Почетна » Блог » Уво, нос и грло » ВОСПАЛЕНИЕ НА СИНУСИТЕ- КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ СИМПТОМИТЕ?

ВОСПАЛЕНИЕ НА СИНУСИТЕ- КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ СИМПТОМИТЕ?

Сподели

Синузитисот е воспаление на синусите, кои се шуплини во коските на лицето. Причинители најчесто се вирусни и бактериски, а поретко габични инфекции, алергии и иританти. Оториноларингологот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, д-р Македонка Гарванлиева-Николова, појаснува дека во зимскиот период воспаление на синусите се јавува поради ладното време, промените на воздухот од топло и ладно, затворен простор без проветрување. Зимскиот синузитис, како што додава, може да биде причинет и од алергии и назални полипи. „На почетокот почнува како настинка, со што слузницата во носот и синусите отекуваат. Синусните отвори се затвораат, се нарушува дренажата и почнува секрет да се собира во нив. Тоа е добра подлога за бактериите да се размножуваат и да предизвикаат воспаление“, вели д-р Гарванлиева-Николова. Синузитите се класифицираат како акутни воспаленија, супкутани и хронични, во зависност од траењето на симптомите. Кај хроничниот синузитис воспалението се задржува 12 недели или повеќе. Типични симптоми на отечени и болни синуси се главоболка во пределот на локализацијата на синусите, осетливост на допир во пределот на синусите, болка или притисок во синусите, затнат нос или течење на носот, а се јавува и покачена температура, треска, болка во грлото и чувство на притисок во очите. Д-р Гарванлиева-Николова посочува дека неретко при воспаление на синусите се јавува и оток на лицето.

Воспаленијата на синусите се дијагностицираат преку податоци земени од пациентите и преглед направен од ОРЛ-специјалист. Д-р Гарванлиева-Николова нагласува дека од исклучителна важност е синузитисот да се открие навреме и правилно да се лекува, како кај возрасните така и кај децата. Во спротивно, постои опасност дека состојбата ќе премине во хронична. Хроничниот синузитис понатаму претставува ризик за појава и на некои други заболувања. „Синузитот се лекува во зависност од причинителот. Се користат деконгестивни капки во нос, аналгетици, антихистаминици и локални кортикостероиди ако причинител е алергиска реакција, антибиотици се даваат само ако се работи за бактериска инфекција. Терапијата мора да биде дадена од медицинско лице“, вели д-р Гарванлиева-Николова. При воспалението на синусите многу е важно да се одржува влажноста на воздухот во просториите во кои се престојува и истите редовно да се проветруваат или вентилираат.

КОГА Е ПОТРЕБЕН ОПЕРАТИВЕН ЗАФАТ?

Понекогаш полесните акутни форми, кога симптомите не се многу изразени, можат спонтано да се излекуваат. Најчесто се користи симптоматска терапија со која се олеснуваат симптомите. Но, кога медикаментозната терапија подолго време не дава ефект, најверојатно е потребна операција. Операција е индицирана и кога постои опасност од ширење на инфекцијата или кога се присутни полипи кои ги блокираат носните канали. Д-р Гарванлиева-Николова советува при воспаление на синусите да се избегнуваат драстични температурни разлики и да не се престојува на загаден воздух и магла. Како надворешен фактор што често придонесува да дојде до воспаление на синусите се посочува и пушењето, односно чадот од цигарите, затоа оториноларинголозите советуваат доколку имате воспалени синуси да се откажете од пушењето.

 

Најди доктор Закажи преглед Контакт