/Д-р Христовски: Работата со деца и рекреативното трчање – мојата најголема пасија

Д-р Христовски: Работата со деца и рекреативното трчање – мојата најголема пасија

Сподели

Во пресрет на Скопскиот маратон разговаравме со д-р Антони Христовски, педијатар, кој е првиот член на тимот рекреативни тркачи на Клиничка болница „Аџибадем Систина“. Во својата професија меѓу дечињата е познат повеќе од 25 години, а љубовта кон трчањето се појавила уште во детството. 40 години рекреативно се занимава со трчање, а зад себе има вкупно има 6 полумаратони. Вели дека ова е спорт што го исполнува и секое слободно време го користи за трчањето. Колегите, пак, за него велат дека тој е основачот на групата и мотивот за многумина од нив да се приклучат. Горди се на него, бидејќи го има постигнато најдобриот резултата во целата група која брои повеќе од 80 членови.

Од кога се занимавате со трчање и од каде љубовта?

Љубовта и желбата за спорт кај мене се јавија уште од најмала возраст. Во основно училиште, прво активно се занимавав со фудбал и членував во ФК Вардар, а потоа продолжив во ателтски клуб „Вардар“ на дисциплина 800-1500 метри. Со текот на годините љубовта кон рекреативното трчање преовладуваше како индивидуален спорт. Нема потреба од поголеми организации, поедноставно е кога се работи за индивидуален спорт и во секое време можам да тренирам и да вежбам.

Со колку километри почнавте?

Прво почнав на пократки патеки од 800,1500 метри до 3 километри – средни патеки, а потоа кон крајот на гимназиските денови видов дека повеќе ме исполнуваат долгите патеки и почнав да трчам на 5 и 10 километри. Како што поминуваше времето така и должината на патеки се зголемуваше. За денес да трчам на 21 километар.

Колку често трчате?

Три до четири пати неделно посветувам време на трчањето. Од март до ноември редовно сум на кеј или во градскиот парк. Близината на Градскиот парк ми е дополнителна мотивација слободното време да го поминувам во трчање. За жал, поради аерозагадувањето прекинувам со трчањето во зимските месеци, па тогаш одам на Водно.

Работа во смени, дежурства … кога наоѓате слободно време за себе?

Кога се сака сè се може. Обично кога сум прва смена или не сум на дежурство или за време на слободните викенди. Тоа е предноста на индивидуалниот спорт, не зависиш од други луѓе. Излегуваш од дома и се посветуваш на трчањето.

Најбитно е да си поставите цел

Со оглед на тоа што овој спорт бара подготовки за она што си го потцртал да го оствариш. Тоа е огромно лично задоволство, овој спорт е за лични достигнувања, не за луѓето околу себе. Најголемите бенефити се здравствените и психичките. Сите спортови со себе носат подигнување на хормоните на среќа, па сите спортисти се чувствуваат многу подобро по завршување на трката, натпреварот. Без разлика какви се резултатите. Задоволството е уште поголемо ако постигнете добар резултат, знаете дека тоа го правите за себе. Пред секоја трка си поставувам цел, некогаш се случува да се преценам, некогаш да се потценам. Но најбитно од сè е да имате цел. Си зацртуваме брзина, постигнати километри.

Интезивни тренинзи пред секој маратон

Пред маратон имам поинтензивни тренинзи. Претходно трчам рекреативно, а за полумаратон се бара најмалку три месеци поинтензивно подготвување. Во овој период внимавам и на исхраната. Пред самата трка најчесто внесувам поголемо количество јаглени хидрати за да се зголемат резервите на јаглени хидрати, а интензивните тренинзи се прекинуваат седум дена пред маратон. Мојот најдобар резултат е 1 час 51 минути 50 секунди. Ова е одличен резултат за луѓе кои рекреативно поинтензивно се занимаваат со трчање.  Го постигнав пред две години.

 

Очекувањата за овој маратон?

Подготвен сум, голем е мотивот поради огромниот број учесници кои се пријавени оваа година. За мене најважно е успешно да ја истрчам целта со добро темпо. Многу ми е мило што овој спорт доби на масовност. Одличен е за психичкото и физичкото здравје, не е поврзан со материјални средства за опрема, изнајмување сала. Потребна е само љубов кон спортот. Добрата страна е и тоа што со овој спорт запознаваш многу луѓе со кои имаш слични интереси. Посебно ме мотивира тоа што и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ има еден голем тим луѓе од сите профили кои се заљубени во овој спорт.  Меѓусебна поддршка сме си, зближени сме меѓу себе, учествуваме на хуманитарни трки и го интензивираме спортот. Среќа е да имаш такви колеги покрај себе.