Дебелината кај децата е сериозен глобален здравствен проблем кој во последните неколку децении драматично се зголемува. Оваа состојба има значителни последици врз физичкото и менталното здравје на децата, како и врз здравствените системи низ целиот свет. Д-р Наташа Чучкова-Никчевска, педијатар, објаснува дека дебелината на децата носи предиспонирачки фактори за инсулинска резистенција и дијабетес тип 2, хипертензија, хиперлипидемија, заболувања на црниот дроб и бубрезите и репродуктивна дисфункција, а исто така го зголемува и ризикот од дебелина кај возрасните и кардиоваскуларни болести. Друг значаен проблем е нарушеното ментално здравје бидејќи овие деца често се соочуваат со ниска самодоверба, депресија и социјална изолација поради стигматизација.
КАКО СЕ ДЕФИНИРА ПРЕКУМЕРНАТА ТЕЖИНА?
Прекумерната тежина се дефинира како индекс на телесна маса (БМИ) што се наоѓа над 85. перцентил и под 95. перцентил за деца и тинејџери на иста возраст и пол. Дебелината се дефинира како БМИ на или над 95. перцентил за деца и тинејџери на иста возраст и пол.
ГЛОБАЛНИ ТРЕНДОВИ
Според Светската здравствена организација (СЗО), во 2020 година повеќе од 39 милиони деца под 5 години биле со прекумерна тежина или дебелина. Кај децата и адолесцентите на возраст од 5 до 19 години, оваа бројка изнесуваше околу 340 милиони. Во Европа, стапката на дебелина кај децата се зголеми тројно во последните 40 години. Македонија, исто така, се соочува со растечки број на деца со прекумерна тежина. Врз основа на актуелните трендови и гледајќи исклучиво на дебелината во европскиот регион, СЗО и Светската федерација за дебелина проектираат дека помеѓу 2020 и 2035 година ќе има:
- 61% зголемување на бројот на момчиња што живеат со дебелина,
- 75% зголемување на бројот на девојчиња што живеат со дебелина,
- севкупно 17 милиони момчиња и 11 милиони девојчиња на возраст од 5 до 19 години, кои живеат со дебелина во регионот до 2035 година.
ПРИЧИНИ ЗА ДЕБЕЛИНА КАЈ ДЕЦАТА
Сегашното и долгорочно здравје на 14,4 милиони деца и адолесценти е под влијание на дебелината, што ја прави една од најчестите педијатриски хронични заболувања. Дебелината има сложени генетски, физиолошки, социоекономски и еколошки предизвикувачи, иако долго време била стигматизирана како реверзибилна последица на личниот избор. Сепак, главните причини за прекумерна тежина кај децата се: Неактивен начин на живот: Намалено физичко движење, поради технологијата и долгите часови пред екран. Намалена вклученост во спортски активности; Нездрава исхрана: Консумирање висококалорична, обработена храна и пијалаци богати со шеќери. Недостаток од овошје, зеленчук и храна богата со влакна; Генетски фактори: Склоност кон дебелина која се наследува во семејството; Социјални и економски фактори: Неразвиени здравствени навики во семејствата. Лесна достапност до нездрава храна.
КАКО ДА СЕ ПРИСТАПИ СО ЛЕКУВАЊЕ
Како што популацијата станува сè подебела, пристапот до третман заснован врз докази е уште поклучен. Сеопфатен третман на дебелината треба да вклучува поддршка во исхраната, третман со физичка активност, бихејвиорална терапија, фармакотерапија и метаболичко следење и поретко дури и баријатриска хирургија. Најефективниот познат третман на дебелината кај децата е мултидисциплинарен лекарски пристап и промена на животниот стил и навики. Факт: помалку од половина (43%) од децата консумираат свежо овошје дневно и 1 од 10 деца (11%) на возраст од 6-9 години го прават тоа помалку од еднаш неделно. Дебелината кај децата претставува ургентен проблем кој бара мултидисциплинарен пристап. Едукацијата за здравата исхрана, зголемувањето на физичката активност и поддршката од здравствените институции и заедницата се клучни за справување со оваа епидемија. Превенцијата е најефективниот начин за да се осигура подобро здравје за идните генерации.
ВО „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ – МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ПРИСТАП ВО ТРЕТМАНОТ НА ДЕБЕЛИНАТА КАЈ ДЕЦАТА
Во „A/S Slim Body Center“ со мултидисциплинарен пристап се третира дебелината кај децата. Концепцијата за третманот на дебелина кај најмалите пациенти се состои од индивидуален пристап кон секое дете. Прво се започнува со преглед кај гастро-ентерохепатолог, кој ја прави првичната проценка, а продолжува со ехо на абдомен, педијатриски кардиолошки преглед и соодветни лабораториски анализи. Во текот на следењето на децата се вклучуваат и нутриционистичка проценка и изработка на детален план за исхрана и третман. – Кај децата што имаат проблем со вишокот килограми, докторите препорачуваат и редовна физичка активност. Затоа ние во концептот вклучивме и фитнес-тренери кои подготвуваат план соодветен за возраста на детето – објаснува д-р Чучкова-Никчевска. Во зависност од потребата, во третманот понатаму може да се вклучат и дополнителни специјалисти како ендокринолог, ортопед, психијатар и сл.