ДЕЦАТА СО ХРОНИЧНИ ЗАБОЛУВАЊА И БЕБИЊАТА ПОМАЛИ ОД ЕДНА ГОДИНА ПОИЗЛОЖЕНИ НА КОРОНАВИРУСОТ

Коронавирусот кај децата најчесто е асимптоматски, кај многу мал процент може да предизвика тешка форма на респираторна инфекција, но тоа не значи дека децата и бебињата се имуни на Ковид-19.  Д-р Душко Фидановски, специјалист по педијатрија и неонатологија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, појаснува дека во најголем број случаи, околу 90%, Ковид-19 инфекцијата кај бебињата и децата (0-18 години) поминува асимптоматски или како блага горнореспираторна инфекција. Само кај 6% од децата, посочува д-р Фидановски, коронавирусот може да се манифестира со тешка или критична форма, за разлика од возрасните каде процентот на заболени со таква форма е до 18,5 проценти.

Болеста кај децата најчесто поминува асимптоматски или во многу блага форма на настинка или лесни респираторни симптоми (течење на нос, кашлица, изнемоштеност), но можни се и стомачни тегоби, како гадење, повраќање, болки во стомак и дијареа. Бидејќи во најголем процент болеста кај децата се јавува кога веќе има барем еден од домашните со симптоми на инфекција, тогаш секоја инфекција проследена со ваков податок, како што препорачува д-р Фидановски,  треба да подлежи на понатамошна обработка во правец на докажување или исклучување на Ковид-19.

„Досега се опишани само неколку случаи на болест кај новороденчиња, во првите часови и денови по раѓањето. Клиничката слика била лесна или умерена и немало потреба од дополнителна интензивна терапија. Можни се потешки и критични форми на болест и тоа почесто кај бебињата на возраст под 1 година. Смртноста е занемарливо мала кај децата“, вели д-р Фидановски.

Потребата од механичка вентилација кај заболените деца е многу ретка

Иако во помал процент, децата, сепак, се изложени на коронавирусот, а доказ за тоа се и неколкуте случаи на заболени деца со потешка форма на Ковид-19, но кај нив потребата од некаква форма на механичка вентилација, како што потенцира докторот, е многу мала.

„Секако дека е можно да се појави Ковид-19 инфекција која ќе се манифестира со пневмонија и кај децата, но процентот на критично болни деца кои имале потреба од некаква форма на механичка вентилација е мал. Ризикот за потреба од  поинтензивна терапија на инфекцијата со коронавирусот се зголемува со намалување на возраста на детето, односно може да се движи и до 10% од бебиња во возрасна група под една година“, нагласува д-р Фидановски.

Едно од објаснувањата зошто процентот на заболени е драстично помал во детската популација (околу 2%), од досегашните сознанија за коронавирусната инфекција, најверојатно се должи на некои карактеристики на детскиот оргнизам и на степенот на развојот на нивниот имун систем. Се смета дека вродениот или неспецифичен имун одговор кај децата е многу подобро застапен, отколку кај возрасните, а токму тој е најважен за подобрата одбрана од овој нов вирус. Од друга страна, децата особено во зимските месеци, се повеќе изложени на вирусни инфекции ( на пример респираторносинцицијалниот и др респираторни вируси вирус) при кои се создава имунитет (противтела) кои можата да делуваат вкрстено, односно да го нападнат и коронавирусот во исто време.

Поголеми дози на витамин Д за подигање на имунитетот кај децата

„За зајакнување на имунитетот во период на ваква пандемија нема посебни препoраки, освен примена на избалансирана исхрана по совет на педијатар, вообичаен хигиенодиететски начин на живот, почитување на препораките за заштита како и кај возрасните и користење на вообичаени витамински препарати. Би обрнал внимание на корисноста од пролонгирана употреба на витаминот Д (додека траат вонредните мерки, а со тоа помалата изложеност на сонцето) и во поголеми дози (во зависност од нивото на витамин Д во крвта) со оглед на сознанијата за неговата голема  улога во подобрување на неспецифичниот и специфичниот имунитет“, советува д-р Фидановски.

Нема потреба од пролонгирање на редовната вакцинација кај бебињата

Тој, исто така, апелира на стриктно придржување кон календарот на имунизација и неодложување на вакцините за претшколските, особено за бебињата во текот на првата година. Сè повеќе релевантни истражувања, вели д-р Фидановски, укажуваат дека имунитетот кој се создава од добивање на т.н. БСЖ-вакцина (вакцина против туберкулозата) може да ја зголеми одбраната на организмот и од коронавирусот.

Поизложени на инфекција од Ковид-19 се децата со претходни заболувања, кај кои може да се јави и потешка форма на болеста.

„Хроничните заболувања кои можат да се јават и кај децата (хронични белодробни заболувања, дијабет, малигни и други заболувања со намалување на имунитетот) го зголемуваат ризикот за појава на оваа инфекција, но и ризикот за појава на болест во потешка форма. Затоа е потребно, особено во оваа највулнерабилна група, најригорозно почитување на препораките за заштита од коронавирусот“, вели д-р Фидановски.

Децата правилно да ги мијат рацете и да не допираат ништо надвор од домот

Неговите препораки за заштита на најмалите од Ковид -19 се избегнување престој во затворени простории со повеќе луѓе и контакт со луѓе кои имаат знаци на респираторна инфекција. Рацете на децата треба да се мијат правилно и/или дезинфицираат со средство на база на алкохол:  пред јадење, по користење на тоалет и по престој надвор од домот. Особено е важно на децата да им се објасни да не допираат ништо надвор од домот и да се одвикнат од пипкање на устата ,носот и очите и зoшто е тоа важно. Исто така, д-р Фидановски советува да се мијат и дезинфицираат  играчките и предметите со кои децата доаѓаат во контакт секојдневно.

Досега не е докажано присуството  на коронавирусот Ковид-19 во мајчиното млеко, но ниту е исклучена таква можност дефинитивно, па пристапот за доење е индивидуален за секој случај.

Во случај на Ковид-19 мајка со симптоми на инфекција и/или новородено со знаци на ваква инфекција, се препорачува сепарирање на мајката од детето веднаш по породувањето, сè до подобрување на состојбата. Во тој период може и да се користи измолзено мајчино млеко од мајката, со запазување на сите безбедносни процедури при измолзување или користење млеко од донор, но и едното и другото млеко, пред да се употребат, треба да бидат тестирани со ПЦРтестот на присуство на вирусот. Во случај на Ковид-19 позитивна мајка која е асиптоматска и дете кое е во добра состојба, д-р Фидановски потенцира дека може да се разгледа опцијата да не се сепарираат бебето од мајката и исхраната да продолжи со доење, но со почитување на сите мерки на заштита кај мајката и новороденчето и особено почитување на препораките за хигиена на рацете.

 

 

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!