Почетна » Блог » Wellness » Исхрана и нутриционизам » ЗАЈАКНЕТЕ ГО ИМУНИТЕТОТ И НАМАЛЕТЕ ГО РИЗИКОТ ОД КОВИД-19 ИНФЕКЦИЈА

ЗАЈАКНЕТЕ ГО ИМУНИТЕТОТ И НАМАЛЕТЕ ГО РИЗИКОТ ОД КОВИД-19 ИНФЕКЦИЈА

Сподели

Во услови на пандемија на коронавирусот она што постојано се потенцира е дека треба да го подигнеме имунитетот со цел нашиот организам да може соодветно да се одбрани од вируси, инфекции и разни заболувања. Но, експертите објаснуваат дека силен имунитет не се создава преку ноќ, тој се гради подолг период и зависи од животните навики кои ги имаме, како исхраната, физичката активност, квалитетниот сон, изложеноста на стрес, злоупотребата на алкохолот и цигарите. Доколку лошите навики сèуште преовладуваат кај одредени поединци, сега, во време на пандемија од коронавирус, вистинско време е тие да се прекинат.

Нутриционистот Ана Антовска од Клиничката болница „АџибадемСистина“  објаснува дека правилната исхрана е исклучително важен фактор за подобрување на имунитетот. Тоа подразбира редовни оброци во текот на денот, односно задолжително да се внесуваат трите главни оброци(појадок, ручек, вечера) и да бидат вклучени две овошни ужини. Изборот на намирници е многу важен, но и количината на храна штоја консумираме. Во ова време на изолација, сите сме подолго од претходно во нашите домови, а со тоа готвењето претставува една од главните преокупации на секое семејство. Тоа може да доведе и до прекумерно внесување храна, што може да резултира со намалување на имунитетот.

Се препорачуваат здрави и редовни оброци, витамини и многу вода

„Во исхраната треба задолжително да бидат вклучени свежото овошје и зеленчук. Намирници кои го подобруваат имунитетот во овој пролетен период имаме во изобилие. Цитрусното овошје сèуште е застапено на нашиот пазар, изобилува со витамин Ц, кој е есенцијален во зајакнувањето на имунитетот, потоа младиот лук, свежите печурки, брокулите, зелката, ѓумбирот (убаво е да се пие чај од ѓумбир со лимон), рибата, јаткасите плодови, спанаќот, пробиотските јогурти, како и домашно приготвениот ферментиран зеленчук, кој исто така е богат со пробиотици, кои се еден од важните фактори во зачувувањето и зајакнувањето на имунитетот“, вели Антовска.

Хидрирањето на организмот претставува императив. Водата е најсовршениот пијалак. Секако негазирана, треба да биде застапена во количина од 1,5 литри најмалку во текот на денот.

Избегнувајте конзервирана, пржена и храна со адитиви

Задолжително од исхраната треба да биде исклучени белиот шеќер, белото брашно, сите пакувани производи кои содржат многу сол, адитиви, конзерванси и транс масти. Ова особено се однесува на најмладата популација. Месото може да се внесува највеќе двапати неделно и тоа да се избегнува мрсното пржено месо и месните преработки кои содржат многу сулфати, сулфити, нитрати, нитрити, како и конзерванси кои штетно влијаат врз нашиот организам. Во исхраната треба да бидат вклучени незаситени масни киселини кои ги има во јаткастите плодови, рибата, како и во нерафинираните масла, како маслиновото.

Безбедно подготвувајте ја храната

Правилната исхрана не секогаш претставува и безбедна исхрана. Тоа подразбирамикробиолошки чиста храна, односно свежата треба да биде добро измиена, додека продуктите од животинско потекло, како месото, рибата, јајцата, како и млечните производи, треба да бидат квалитетни, со добар рок на траење.

За совршен сон, пред спиење земете некоја од овие намирници: вишни, цреши, киви, пробиотскијогурт, бадеми или чај од камилица, лаванда или маточина. Дополнително практикувањето физичка активност со умерен интензитет во домашни услови, ќе придонесе за подобро физичко и ментално здравје.

Најди доктор Закажи преглед Контакт