/Помалку сол, повеќе здравје!

Помалку сол, повеќе здравје!

Сподели

Солта е „тивок“ непријател на современиот човек! Зголемената употреба на сол или „белата смрт“, како што некои ја нарекуваат, незабележително и секојдневно ни ги оптоварува бубрезите, срцето и крвните садови. Смртноста од овие заболувања во светот вртоглаво расте.

Како да ја спречите оваа „епидемија“ на модерното доба? Едноставно – внимавајте што јадете. Избегнувајте солена храна колку и да е вкусна!

Пресметајте го дневниот внес на сол

Секојдневно вклучете го вашиот „калкулатор за сол“ во храната што ја консумирате. Ако бројачот вели дека денеска сте внеле 2400 мг, тогаш вие сте го достигнале максимално дозволениот внес. Натриумот е составен дел на солта (нејзиното име и презиме е натриум хлорид) и во еден грам сол има околу 40% натриум. Лесно можете да пресметате дека дневниот внес на сол треба да изнесува најмногу 6 грама, што одговара на една кафена лажичка сол.

Но, како да се спасиме од оваа смртоносна зависност кога речиси 75% од солта која ја внесуваме со храната е „скриена“ во готовите или полуготовите производи што ни се нудат на пазарот? Еве неколку примери од секојдневието: во еден хамбургер има 7 грама сол (значи дека со еден изеден хамбургер сте внеле 7 Х 400 = 2800 мг натриум и сте го надминале дозволениот дневен внес на сол); во килограм леб има 5 грама сол (можеби затоа лебот е толку вкусен); во 100 грама шунка има 3,6 грама сол; во 100 грама сланина има 4,5 грама сол; во 100 грама виршли има 2 грама сол итн.

Внимавајте на декларациите на храната

Сега на вас е да пресметате колку сол внесувате дневно преку храната. Кога купувате храна секогаш настојувајте да ја погледате декларацијата за содржината на одделни хранливи материи во производот (маснотии, јаглени хидрати, протеини, холестерол, натриум). Забележете колку натриум ќе внесете во организмот со тој производ. Вклучете ги и овие бројки во вашиот „калкулатор за сол“ бидејќи тие ќе ви донесат поени со кои бргу ќе ја исполните вашата „квота“ на натриум за тој ден.

Намалете ја солта, живејте подолго

Треба да се нагласи дека „најранлива“ категорија од зголемен внес на сол се пациентите со срцева слабост, бубрежните болни, лицата со покачен крвен притисок и оние со црнодробна цироза. Кај оваа популација солта во поголеми количини може да биде смртоносна. Токму затоа кај оваа популација, според најновите препораки, дневниот внес на сол е ограничен на максимални 1500 мг натриум/дневно. Често овие пациенти го поставуваат прашањето: „Дали можам да користам замена за готварска сол која место натриум содржи калиум? Со овој тип сол, т.н. калиумова сол, овие пациенти треба да се бидат многу внимателни и да не ја користат без одобрение од лекар! Најновите медицински податоци велат дека со намалувањето на внес на сол на 3 до 4 грама на ден ризикот од кардиоваскуларна смрт ќе го намалите за 25%. Зарем ова не е доволен мотив веднаш да ја почнете вашата „пресметка“ со солта? Оваа акција треба да ја прифатат и да ја спроведуваат и вашите во семејството, на работа, на училиште, пријателите…. Има ли нешто подобро во медицината од превенција!

Неколку совети како да го намалите внесот на сол:

• Направете домашна супа со малку сол.

• Јадењата место со сол зачинувајте ги со бибер, лук, оригано, нане, босилек, мајчина душичка и други мирудии.

• Во салатите не ставајте сол, зачинете ги со лимон или оцет.

• Кога сте во ресторан нарачајте помалку солена храна.

Отстранете го соларникот од вашата маса!

• Кога купувате храна обрнете внимание на содржината на сол (натриум).

• Не консумирајте брза храна. Избегнувајте да купувате конзервирана или полуготова храна.

• Храната подготвувајте ја дома. Направете домашна супа со малку сол.

• Секојдневно намалувајте ја количината на сол во храната. За 8 до 12 недели ќе ги смените вашите навики, ќе се навикнете да јадете многу помалку солена храна.

ЗАПОМНЕТЕ! На листата на производи што содржат многу сол се: готови супи, коцки за супа, чипс, крекери, кечап, сосови, преливи за салати, колбаси, виршли, саламурени производи, сувомеснати, конзервиран зеленчук, сардини, некои видови кашкавал и сирење и многу други.