Разговараме со м-р Дијана Мариновска, детски физијатар, за грешките на родителите во развојот на децата: „Ако пробуваме да седнеме неподготвено бебе, тоа ќе паѓа подгрбавено, или ќе седи без многу движења, а кога ќе паѓа, нема да знае да се заштити. Сите помагала како дубаци и џампери се непрепорачливи. Поголемите деца не треба да носат тешки ранци, а за големина на чевли на сите им велам – вадете ја влошката од обувката за да се проба“.
Дијана Мариновска e магистер по физикална терапија во педијатрија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ и работи на процена и интервенција кај бебиња 0-12 месеци.
Таа работи со деца за нивниот правилен физички развој и држење на телото, а за CRNOBELO.com споделува многу совети кои ќе им бидат од корист на родителите.
Од тоа кои се грешките кои ги прават родителите со децата уште од најмала возраст при седнување и проодување, до претерана заштита и фактори кои влијаат на несоодветен развој и држење на телото.
Во продолжение целото интервју со м-р Дијана Мариновска за CRNOBELO.com:
Што точно работи детскиот физијатар и кога родителите треба да побараат консултација?
Детскиот физиотерапевт работи стимулација и интервенција при промени во физичкиот развој кај бебето.
Односно ако едно бебе доцни во развојот, детскиот физиотерапевт ќе прави или ќе му покаже на родителот да прави дома вежби кои ќе го стимулираат развојот.
Ако бебето е порано родено, ако има промени во мускулите (многу згрчени или многу опуштени мускули), детскиот физиотерапевт ќе употреби методи и техники кои ќе влијаат врз регулирање на мускулниот тонус.
Ако едно бебе користи една рака или нога повеќе, ја држи главата постојано на една страна, па и ако главчето се зарамнило на една страна, детскиот физиотерапевт ќе употреби позиции, вежби и игри кои ќе го стимулираат бебето еднакво да го користи секој дел од своето тело.
Родители на бебиња што се порано родени или бебиња што имале некакви тешкотии при породувањето, како пролонгирано породување, асфиксија, крвавење во мозочето, бебиња што доцнат со постигнување на развојните пресвртници, треба да консултираат детски физиотерапевт.
Кои се најчестите причини поради кои родителите доаѓаат кај Вас со своите деца?
Убедливо најчеста причина за која доаѓаат кај мене е сплескано главче или преферирање бебето да го држи главчето на една страна и тешкотии бебето да биде легнато на меше.
На која возраст детето треба да почне да седи и дали е проблем ако од порано се држи во седечка положба во скут или потпрено на перница, пример?
За секое поголемо постигнување во развојот на бебето имаме период од-до затоа што не се сите бебиња исти, но и напредна наука, која покажува зошто не е убаво достигнувањето да биде пред периодот или потоа.
Па така и за седнувањето, најнормално е бебето да седне од 7 до 10 месеци и тоа не е норма само кај нас туку во целиот свет.
Кај нас, а и сѐ уште во некои земји постои тврдењето дека бебето ќе научи да седи ако го седнуваш и тоа донекаде е точно, но не на возраст од 5-6 месеци.
Тогаш бебето не е подготвено за седење, а има други цели за постигнување и усовршување како вртење и подготовки за четириножна позиција.
Па така, ако седнуваме неподготвено бебе, тоа ќе паѓа подгрбавено, или ќе седи без многу движења, а кога ќе паѓа, нема да знае да се заштити.
Затоа едно огромно „не“ за порано седнување или заштитување со перници. Бебето само или некогаш со помош на стимулативни игри и вежби ќе совлада сѐ како што треба.

Кога се очекува децата да почнат да лазат и дали е вистина дека е подобро да научат да лазат, отколку директно да почнат да одат?
Децата обично пролазуваат околу 7-8-ми месец и секако лазењето е добро за грпчето, но и одлична подготовка за одење.
Сепак, пред неколку години лазењето е тргнато од официјалната листа за достигнувања во физичкиот развој кај бебето од Американската педијатриска организација затоа што има бебиња што не лазат, но тоа не покажува никакви отстапки во нивниот развој.
Кои се најчестите грешки на родителите при обидот да го научат детето да оди? Дали треба детето да се „патка“ (и зошто) или треба само да го почне процесот кога ќе биде подготвено?
Дефинитивно, паткањето е најголем проблем во однос на проодувањето затоа што на тој начин бебето се форсира но не се пушта, па многу често гледаме веќе и деца поголеми од година и пол кои сѐ уште одат само доколку некој ги држи за рака.
Бебето треба да се остави или да се стимулира низ игри и вежби, да се исправи и да се пушти да оди, да се осамостои, да развие самодоверба дека може да се остави и да падне.
Доколку бебето седнува самостојно без заштитување со перници, на пример, тоа уште со седнувањето ќе го совлада правилното паѓање, па кога ќе падне при проодување, ќе се заштитува со рацете или ќе падне на газе.
Ортопедите често велат дека за да прооди едно бебе, треба барем 100 пати да падне.
Дали дубаците се препорачливи, со оглед на тоа што на многумина им се спас, но во последно време се зборува дека треба да се избегнуваат? Кој е Вашиот став?
Дубаците, како и други помагала како џампери, не ги препорачуваме.
