Почетна » Блог » Wellness » Исхрана и нутриционизам » СО ПРАВИЛНА И ЗДРАВА ИСХРАНА ДО СИГУРНО СЛАБЕЕЊЕ

СО ПРАВИЛНА И ЗДРАВА ИСХРАНА ДО СИГУРНО СЛАБЕЕЊЕ

Сподели

Покачената телесна тежина e навистина загрижувачки проблем, како во нашата земја така и во светски рамки. Многумина водат вистинска битка со цел губење на вишокот килограми. Но, најважно е да се тргне по вистинскиот пат за безбедно и сигурно да се стигне до целта. Голем дел од популацијата која се соочува со дебелина помош бара на интернет, следејќи различен вид достапни диети, како: хроно исхрана, палео диета, кето диета и др. , кои се достапни и кои на некого му донеле резултат, но многу е важно да се потенцира дека пред да се почне со промена на начинот на исхрана во прилог на редукција на вишокот килограми, треба да се одреди причината која довела до покачување на истата, советува нутриционистката од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, Ана Антовска.

Имено, вели таа, пред да се почне со слабеење многу е важно да се согледаат повеќе фактори кои може да ја загрозат тежината кај една индивидуа.

„Анамнестичкиот пристап при нутритивниот скрининг претставува единствен начин кој ја рефлектира вистинската слика за здравствената состојба кај еден поединец. За таа цел, генералните правила на одреден вид диети споменати погоре треба да се земаат со резерва, бидејќи секој начин на исхрана не е предвиден за сите, а со тоа може навистина да се наруши нечие здравје. Затоа, доколку се обратите кај професионалци во областа на исхраната, ќе бидете сигурни дека ќе ја намалите вашата телесна тежина и ќе го унапредите вашето здравје“, појаснува Антовска.

Влијанието на одредени фактори има есенцијално значење врз покачувањето на телесната тежина, и тоа: нивото на тироидните хормони, нивото на инслулинот во крвта, нивото на шеќерот во крвта, изложеноста на стрес,  нивото на пролактинот кај жените, нивото на кортизолот. За комплетирањето на нутритивниот скрининг, додава нутриционистката,  важни се податоците за начинот на исхрана, времето на внесување храна, хидрирањето на организмот, практикувањето на физичката активност, спиењето и слични фактори.

Со прескокнување на појадокот нема да ги симнете килограмите

„Добро е познато дека појадокот претставува исклучително важен оброк, кој не смее да се прескокнува. Ова особено се однесува на оние кои имаат покачено ниво на шеќер во крвта. Еден здрав начин на исхрана подразбира три главни оброци во текот на денот, каде што ќе бидат застапени протеини, сложени јаглехидрати, растителни влакна, незаситени масти“, потенцира Антовска.

Пробиотиците вклучени во исхраната ја подобруваат дигестијата, па поради тоа Антовска посочува дека задолжително треба да бидат вклучени, особено кога се има цел  намалување на телесната тежина.  Зеленчукот и овошјето се одличен извор на растителни влакна. Консумирањето на овошјето треба да биде умерено, односно да се внесуваат овошки со низок гликемски индекс, како и да се избегнува скробен зеленчук. Месото со низок процент на заситени масти, како пилешкото и мисиркиното, потоа рибата, треба секогаш да бидат вклучени во исхраната. Советува млечните производи да се консумираат умерено и да се внимава тие да бидат козји, бидејќи  го имаат приматот во однос на квалитетот, како и во однос на високиот процент на нивна ресорпција во нашиот организам.

„Што се однесува до житарките, тие треба да бидат целозрнести, исто така псеудожитарките, како просото, киноата, амарантот, хељдата, се одличен извор на сложени јаглехидрати, протеини и есенцијални масни киселини. Задолжително треба од исхраната да се исклучат процесираната храна, преработените месни производи, топените сирења, кондиторските производи, белото брашно, шеќерот, високиот процент на внес на сол, пржењето, рафинираните масла, газираните и алкохолните пијалаци“, вели Антовска.

Многу важно, додава таа, е и времето на внесувањето на последниот оброк, а тоа значи, зависно од индивидуални здравствени фактори – не подоцна од 19 часот.

Антовска потенцира дека хидрирањето на организмот и правилната исхрана претставуваат единствен начин за детоксицирање на организмот и унапредување на здравјето.

Најди доктор Закажи преглед Контакт