Акутното воспаление на внатрешната обвивка на колкот (синовија) при која се собира поголема количина на зглобна течност е една од најчестите причина за болка во колковите кај децата. Зголемената количина на течност во зглобовите води до зголемен притисок на тоа место и затоа се јавува и болката.Се јавува на возраст од 3-10 години, и тоа двојно почесто кај машките отколку кај девојчињата. За среќа, станува збор за минлива состојба која не остава никакви последици.
Што може да биде причина за болка?
Причините за акутното воспаление на колкот кај децата не се познати, но се претпоставува дека се работи за вирусно воспаление бидејќи често се јавува по претходна фебрилна состојба, инфекција на горно респираторните патишта, бронхит или пнеумонија. Можно е ова заболување да се јави и по примена вакцина, а причина може да биде и претходна повреда на детето.
Кои се симптомите?
Болеста се манифестира со нагла болка во колкот, но има случаи кога децата се жалат на болки во натколеницата или во коленото. Некои деца поради болките не сакаат да застанат на нога и да одат, најчесто откако ке станат од спиење. Децата криват кога одат или ногата ја виткаат во колкот и коленото, отворена кон надвор, позиција во која притисокот на колкот е најмал. Ако на состојбата и претходела инфекција на дишните патишта или увото може да се јави и мала тепература до 37,5 степени.
Кога ќе се забележат вакви тегоби детето веднаш треба да се однесе на преглед кај специјалист. Се препорачува да се направи анализа на крвта со цел да се исклучи бактериското воспаление или ревматско заболување. Прегледот кај специјалист вклучува и ехо на колкот со цел да се види во каква состојбата е обвивката на колкот и количината на изливот во колкот.
За да се исклучат други посериозни состојби на колкот и карлицата се прави ренген снимка која се повторува по 6 месеци. Целта е да се исклучи Пертесовата болест на колкот при која доаѓа до трошење на главата на бутната коска заради пореметено снадбување со крв на истата. Се претпоставува дека повторувани воспаленија можат да доведат до Пертесова болест заради повторувачки притисок врз главата на бутната коска. Понекогаш е потребно да се направи и магнетна резонанца на колкот.
Колку е сериозно и како се лекува?
Ова заболување на колкот може да се повлече спонтано, без лекување, ако е во полесна форма. Основна препорака во лекувањето е мирувањето. Детето не смее да има интензивни физички активности, како трчање или скокање, со цел дополнително да не се оштетат воспалените делови на колкот. Се дава благо антивоспалително средство кое ќе го смири воспалението, отокот и болката. Антибиотик се дава по оценка на лекарот, после прегледот и направените иследувања, за да се излекува предходно бактериско воспаление и да се превенира бактериска суперинфекција. Контрола кај детето се прави по 3 – 5 дена од првите симптоми.
Доколку детето добие висока температура и влошување на симптомите треба веднаш да јавите на лекар. Вообичаено симптомите се повлекуваат по 2 – 3 дена од почетокот на лекувањето, иако изливот во колкот може да биде присутен 7-10 дена, па затоа и лекувањето се продолжува во тој период, а по потреба и подолго. Контролите се прават додека потполно не исчезнат симптомите. Компликации од оваа болест се многу ретки. Пертесовата болест се јавува кај 1- 3% од децата што имаат транзиторни синовиити.
Акутното воспаление на колкот може повторно да се јави, најчесто кај малите деца, во период од 6 месеци од предходното воспаление. Ова се случуваат кај 4 – 17 % од децата. Излекувањето од оваа болест е целосно и најчесто без последици по колкот на детето.