Почетна » Блог » Уво, нос и грло » НЕ ИГНОРИРАЈТЕ ГО ЗУЕЊЕТО ВО УШИТЕ СЕ ЈАВУВА КАЈ 85 ОТСТО ОД ПАЦИЕНТИТЕ СО НАМАЛЕН СЛУХ

НЕ ИГНОРИРАЈТЕ ГО ЗУЕЊЕТО ВО УШИТЕ СЕ ЈАВУВА КАЈ 85 ОТСТО ОД ПАЦИЕНТИТЕ СО НАМАЛЕН СЛУХ

Сподели

Зуењето во ушите (тинитус) се објаснува како звучна сензација што вклучува зуење, ѕвонење, бучење, пиштење и тоа особено со високи фреквенции. Тинитусот е симптом, а не болест, но значително влијае на нормалното функционирање. Д-р Македонка Гарванлиева-Николова, оториноларинголог, вели дека кај некои луѓе е само на ниво на лесна иритација, но кај некого влијае на нормалното функционирање во голем степен и е во склоп со инсомнија (несоница), неможност за концентрирање, нервоза и депресија. Според статистичките податоци, се смета дека околу 1/3 од популацијата во одредено време има почувствувано зуење во ушите. Почесто се јавува кај мажите и е на десетто место како причина поради која пациентите побарале помош од лекар. Она што е карактеристично е поврзаноста на зуењето со намалување на слухот. Дури 85% кај пациенти со тинитус е поврзано со намален слух во опсег од 250 до 8000 херци. Се дели на субјективен, кој го слуша само пациентот и е погрешна перцепција на звукот во отсуство на звучен стимулус, и објективен, тинитус кој може да се слушне од страна и на пациентот и докторот. Освен оваа поделба, се дели и на пулсативен и непулсативен тинитус. Пулсативниот е предизвикан од вистински звуци, кои се механички по природа, васкуларни или мускулни.

ЗУЕЊЕТО ВО УШИТЕ МОЖЕ ДА БИДЕ СИМПТОМ НА БРОЈНИ ЗАБОЛУВАЊА

Според една теорија, иницијално аудитивно нарушување се восприема како централна невролошка перцепција поради промени настанати од сензорна депривација. Оштетување (пр. од траума, лекови или тумори) на некое ниво на слушни патишта го нарушува нормалниот пренос на сигнали. Базирано на невроанатомски следења, се смета дека улога има промената на серотонинот, иако механизмот не е особено познат. Како можна причина за зуење во ушите може да биде и туѓо тело во надворешен слушен канал – ушна маст, влакно или друго туѓо тело во контакт со ушна мембрана може да биде придружена со тинитус. Кога се работи за пулсативен тинитус, кој го следи пулсот на срцето, се јавува отоскопски наод на црвенкавомодра маса позади ушна мембрана во прилог на гломус тумор или дехисценција на коскен канал на југуларна вена и каротидна артерија, крвавење во просторот на средно уво поради траума, артериовенски малформации, аневризми, атеросклеротични промени, венско шуштење поради притисок на југуларна вена од вратен прешлен, анемија, физичко оптоварување, бременост, тиреотоксикоза. Можни причини со потекло од промени во увото се аудиовестибуларно заболување, траума, изложеност на бучава, фамилијарна историја, ототоксични лекови/супстанци, системски заболувања, инфекции (локални, системски, повторувачки), како и хируршки интервенции на уво.

КОИ ИСПИТУВАЊА ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВАТ?

Превенствено пациентите треба да направат отоскопија/отомикроскопија, тимпанометрија, аудиометрија, флексибилна назоепифарингофиберскопија, орофарингоскопија, компјутеризирана томографија, магнетна резонанца со артериографија/венографија. Магнетна резонанца со гадолиниум е испитување на избор да се исклучи тумор на слушниот нерв и тумори во церебелопонтин агол. По препорака на ОРЛ специјалистот се прави и комплетна крвна слика, скрининг за ототоксични лекови и загадувачи, тиреостимулирачки хормон, гликемија, липиден статус, како и скрининг за автоимуни болести (ревматоиден фактор, антинуклеарни антитела, комплемент).

КАЈ ПАЦИЕНТИТЕ СО ТИНИТУС СЕ ЛЕКУВА ОСНОВНАТА БОЛЕСТ

Кај пациентите кои го имаат овој симптом првенствено треба да се лекува основната болест или ушната проблематика. Вознемиреноста, несоницата и депресијата не треба да се третираат како секундарни проблеми. Пациентите треба да избегнуваат аспирин и други нестероидни антиинфламаторни лекови, како и стимуланти како кофеин, избегнување на бучава и избегнување на стрес. За да се намали зуењето се користат неколку типови на лекови:

  • Антидепресиви – Трициклични лекови се користат кај пациенти со тешки симптоми со различен ефект. Тие делуваат кај пациенти со нарушување во спиењето кои немаат мускулоскелетни нарушувања. Улогата на селективни серотомин инхибитори сè уште се испитува.
  • Бензодиазепини – Рандомизирана, двојно слепа плацебо контролирана студија покажала дека алпразолам може да помогне во 75% кај пациенти со тинитус, иако има други студии кои покажале дека бензодиазепини не се ефикасни и треба дополнително да се тестираат.
  • Високи дози на лидокаин – Иако е забележано дека лидокаинот даден краток временски период интравенски може да го намали тинитусот, неговите потенцијални нусефекти го лимитираат неговото давање.
  • Контрола на постоечките инхалативни и нутритивни алергии, цинк и гинко билоба кај некои пациенти помогнале во намалување на тинитусот.

ТРЕТМАН БЕЗ „ЛЕКОВИ“

Постојат неколку методи кои нудат успех кај пациентите кои долготрајно се жалат на присуство на тинитус меѓу кои е и хипнотерапијата. Доколку овие методи не дадат резултати, на пациентите им се препишуваат лекарства. Маскирање – Користењето на звук да го прекрие тинитусот е главниот начин за третман на тинитус. Дали ќе се користи радио како начин на маскирање или слушни апарати со маскирен ефект, е метода на избор. Тинитус „ритрејнинг“ терапија – Овој третман има за цел со повторување на слаб широкоспектрален звучен генератор, пациентите да се навикнат и да станат помалку свесни за тинитусот. Слабоста на оваа терапија е што е потребно до 1,5 година да се комплетира, со минимум ефект по 6 месеци. Електрична стимулација – Кај овој вид терапија се користи наизменична струја со стимулација на 20 места на поединечно уво од околу 30 секунди. За жал, кај некои пациенти овој вид третман покажал влошување на тинитусот.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт