Д-Р ПЕТКОВСКА: ЕХОКАРДИОГРАФИЈА – ВАЖЕН ПРЕГЛЕД ЗА ЗДРАВЈЕТО НА СРЦЕТО

Ехокардиографијата (ехо на срце или ултразвук на срце) е едноставен и безболен преглед, неопходeн за проценка на здравствената состојба на пациенти кај кои постои сомневање за кардиоваскуларни заболувања. Д-р Златана Петковска, специјалист по кардиологија, вели дека овој преглед се препорачува кај лица што имаат висок крвен притисок, неправилни или брзи отчукувања на срцето, болка во градите, бргу се заморуваат или имаат епизоди на губење на свеста, кај дијабетичари, како и кај пациенти подложени на хемотерапија или радиотерапија.

Ехокардиографијата има важна улога и во превенцијата на кардиоваскуларните заболувања, особено кај лица со зголемен ризик, како што се:  дебелина, пушење, покачени масти во крвта, над 40-годишна возраст, семејна историја на срцеви заболувања.

„Со ехокардиографија, добиваме слика од различните структури на срцето и протокот на крв низ срцето, врз основа на што можат да се детектираат различни анатомски и функционални абнормалности. Тоа се, на пример, промени во структурата и функцијата на срцевите залистоци, промени во пумпната сила на срцето, зголемување или дилатација на срцевите шуплини, задебелување или оштетување на срцевите ѕидови, вродени срцеви мани“, објаснува д-р Петковска.

Дополнително, ехокардиографијата се користи и за одредување и пресметување на физиолошките карактеристики на срцето, како што се: срцевиот минутен волумен (волуменот на крв што ја пумпа срцето за една минута), ударен волумен (крвта испумпана со една контракција), ејекциона фракција (процент на испумпана крв од срцевата празнина или срцевата моќност).

„Прегледот трае кратко, не бара посебна подготовка и може да се повторува повеќепати без ризик за пациентот. Благодарение на својата достапност и информативност, ехокардиографијата претставува една од најважните дијагностички методи во современата кардиологија. Раното откривање на срцевите промени овозможува навремено лекување и значително го намалува ризикот од сериозни компликации. Затоа, редовните кардиолошки контроли се од особена важност за зачувување на здравјето на срцето“, објаснува д-р Петковска. 

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ нуди шест промотивни кардиолошки пакети, кои опфаќаат повеќе кардиолошки услуги, со цел обезбедување сеопфатна грижа за здравјето на срцето. Пакетите се наменети за превенција, како и за прецизна и навремена дијагностика на кардиоваскуларните заболувања. Промотивните кардиолошки пакети овозможуваат комплетен кардиолошки преглед и современи дијагностички испитувања, спроведени од врвни специјалисти и со најсовремена медицинска опрема.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!