Д-Р МУРАТОВСКА СОВЕТУВА КАКО ДА СЕ ЗАШТИТАТ ПАЦИЕНТИТЕ СО НАРУШЕНА ТИРОИДНА ЖЛЕЗДА ОД КОРОНАВИРУСОТ

Пандемијата со коронавирусот несомнено предизвика страв и паника кај лицата кои немаат здравствен проблем, а особено кај пациентите кои се соочуваат со одредено нарушување на здравјето. Во таа насока, со д-р Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина и тироидолог од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, ги одговоривме најчестите прашања за можното влијание на коронавирусот на пациентите кои живеат со нарушувања на тироидната жлезда.

„Ковид-19 е предизвикан од нов вирус, така што засега нема доволно информации за тоа како тоа влијае на лицата со болести на тироидната жлезда. Сепак, заболувањата на тироидната жлезда не е познато дека се поврзани со зголемен ризик од вирусни инфекции во целина, ниту, пак, постои поврзаност помеѓу заболување на тироидната жлезда и сериозноста на вирусната инфекција“, вели д-р Муратовска.

Д-р Муратовска, дали лицата со автоимуна болест на тироидната жлезда имаат зголемен ризик од инфекција со Ковид-19?

Она што е јасно е дека лицата со автоимуна болест на тироидната жлезда не се имунокомпромитирани. Делот на имунолошкиот систем кој е одговорен за автоимуните состојби на тироидната жлезда е одвоен од имунолошкиот систем кој е одговорен за борба против вирусни инфекции, како што е Ковид-19. Пациентите кои се класифицирани како имунокомпромитирани, т.е. со ослабен имунолошки систем, обично се оние со болести како што се леукемии, ХИВ или СИДА, или оние кои примаат високи дози лекови како што се стероиди, имуномодулаторни лекови за ревматоиден артритис или мултиплекс склероза, хемотерапија кај карциномите или по трансплантација на органи.

Исто така, нема докази дека пациентите кои примиле терапија со радиојод или имале операција на тироидната жлезда од која било причина се изложени на зголемен ризик од вирусни инфекции, а со тоа и на Ковид-19 инфекција.

Како делуваат лековите за нарушена тироидна жлезда врз имунитетот на пациентот?

Ниту левотироксинот (кој се прима за намалена тироидна функција), ниту карбимазолот или пропилтиурацилот (кои се примаат за забрзана тироидна функција), не се имуномодулаторни лекови, т.е тие не го менуваат ниту го ослабуваат имунолошкиот систем. Сепак, некои луѓе со болест на тироидната жлезда кои примаат големи дози на стероидни лекови (тоа се најчесто пациенти со егзофталмус или испакнати очи кај Базедовата болест) може да имаат потиснат имунолошкиот систем и треба да бидат многу повнимателни во оваа состојба. Кај некои од овие случаи, ако е возможно, може да се размисли за привремен прекин на терапијата со голема доза на стероиди, додека не заврши пандемијата. Ова ќе зависи од сериозноста на проблемот со очите и во консултација со вашиот лекар.

НЕСАКАНИОТ ЕФЕКТ НА АНТИТРОИДНИТЕ ЛЕКОВИ МОЖЕ ДА МАНИФЕСТИРА СЛИЧНИ СИМПТОМИ НА КОВИД-19

Антитироидните или тиреостатските лекови (лековите за хипертиреоза) не е познато дека го зголемуваат ризикот од инфекција, освен ако нивната примена не предизвикала состојба на „агранулоцитоза“, која е понекогаш несакан ефект од терапијата. Ова е многу редок несакан ефект на антитироидните лекови, што се јавува кога драматично се намалува бројот на белите крвни клетки во организмот. Истражувањата покажуваат дека шансата за лице кое прима тиреостатска терапија да развие агранулоцитоза е помеѓу 0,2-0,5%. Обично е следена со болка во грлото, улкус на устата, треска, т.е. симптоматологија слична на грип.  Симптомите на агранулоцитоза може да се поклопуваат со симптомите на инфекција Ковид-19 (треска, кашлица) што го прави потешко диференцирањето на двете состојби според клиничката слика. Се препорачува кај пациенти кои примаат ваква терапија и развиваат симптоми да се прекине тиреостатикот и итно да се направи диференцијална крвна слика и евентуално тестирање за Ковид-19. Во случај да не може да се направи диференцијална крвна слика, се предлага пациентите да престанат со тиреостатската терапија околу една недела за да се види дали симптомите ќе се променат (подобрат или влошат). Ако симптомите во тој период на прекин на терапијата се влошат, пациентот треба да побара итна медицинска помош. Во сите други околности пациентите не треба да престанат да земаат антитироидни лекови, освен ако не е поинаку назначено од страна на лекар. Пациент заразен со Ковид-19 може да продолжи со антитироидни лекови, освен ако нема развој на агранулоцитоза.

Дали е безбедно да се одложи терапијата со радиоактивен јод или операција на тироидната жлезда како третмани на хипертироидизам?

Во вакви услови на вонредна состојба, да, безбедно е да се одложат овие интервенции, а ваквите пациенти до поминување на пандемијата, соодветно ќе бидат следени и третирани евентуално со таблетарна терапија.

Бидејќи веќе се откажуваат прегледите што не се итни, ние нудиме и алтернативи за консултации за заболувањата на тироидната жлезда. Во зависност од постојаната достапност на здравствениот персонал, многу лекари ќе можат да им понудат на пациентите со телефонска или видеоконсултација во овој период.

Како да се заштитат пациентите со болест на тироидната жлезда во период на Ковид-19 пандемија?

Препораките се истите кои важат и за сите граѓани, а тоа е следете ги препораките на Министерството за здравство, одржувајте добра хигиена на рацете, избегнувајте допирање на лицето, редовно чистете ги и дезинфицирајте ги просториите во кои престојувате, држете социјално растојание и редовно примајте ја пропишаната терапија. Бидејќи терапијата за тироидните заболувања е долготрајна, бидете сигурни дека имате доволно лекови барем за најмалку еден месец или повеќе, во случај да треба да се самоизолирате, или во случај да има недостиг на вашите лекови.

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!