Почетна » Блог » Уво, нос и грло » Инфекција на уши

Инфекција на уши

Сподели

Доколку вашето малечко немирно спие, се држи за ушињата или ја зафрла главата при спиење, често се буди, понекогаш со врисок, можно е да се работи за воспаление на ушињата. Кај повозрасните деца, родителите понекогаш забележуваат одредени потешкотии во комуникацијата – не се одзива кога му се обраќаат, има потешкотии во следењето на наставата, го засилува тонот на телевизорот. Сите овие се индиректни знаци на одреден проблеми со ушите што бараат внимание и треба да се проследат за да се превенираат состојбите кои можат да доведат до оштетување на слухот кај децата или појава на компликации.

  • До возраст од 12 месеци 65-70% од децата имаат најмалку една епизода на воспаление на ушите
  • До 3 години речиси пола од децата имаат 3 или повеќе епизоди на воспаление на ушите

Драматичниот пораст на случаите со инфекција на ушите се должи на :

  • Зголеменото загадување на средината
  • Сè поголемата употреба на дневните центри за престој на децата

Причинитeли на инфекција

  • Недоволно развиениот имунолошки систем кај децата
  • Анатомските карактеристики на Евстахиевата туба (цевчето кое го поврзува средното уво со сводот на ждрелото)
  • Присуство на т.н. трет крајник кој освен тешкотиите при дишење преку нос може да претставува и извор на бактерии кои преку Евстахиевата туба можат да поминат во средното уво

Симптоми

Инфекцијата на увото може да се појави и доколку детето има настинка или воспаление на ждрелото, па да биде проследена со следниве симптоми:

  • Болка во уво
  • Покачена телесна температура
  • Чувство на исполнетост во увото
  • Намален слух
  • Треска
  • Гадење, повраќање или дијареа

Инфекцијата на ушите не е наивно заболување бидејќи доколку ненавремено и несоодветно се лекува може да доведе до компликации – слабеење на слухот, ширење на инфекцијата кон околните анатомски структури, но и кон мозочните структури што претставува најсериозна компликација.

Кога на оториноларинголог?

Бебињата кои се многу мали едноставно не можат да кажат што чувствуваат, ниту, пак, каде и што ги боли, често се допираат по ушињата, раздразливи се и не можат да спијат. Поголемите деца полесно ги распознаваат симптомите на инфекцијата на ушите. Ако и вашето дете ги има овие симптоми побарајте совет од вашиот оториноларинголог, но и во случаи кога:

  •  Вашето дете има три инфекции на увото во период од шест месеци или, пак, четирипати во текот на една година
  • И покрај терапијата со антибиотици инфекцијата не поминува
  •  Вие или наставниците забележувате намалување на слухот кај детето

 Да или Не за антибиотик?

Проценката да се препише антибиотик или не зависи пред сè од добрата проценка на симптомите и локалниот наод. Ако докторот ви препишал антибиотик, тогаш треба терапијата да се земе до крај, а не да се престане по подобрување на здравствената состојба кај детето. Воедно, бидејќи најчесто овие инфекции се поврзани со намалена функција на Евстахиевата туба, неопходно е користење на деконгестивни капки во нос.

Хируршка интервенција

Ако вашето дете има излив во средното уво што трае по- долго време и причинува намалување на слухот, неопходно е да се изведе и хируршка интервенција за отстранување на изливот од средното уво. Постапката е лесна и едноставна, трае кратко, а се изведува со анестезија. Со помош на микроскоп и мал инструмент (ушен спекулум) се влегува низ ушниот канал, се прави мал засек на ушното тапанче и се извлекува изливот од увото, а потоа, во најголем број случаи се пласира вентилациско цевче на местото каде се засекува тапанчето со цел да се овозможи подолготрајно вентилирање и дренирање на секретот од средното уво. Оваа интервенција се практикува и во случаи кај повторувачки акутни воспаленија на средното уво или кај воспаленијата кај кои не се подобрува состојбата и покрај спроведената терапија. Во случаите кога инфекцијата веќе се проширила кон мастоидниот продолжеток (коската зад увото) или се јавила друга компликација неопходно е и пообемна хируршка интервенција. За сите проблеми што ќе ги препознаете во овој текст консултирајте се со својот оториноларинголог. Навремената дијагноза го прави полесно лекувањето на овие состојби, а воедно и го спречува ризикот од појава на компликации.

Најди доктор Закажи преглед Контакт