ЕПИДУРАЛНА АНАЛГЕЗИЈА ЗЛАТЕН СТАНДАРД ВО АКУШЕРСКАТА АНЕСТЕЗИОЛОГИЈА

Породувањето е еден од најважните и најемотивни моменти во животот на една жена. Секое породување е уникатно и посебно искуство за секоја жена. Овој природен процес е проследен со интензивна болка, што може да предизвика страв и вознемиреност околу целиот тек на овој процес. Д-р Весна Поп-Стефанија-Чорбева, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување, вели дека во современата медицина постојат техники и методи коишто безбедно и ефикасно се користат за обезболување на трудниците за време на нивното породување.

„Во современата медицина, невроаксијалната аналгезија (спинална, епидурална или еписпинална анестезија) се наметнала како златен стандард во акушерската анестезиологија, а пациент-контролираната аналгезија со употреба на интравенски ултракраткотрајни опиоиди, за нејзина достојна замена. Епидуралната аналгезија може да обезбеди целосно или речиси целосно намалување на болката, особено при силни контракции“, вели д-р Поп-Стефанија-Чорбева.

Вдишувањето на азотниот оксидул во комбинација со 50% кислород (ентонокс), како метода за обезболување за време на породување, може да биде користено како дополнување на преостанатите методи или како единствен анестетик. Ентоноксот или попознат како „гас за смеење“ ја намалува вознемиреноста кај родилката, но не ја блокира болката целосно. Ова може да предизвика значителна непријатност кај жените, особено за време на посилни контракции. Епидуралната аналгезија обезбедува континуирано намалување на болката во текот на породувањето. Анестетикот може да се приспособи колку што е потребно, обезбедувајќи стабилна и конзистентна аналгезија. За разлика од епидуралот, ентоноксот се вдишува повремено и нуди само привремено намалување на лесни болки. Тоа значи дека болката може да се врати помеѓу дозите, или ако пациентката заборави да вдише во вистински момент.

 „Како што напредува породувањето, кон крајот на првата фаза и во текот на втората фаза, контракциите стануваат посилни и почести, а болката значително се интензивира. Невроаксијалната аналгезија е исклучително ефикасна во справувањето со оваа ескалирачка болка. Ентоноксот не може да ја намали болката доволно во текот на овие фази, што доведува до незадоволство кај некои пациентки“, објаснува д-р Поп-Стефанија-Чорбева.

Во случаите кога се очекува породувањето да биде комплицирано (продолжено, асистирано породување), епидуралната аналгезија е попогодна бидејќи може да се приспособи за различни нивоа на болка. Ако е потребно да се изведе царски рез, оваа техника овозможува да се обезбеди хируршка анестезија без потреба од преминување во општа анестезија

Добриот степен на обезболување, со помош на невроаксијалните методи (спинална, епидурална или еписпинална аналгезија), може да помогне во намалување на физичката напнатост и ментална релаксација на родилката. Ова секако доведува до намален замор и подобро справување со породувањето.

Кај пациентите кај кои невроаксијалните техники не се погодни да се користат како метод на обезболување, д-р Весна Поп-Стефанија Чорбева вели дека може да се користи пациент-контролираната аналгезија. Тоа е метода на интравенска инфузија на опиоид со ултра кратко дејство – ремифентанил, и тоа според потребите на родилката.

„Ентоноксот обезбедува олеснување на анксиозноста, дава одредено ниво на аналгезија, но во многу помал степен во однос на невроаксијалните техники и пациент-контролираната аналгезија со ремифентанил“, вели д-р Поп-Стефанија Чорбева.

Литературата и практиката покажуваат дека голем процент од пациентките кои го започнале породувањето со ентонокс, како единствен метод за аналгезија, подоцна во текот на породувањето побарале некоја друга метода за обезболување (доминантно невроаксијална). Во нашите родилни сали, покрај редовно користените невроаксијални методи за обезболување и пациент-контролираната интравенска аналгезија, достапен е секако и ентоноксот, како метода на обезболување. Останува личен избор на родилката и во соработка со акушерската и анестезиолошката екипа, да се избере најдобриот и најсоодветен начин на обезболување на секоја родилка, во зависност од нејзината состојба и индивидуални потреби.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!