/Нормален ритам на срцето за време на вежбањето

Нормален ритам на срцето за време на вежбањето

Сподели

Пред да се посветите на вежбање задолжително консултирајте се со својот лекар за тоа кој начин на вежбање најдобро ќе ви одговара  вам, односно на психо-физичката состојба на вашиот организам.

Ќе наброиме неколку основни и корисни информации во врска со работата на срцето  во текот на вежбањето и параметрите кои е неопходно да се следат со цел да имате здрава и оптимална физичка активност.

Кај возрасните, нормалната вредност на пулсот додека се во мирување треба да изнесува од 60 до 100 отчукувања во минута. Кај професионалните спортисти нормалниот пулс може да биде околу 40 отчукувања во минута. Понискиот пулс обично подразбира поефикасна и подобра срцева функција на кардиоваскуларниот систем.

За да ги проверите отчукувањата на срцето, едноставно проверете го пулсот. Свртете ја дланката нагоре, ставете два прста на зглобот на палецот или ставете ги врвовите на трите средни прста на вратот од страната на душникот. Кога ќе го почувствувате пулсот, избројте го бројот на отчукување во 10 секунди. Времето следете го на тајмер или на часовникот на другата рака. Помножете го добиениот број со 6 за да го добиете бројот на отчукувањата на срцето во една минута.

Имајте на ум дека многу фактори влијаат врз отчукувањата на срцето, и тоа:

–          Нивото на активност
–          Нивото на кондиција
–          Температурата на воздухот
–          Положбата на телото
–          Емоциите
–          Употреба на некои лекови

Иако границите на нормалната работа на срцето се широки, премногу висок или низок пулс може да укажува на некои проблеми. Па затоа, доколку вашиот пулс изнесува над 100 отчукувања во минута додека мирувате (тахикардија) или е под 60 (брадикардија), а особено ако имате несвестици, вртоглавици или чест замор, задолжително обратете се кај доктор.