка техника за отстранување на патолошкиот процес од средното уво и реконструкција на тапанчето и слушните ковчиња;
  2. Мастоидектомија:техника за чистење на мастоидната наставка  каде што патолошкиот процес може да се прошири;
  3. Епитимпаномастоидектомија (конзервативна радикална трепанација на темпоралната коска): техника за отстранување на холестеатомот со сочувување на дел од спроводниот систем на звукот;
  4. Тимпаномастоидектомија (класична радикална трепанација на темпоралната коска): техника на радикално чистење на мастоидната наставка и шуплината на средното уво при големи патоанатомски промени и присуство на голем холестеатом, а за превенирање на гнојни компликации на содржините на черепната кутија;
  5. Осикулопластика: техника на репарација или реконструкција на ланецот слушни ковчиња со користење на повеќе типови протези.
Најди доктор Закажи преглед Контакт