ЕНДОМЕТРИЈАЛЕН ПОЛИП И НЕПЛОДНОСТ

Ендометријалните полипи се среќаваат кај 10% од жените во репродуктивната возраст и кај 20% од пациентките со неплодност. Полипите што се поголеми од 15 мм и мултиплите полипи можат да влијаат врз плодноста и затоа се советува нивно отстранување со цел да се олесни зачнувањето. Доктор Клементина Кузеска, магистер и специјалист по гинекологија и акушерство, вели дека ендометријалните полипи исто така се една од најчестите причини за абнормално утерино крвавење.

ШТО СЕ ЕНДОМЕТРИЈАЛНИ ПОЛИПИ?

Тие се мали, мазни, овални мекоткивни израстоци кои потекнуваат од внатрешниот слој на матката (ендометриумот) и проминираат во шуплината на матката. Се нарекуваат ендометријални затоа што се формираат со разраснување на клетките на ендометриумот (внатрешниот слој на утерусот).

„Ендометријалните полипи можат да бидат прикрепени за ѕидот на матката на широка основа или на тенка петелка и да проминираат кон шуплината. Одредени полипи можат да се прошируваат низ цервикалниот канал и кон вагината. Тие можат да бидат единични (солитарни) или мултипли полипи и може да варираат во големината од неколку милиметри до неколку сантиметри. Најголемиот дел од ендометријалните полипи се бенигни, но понекогаш некои преканцерозни промени на ендометриумот како ендометријалната хиперплазија или ендометријалниот карцином може да се јават во структурата на полипот. Затоа отстранетиот полип се упатува на хистопатолошка анализа за исклучување на атипични или малигни промени“, објаснува д-р Кузеска.

Ендометријалните полипи најчесто се јавуваат кај жени во репродуктивната возраст, но понекогаш се среќаваат и во периодот на пери и постменопаузата. Инциденцата се зголемува со возраста и пикот на појава на ендометријални полипи е петтата декада. Тие ретко се среќаваат кај девојки под 20-годишна возраст.

Не е позната точната причина за нивна појава, но хормонското влијание е евидентно бидејќи нивниот раст е зависен од нивото на естрогените хормони во крвта и локално. Естрогениот хормон, кој влијае врз задебелување на ендометриумот во менструалниот циклус и неговите варијации се сметаат за одговорни за појава на полипи.

Ризик-фактори за појава на ендометријален полип се: прекумерната тежина поврзана со покачен крвен притисок и шеќерна болест, период на пери и постменопауза, терапија со Tamoxifen при лекување на карцином на дојка, употреба на естрогена терапија во постменопауза, фамилијарна историја за појава на полипи во организмот, ендометриоза.

Ендометријалните полипи често се асоцирани со синдром на полицистични јајчници, хроничен ендометрит и миоми на матка. Хроничниот ендометрит се манифестира со микрополипоза (мноштво полипи со големина до 1-2 мм) и типичен хистероскопски наод, кој е клучен во дијагнозата и третманот на оваа состојба, која учествува со 60% од случаите на репетиран неуспех во имплантацијата. Повеќето ендометријални полипи се асимптоматски, додека некои од нив можат да пројават симптоми и да доведат до интерменструално крвавење или spotting, нерегуларно крвавење, обилно менструално крвавење, неплодност или отежнато зачнување, крвавење во постменопауза. Овие нарушувања често водат до слабокрвност и општа слабост, што директно го намалува квалитетот на живот.

„Кога станува збор за репродуктивното здравје, ендометријалните полипи имаат сериозно влијание врз процесите на зачнување и бременост. Тие ја засегаат имплантацијата, создавајќи физичка бариера, која го отежнува имплантирањето на ембрионот во ендометриумот. Понатаму, полипите го зголемуваат ризикот од абортус, го нарушуваат континуитетот на шуплината и го засегаат нормалниот развој на ембрионот. Покрај тоа, полипите можат да доведат и до предвремено породување. Во одредени случаи, тие предизвикуваат инфекции, кои пак можат да иницираат предвремени контракции и рано породување, што претставува сериозен ризик за здравјето на мајката и бебето“, вели д-р Кузеска.

3Д-ултразвукот е прва линија во дијагностиката на ендометријалните полипи, а хистероскопијата е суверен метод кој е круна во нивната дијагностика и третман. Дијагностички методи:

 • трансвагинален ултразвук: полипите се дијагностицираат во првата половина на менструалниот циклус кога крвавењето е завршено

• хистеросонографија: со катетер се инсталира солен раствор во утерусната шуплина за нејзина експанзија и со трансвагинален ултразвук јасно се гледа полипот како проминира во внатрешноста на кавумот

• хистероскопија: со инсталација на телескоп (камера) во шуплината на матката, директно се визуализира внатрешноста на матката и полипот.

Големината на полипот, симптомите и возраста на пациентката го одредуваат терапискиот пристап:

 • следење: малите асимптоматски полипи може да се исфрлат со менструалните крвавења и затоа се следат

• хормонски третман: се користат гестагени хормони или GnRH агонисти, кои доведуваат до времено ублажување на симптомите додека трае третманот

 • хируршки третман со помош на хистероскопија како минимално инвазивна постапка, која е златен стандард во третманот на ендометријалните полипи. Само на овој начин е можно целосно отстранување на полипот.

„Полипите можат да рецидивираат и тогаш е нужен повторен хируршки третман. За да се превенира рекуренцата, потребен е третман со гестагена терапија или апликација на прогестин-медицирана спирала (Mirena®), додека, пак, ендометријалната аблација е опција кај пациентките со завршена репродукција“, објаснува д-р Кузеска.

Полипектомијата ја зголемува можноста за бременост до 60% во следните 6 месеци. Тоа се должи и на процесот на регенерација на ендометриумот на местото на отстранетиот полип и продукција на фактори на раст, кои ја потпомагаат имплантацијата.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!