Почетна » Блог » Уво, нос и грло » Воспаленото уво може да ви го уништи одморот

Воспаленото уво може да ви го уништи одморот

Сподели

Летните месеци се период на годишни одмори, период кога сите уживаме во топлото време, а пливањето е една од нашите омилени активности. Преголемото количество влага во слушниот канал, во комбинација со малите гребнатинки на кожата на каналот кои ги предизвикуваме при чепкање на ушите со памучни стапчиња или различни предмети создаваат идеални услови за развој на воспаление.
Пред поаѓање на годишен одмор, посетете го вашиот оториноларинголог. Тој ќе ја провери состојбата на вашите уши и ќе ви даде практични совети како да се заштитите од несакани инфекции кои можат да ви го искомплицираат годишниот одмор.

1. Симптоми

На почетокот воспалението се манифестира со чешање во увото, оток и чувство на полност на увото. Набрзо потоа се јавува остра пулсирачка болка, особено при притисок на предниот и долниот дел на ушната школка. Ушната школка може да поцрвене и да отече, а понекогаш се јавува и исцедок од увото. Во потешките случаи се јавува и покачена температура и треска.

2. Превенција

За да се спречи појавата на воспаление на слушниот канал потребно е да се внимава на неколку моменти. По пливањето да се избрише и исуши надворешниот дел од увото со мека памучна ткаенина. Доколку во каналот остане влага, да се навали главата на страна за да се исцеди вишокот вода. Ушите може да се исушат и со фен вклучен на најмала брзина и поставен на триесетина сантиметри од увото. Не се обидувајте да го исушите или исчистите каналот со памучни стапчиња, шноли или слично. Малите гребнатинки на кожата на каналот настанати при ваквите обиди помагаат во ширењето на инфекцијата. Пред да појдете на годишен одмор, посетете го вашиот оториноларинголог. Тој ќе ја провери состојбата на вашите уши и ќе ви даде практични совети како да се заштитите од несакани инфекции кои можат да ви го искомплицираат годишниот одмор. Користење на силиконски оптуратори кои го штитат увото од влага може да биде корисно, особено кај оние кои веќе имале воспаление на слушниот канал.

3. Лекување

Лекувањето на воспаленијата на слушниот канал зависи пред сé од интензитетот на болката и тежината на симптомите. Во најголем број случаи доволни се антибиотски капки во комбинација со кортикостероид. Капките се аплицираат неколкупати дневно во период од 7 до 10 дена. Доколку се појави силна болка и покачена температура, најдобро е веднаш да побарате лекарска помош.

Најди доктор Закажи преглед Контакт