Почетна » Блог » Уво, нос и грло » НЕТРЕТИРАНИ БОЛЕСТИ НА УВОТО ПРИЧИНА ЗА ГУБЕЊЕ НА СЛУХОТ

НЕТРЕТИРАНИ БОЛЕСТИ НА УВОТО ПРИЧИНА ЗА ГУБЕЊЕ НА СЛУХОТ

Сподели

Голем број фактори може да бидат причина за губењето на слухот. Д-р Македонка Николова, оториноларинголог, вели дека постојат неколку типови на губитокот на слух: Проводна наглувост, која се базира на механички проблем со спроведување на звучните вибрации. Сензонеурална наглувост, која се јавува поради генерирање или на трансмисија на нервните импулси од внатрешното уво до мозокот. Мешана наглувост е комбинација на претходните две. Степенот на оштетување на слухот и одредувањето на типот на наглувост се одредува со аудиограм. Треба да се направи разлика за каков вид наглувост се работи бидејќи проводната наглувост може да се поправи со медикаментозна терапија или хируршка интервенција.

ОД ШТО СЕ СОСТОИ И КАКО ФУНКЦИОНИРА УВОТО?

Увото има три дела: Надворешно уво – ушна школка и надворешен ушен канал. Средно уво – тапанче, слушни ковчиња, просторот на средно уво и мастоидни келии исполнети со воздух. Внатрешно уво – органот за слух и органот за рамнотежа. Звучните бранови низ надворешниот ушен канал се пренесуваат преку тапанчето, слушните ковчиња до органот за слух и потоа како нервни импулси се генерираат низ слушниот нерв до мозокот.

ШТО ЈА ПРЕДИЗВИКУВА ПРОВОДНАТА НАГЛУВОСТ?

Проводната наглувост е резултат на заболувања на надворешното и средното уво.

1.Проблеми со структурите на надворешното уво

Опструкција со ушна маст – се дијагностицира со преглед и може да се отстрани од оториноларинголог. Може да се формира чеп што се јавува и од многу чистење со ушни стапчиња. Воспаление на надворешниот канал – пливачко уво што се јавува поради инфекција од вода. Се јавува болка и осетливост со проводна редукција на слух доколку има јак оток на надворешниот ушен канал.

Туѓо тело во надворешниот ушен канал – се дијагностицира со преглед, и се отстранува од страна на оториноларинголог. Кај деца најчесто се зрна од растително потекло и играчки и се отстрануваат со краток вовед во анестезија. Кај возрасни може да биде остатоци од памук од стапчиња за уши или инсекти.

Коскени израстоци во надворешен ушен канал – тоа се бенигни коскени израстоци што доведуваат до стеснување на каналот со честа опструкција од ушна маст. Се отстрануваат со хируршка интервенција.

Атрезија на надворешен ушен канал – комплетна малформација на надворешниот ушен канал која може да оди со малформација и на ушната школка. Се дијагностицира при раѓање и може да биде поврзано и со малформации и на други органи. Се решава со хируршка интервенција или со пласирање инпланти за коскена вибрација.

2.Проблеми со структурите на средното уво

Течност во средното уво или инфекција на средното уво – просторот на средното уво кое нормално е исполнето со воздух може да биде исполнето со течност.

Акутен отитис медија – инфекција на средното уво што се јавува нагло, со болка и понекогаш со покачена температура. Се лекува со медикаментозна терапија и ретко има потреба од хируршко лекување.

Серозен отитис медија – секрет од средното уво без знаци на акутна инфекција кое може да следува по акутен отитис медија или поради нарушување на функцијата на Евстахиевата туба (канал што го поврзува средното уво со епифаринксот). Се третира со медикаментозна терапија или со пласирање на вентилациони цевчиња.

Хроничен отитис медија е долготрајно воспаление на средното уво со оштетување на тапанчето и слушните ковчиња и за кое е потребно хируршко лекување.

Ателектаза или ретракција на тапанче – поради долготрајна лоша функција на Евстахиевата туба која резултира со негативен притисок во средното уво и појава на колапс на тапанчето во просторот на средното уво. При тежок степен потребна е хируршка интервенција тимпанопластика.

Перфорација на тапанче – претставува дупче што настанува поради инфекција и траума. Се затвора со хируршка интервенција тимпанопластика.

Холестеатом – бенигна колекција на епител кој може да предизвика деструкција на структурите на средното уво и ако не се реши хируршки, може да предизвика сериозен проблем. Се јавува најчесто поради колапс на тапанчето со колекција на епител. Се решава исклучително со хируршка интервенција.

Оштетување на осикуларен синџир – слушните ковчиња може да се оштетат од траума, инфекција, холестеатом. Меѓутоа, со хируршка реконструкција може да се реши проводната наглувост во најголем број случаи.

Отосклероза – генетски предиспозиционирана болест кај која коската околу третото слушно ковче се стврднува и истото не може да вибрира и да ги пренесува звуците кон внатрешното уво. Перцепторната наглувост постепено прогредира во средна возраст. Проводната наглувост кај оваа болест се решава со слушен апарат и со хируршка интервенција на пласирање на протеза.

Најди доктор Закажи преглед Контакт