Бебето ќе совлада сѐ и најважно, ќе размислува како притоа да постапи наместо да биде поставено во некакво помагало.
Користејќи ги тие помагала или научуваат да одат на прсти или се менува центарот на тежината на телото, па научуваат да одат пребргу, мислејќи дека се заштитени во дубакот па така и лошо паѓаат.
Дали детето треба да се заштитува со перници (како ранче што се носи на грбот) при проодување или да се користат оние ремени што им олеснуваат на родителите при прошетки?
Никакви помагала и никакво олеснување на процесот на учење, тоа е лоша услуга.
Ако бебето паѓа на глава, не купуваме перниче за да ја заштити главата затоа што нема секогаш да го има перничето, туку го учиме како да падне и како само да се заштити.
Кои грешки често се прават при изборот на обувки за деца и како тоа влијае, кои се последиците? И воедно, како правилно да се погоди бројот?
При изборот на чевлички препорачувам чевлички кои лесно се виткаат доколку нема проблеми со стапалцето. Чест проблем е погодувањето на големината/бројот на обувките.
Ова често го кажувам, па сепак родителите го забораваат во продавница: на речиси сите модели наменети за помали дечиња им се вади влошката од обувката.
На влошката речиси секогаш има нацртана линија, а таа линија покажува до каде треба да биде најдолгото прсте на детето.
Просторот напред е оставен за слободно движење на стапалцето. Искривени прстиња, чудно одење можат да бидат последици од мали обувки.
Дали помалите деца сами треба да носат ранче за на училиште на грб, колку тежината е оптоварување за нив?
10% од тежината на детето е максимумот што е дозволен детето да го носи на грб како ранец и тоа правилно поставен со двете рачки на рамената.
Секое неправилно носење на едно рамо или поголема тежина може да го искриви грпчето на детето, кое е во интензивен раст во училишните години.
На тоа се надоврзува и послабата физичка активност кај децата, која ги прави поподложни на грбни искривувања и при мали отстапки во носењето или тежината на ранецот.
Како родителите да забележат дома рани знаци на искривување на ‘рбетот или неправилно држење? Кога се прави прв преглед на држењето на телото?
Сѐ почесто доаѓаат дечиња што имаат лесно искривување на грпчето уште на 9-годишна возраст.
А следува интензивен раст кога дечињата бргу се извишуваат, па очекувањата се дека почнатото искривување има големи шанси да се зголеми доколку не се прават вежби.
Па затоа ако забележите дека детенцето дома е често во неправилна позиција, долго време неактивно (со часови на телефон), нема никаква физичка активност… време е за консултација.
Колку физичка активност е доволна за децата на различни возрасти и кои активности и спортови се најдобри за развојот на децата и правилното држење на телото?
Колку физичка активност е потребна кај децата зависи од возраста. Малите деца можат да поминуваат и километри играјќи си, без да се остави впечаток дека било толку многу.
Но кај сите треба секојдневна активност.
Кај помалите по 2-3 часа надвор и слободна игра за да се опфати и менталниот, когнитивниот развој.
Трчање во брканица, трчање по нерамен терен, качување на камен, дрво, скокање од камен или шлапање во вир.
Сум била сведок дека сите овие активности се забранети од родителите и бабите (не трчај, ќе се испотиш, не качувај се, ќе паднеш), но тоа се активности кои го развиваат физички детето, како и самодовербата и логичкото размислување.
Кај помалите деца спортовите треба да бидат погенерализирани како гимнастика, поточно да не се користи една рака или нога како тенис или фудбал.
За малку поголемите деца веќе е доволно еден час структурирана физичка активност.
Кој е Вашиот совет до родителите?
Совет до сите родители: Детето треба да се заштити, но не и да се презаштити. „Не прави го тоа“ заменете го со објаснување како да се направи нештото.
Од неодамна почнавте со групни работилници за вежби на бебиња, од каде идејата?
Идејата дојде оттаму што во практиката често се среќавам со родители што имаат потреба од мали насоки и совети како да го поттикнат најдоброто кај бебето.
Но тие бебиња немаат реална потреба од физикална терапија туку само од целенасочена игра со родителот и стимулативна средина.
Така тие потреби ги спакувавме заедно со ефектот од групното вежбање, односно поддршка од мајка за мајка, интересот и убавата енергија кога во помалите групи, на пример, бебињата првпат ќе видат друго бебе.
Наменети се за сите бебиња распределени по возраст во посебни групи, кои не ги достигнуваат целите за нивната возраст.
Доколку родителите сакаат да дознаат какви игри и вежби може да прават со бебето, на тој начин ќе се поврзат дополнително, а и ќе се стимулира развојот, затоа што можат да разменат искуство со други родители и бебиња на иста возраст како нивното, но и да им бидат разјаснети некои дилеми што ги имаат околу развојот.
Следно во план е гимнастика за бебиња, која ќе биде едно полесно вежбање, раздвижување, лесно стимулирање без притисокот дека сѐ треба да завршиме во еден час, а потоа дома да се вежба.
Гимнастиката ќе биде една весела и стимулирачка средина со лесни игри и вежбички неколкупати во месецот каде што со мајките и бебињата заедно ќе се дружиме, учиме и вежбаме.
Извор : crnobelo


