Почетна » Блог » Wellness » Исхрана и нутриционизам » КИНОА – ЖИТАРКА НА 21 ВЕК

КИНОА – ЖИТАРКА НА 21 ВЕК

Сподели

Киноата (Chenopodium quinoa) претставува псеудо-житарка што потекнува од Андите, некои ја нарекуваат  „златно зрно“, а овој епитет се должи на нејзиниот исклучителен нутритивен состав. Нутриционистот Ана Антовска објаснува дека таа е богата со висок процент на флавоноиди, вклучувајќи ги кверцентинот и кампеферлот, кои превенираат воспаленија, вирусни инфекции и имаат антиканцерогени и антидепресивни својства.

Придобивки од киноата

Истражувањата покажуваат дека 100 грама сирова киноа содржи 10-16 грама растителни влакна, а со тоа, има примарно место меѓу житарките. Таа е одличен извор на протеини (во 100 грама има 4,5 грама протеини) и за разлика од другите житарки, ги содржи сите есенцијални аминокиселини.

Киноата е безглутенска житарка и како таква претставува одличен избор за они кои имаат целијакија или се интолерантни на глутен. Богата е со минерали како што се: калиумот, цинкот, железото, а особено изобилува со магнезиум. Оваа житарка претставува богат извор на антиоксиданси, а нивниот процент се зголемува со нејзино`ртење.

Научни истражувања кај луѓе и глувци покажуваат дека киноата може да го подобри метаболизмот, да го намали нивото на гликоза, инсулин и триглицериди во крвта. Високиот процент на растителни влакна и релативно нискиот гликемски индекс ја прават задолжителна намирница во исхраната при редукација на телесната тежина.

Како се подготвува?

Постојат бројни рецепти по кои можете да ја зготвите, но важно е да знаете дека пред употреба мора да се измие, заради тоа што содржи сапонин, супстанција која на јадењата им дава горчлив вкус. Исто така, задолжително е да се покисне во ладна вода, барем еден час пред термичка обработка, бидејќи киноата содржи фитинска киселина – антинутриент                   (застапена во многу намирници од растително потекло), која во организмот за себе ги врзува фофорот, калциумот, железото и други минерали, а со тоа ја намалува нивната апсорпција и искористливост.

При готвење не е потреба употреба на голема количина киноа, бидејќи со термичка обработка се зголемува количината, односно од една супена лажица сирова киноа се добиваат три лажици. Односот со водата треба да биде 1:2. Оптимално време потребно за готвење е 10 до 15 минути, во ладна вода.

Пригодна за секој оброк

Можете да ја користите како салата, главен оброк, десерт и да ја комбинирате со широк спектар намирници.

                Киноа со зеленчук и пилешко месо  

Потребни состојки:

  • 30 грама киноа
  • 1 парче пилешки стек
  • ½ тиквичка
  • ½ морков
  • 1 парче зелена пиперка
  • 1/3 краставица
  • 1/3 домат
  • 20 мл маслиново масло
  • малку сол, црн пипер
  • соја сос и магдонос по желба

Начин на подготовка :

Киноата се вари, процедува и се остава да се олади. Пилешкиот стек се динста на грил-тава без маснотија. Зелечнукот се сече на тенки ленти и се динста со маслото во грил-тава. Најпривн се третираат пиперката и морковот, а потоа се додава остатокот од зеленчукот, кој треба да остане крцкав. Се додаваат пилешкото и киноата. Се зачиниваат со соја-сосот, солта и црниот пипер и на крај се додава магдоносот.

Пудинг од киноа со јаболко, банана и кокосово млеко

Потребни состојки:

  • киноа
  • ¼ јаболко
  • ½ банана
  • Путер од бадеми или кикиритки
  • Цимет, ванила или мускатно оревче
  • мед

Начин на подготовка:

Киноата се вари во кокосово млеко, содржината треба да биде потечна. Откако ќе се олади се додава ¼ јаболко и банана1/2 и една кафена лажица путер од бадеми или кикиритки. По желба може да се додаде цимет, ванила или мускатно оревче. Овој рецепт е одличен како појадок, но доколку сакате да го јадете како десерт, додадете една кафена лажичка мед.

Најди доктор Закажи преглед Контакт