ГРИЖАТА ЗА ОРАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ВО ПАНДЕМИЈА ПРЕКУ ОНЛАЈН КОНСУЛТАЦИИ – НА СТОМАТОЛОГ САМО ВО ИТНИ СЛУЧАИ

Според извештаите и препораките на Светската здравствена организација, стоматолошката дејност во услови на пандемија на коронавирусот спаѓа во групата на ризични професии. Вршењето на стоматолошкитe интервенции е особено усложнето поради формирање аеросолни честички при работа во орофасцијалната регија на пациентот и близината дo самиот пациент. Ситните честички распрснaти во воздухот (аеросол) содржат микроорганизми и имаат потенцијал да го заразат лицето кое ги вдишува. Оттаму е и насоката на СЗО за привремено затворање на приватните стоматолошки центри со цел превенција и на здравствените работници и на пациентите.

Со цел да го зачувате вашето орално здравје во домашни услови, треба да бидете особено внимателни со негата на усната празнина и стилот на живот, советуваат д-р Теодор Венинов и д-р Марио Илковски, стоматолозите од „Систина стоматологија“.

Пушењето цигари го олеснува размножувањето на бактерии во устата

„Ние како дел од стоматолошката заедница продолжуваме да се прилагодуваме на состојбата со Ковид-19 и на препораките од Стоматолошката комора и Министерството за здравство. На краток рок, фокусирани сме на давање совети на луѓето за да помогнеме во заштитата на нивното орално здравје. Зависно од препораките, ние се прилагодуваме на државните упатства за да обезбедиме безбедност на нашите пациенти, медицинскиот персонал и целата заедница“ , велат стоматолозите.

Основна препорака е да ги измиете рацете темелно, најмалку 20 секунди пред и по каква било лична стоматолошка нега.

„Четкајте ги забите минимум двапати на ден, не заборавајте да ги четкате тешко достапните места. Користете интердентални четки и забен конец кои помагаат да се отстранат бактериите и плакoт на местата каде не може да стигне четката. Јадете добро урамнотежена храна – ограничете ги закуските и пијалаците богати со шеќер и грицките кои го зголемуваат ризикот од кариес. Пијте многу вода и избегнувајте ги цигарите бидејќи пушењето го ограничува протокот на крв во устата, со што го олеснува растот на бактериите“, вели д-р Илковски.

Забоболката може да се менаџира и преку телефон

За ваша безбедност и безбедност на давателите на здравствени услуги, стоматолозите апелираат да не посетувате клиники за итна медицинска помош без претходно да се консултирате со вашиот стоматолог.

„Вашиот стоматолог може да се справи со многу ситуации преку телефон, како што е менаџирање на забоболка или која било друга болка во оралната регија. Ние секојдневно комуницираме со нашите пациенти и им даваме насоки, нормално онаму каде што дозволува третманот да се одвива со телемедицина. Во принцип, за итен стоматолошки случај се смета состојба која го става лицето во состојба на висок ризик. На пример, неконтролирано крвавење, траума на меките и тврдите ткива, како и појава на оток придружено со покачена температура, болка и црвенило во или надвор од оралната празнина“, објаснува д-р Венинов.

Смирете ја забоболката кај децата со аналгетски сируп – терaпија само со препорака од стоматолог

Родителите се посебно загрижени доколку во овој период нивните деца се жалат на болка во забите. Стоматолозите смируваат дека болката кај децата првенствено може да се смири со сируп со аналгетско дејство.

Исто така, постојат и орални гелови за деца кои можат да помогнат. Секоја терапија на детето давајте ја со претходна препорака од стоматолог.

 

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!