Има ли вистина во тоа дека појадокот е најбитниот оброк и дали е предуслов за добар почеток на денот? Нутриционистите тврдат дека добро избалансираниот оброк може да придонесе за квалитетен ден и добри резултати во работењето. Здравата храна им дава енергија на телото и мозокот, но, за жал, голем процент од луѓето го прескокнуваат овој оброк и воопшто и не појадуваат.
Последици од прескокнат појадок
Некои истражувања покажуваат дека дури 50% од луѓето го прескокнуваат појадокот и наоѓаат замена во кафето, цигарите или, пак, некои грицки. Овие работи можат да ве држат кратко време сити, а последица од заменетиот оброк да биде уморот и недостигот на енергија. Луѓето кои не појадуваат многу често се прејадуваат за време на ручекот. Погрешно е и тврдењето дека ако не појадувате, побрзо ќе ослабете. Редовниот здрав оброк е клучен за правилен раст и развој, посебно во детската возраст.
Што да содржи појадокот?
- Одличен извор на протеини и калциум има во млекото и млечните производи
- Комплексни јаглехидрати има во интегралните пецива и снегулки
- Диетални влакна, многу витамини и минерали има во овошјето
- Овесната каша е одличен избор, бидејќи влакната во овесот го стимулираат варењето и го забрзуваат метаболизмот
Доколку не можете да појадувате наутро, најдобра замена е свежо исцеден сок или смуди. Интересни за комбинација се замрзнато овошје и кисело млеко или јогурт. Ваквата смеса исмиксирајте ја добро и со тоа ќе внесете доволно витамини и растителни влакна за енергичен почеток на денот.