Коронарното срцево заболување, во многу земји во светот, вклучувајќи ја и нашата, е најчесто заболување на срцето. Се јавува како последица на недоволната васкуларизација на миокардот поради опструктивна болест на коронарните артерии. Акутниот инфаркт на миокардот, како главна појавна форма, се карактеризира со изразито висок морбидитет, инвалидитет, морталитет и со нагласена преваленција и акциденција на светско ниво. Коронарната артериска болест, како клинички ентитет мора да се разликува од патолошкиот процес кој лежи во нејзина основа, а тоа е процесот на атеросклерозата на коронарните крвни садови.
Коронарното срцево заболување може подолго време да биде асимптоматско, но може и да се манифестира со градна потешкотија, отежнато дишење, замор и градна болка.За жал, може да дојде до инфаркт на срцето или појава на нагла срцева смрт, без претходно да се појават позначајни симптоми.
Постојат повеќе фактори на ризик кои можат да доведат до појава на коронарна срцева болест или на срцев инфаркт. Тие генерално се делат на фактори на кои не може да се дејствува, како што се полот, возраста, генетската предиспонираност, и на фактори на ризик на кои можеме да дејствуваме, односно можеме да ги превенираме, третираме и контролираме – тука спаѓаат пушењето, патолошките вредности на маснотии во крвта, зголемениот крвен притисок, шеќерната болест, прекумерната телесна тежина и физичката неактивност..
Дали стилот на живеење и на однесување може да влијае на коронарното срцево заболување?
Начинот на однесување и денешниот животен стил на повеќето луѓе, групата на персоналните карактеристики, вклучувајќи ја и претераната ангажираност , желбата за натпреварување и континуираниот стрес, се поврзани со зголемен ризик за појава на оваа болест, за жал, сè почесто во пораната возраст.
Кое е значењето на превентивните мерки за навремена дијагноза и за соодветна терапија на ова заболување?
Со оглед на сериозноста на заболувањето, неопходни се превентивни кардиолошки прегледи, што вклучува процена на коронарниот ризик направена од стручно лице. Треба да се проценат вредностите на крвниот притисок, вредностите на мастите, вклучувајќи ја и вредноста на генетски предодредениот Lp(a), кој е одговорен за појавата на срцев инфаркт и мозочен удар во раната возраст, како и вредностите на шеќерот во крвта. Потоа, се препорачува интензивна модификација на стилот на живеење и на ризичните фактори, вклучително и употреба на соодветни лекови.
Како да знаеме дека припаѓаме во ризична група за појава на коронарно срцево заболување?
Мажите носат поголем ризик од коронарно срцево заболување, додека пак ризикот кај жените се зголемува по настапување на менопаузата. Доколку се работи за жени кои пушат цигари, овој ризик се зголемува и пред менопаузата, поради намалување на протективниот HDL холестерол.Генетската предиспонираност, исто така, Ве става во поризична група. Доколку имате повеќе од модифицирачките ризични фактори, се вбројувате во поризична група.
Што треба да направиме за да спречиме појава на коронарна срцева болест и на инфаркт на срцето?
Промената на животниот стил може да го превенира ова заболување. Тоа подразбира контрола на телесната тежина, прекин на пушењето, здравата исхрана и зголемување на физичката активност.Треба да се прават кардиолошки контроли уште пред појавата на одредени симптоми. Доколку се најдат нарушувања, треба навремено да се започне со лекување. Индивидуалниот одговор на стресот може да биде дополнителен фактор на ризик. Луѓето кои се изложени на континуиран стрес најчесто конзумираат поголемо количество храна, пушат повеќе цигари, пијат повеќе алкохол, кој од своја страна може да го зголеми крвниот притисок, да предизвика срцева слабост или да доведе до срцев удар.