Хируршки третман на карцином на дојка

Во кои случаи изборот е операција?

Во раната фаза на карциномот на дојката првиот избор е хируршка интервенција. Со хируршката интервенција се отстранува туморот заедно со околното здраво ткиво од дојката или, пак, целата дојка. Со цел да се увиди дали туморот се проширил до аксиларните лимфни јазли, исто така се отстрануваат некои лимфни јазли. Со извршената хируршка постапка најпрво се одредува фазата на болеста, а се одредуваат и дополнителните третмани (радиотерапија, хормонска, хемотерапија).

Денес, благодарение на развојот на хирургијата и развојот на дополнителните третмани, одлични резултати може да се постигнат кај голем број пациенти.

Дали се отстранува целата дојка?

Во минатото општото верување било дека не постои друга можност освен да се отстрани целата дојка и целосно да се извадат аксиларните лимфни јазли. Сепак, денес, доколку болеста е дијагностицирана во рана фаза, оваа процедура се применува само кај мал број пациенти. Кај еден од два пациенти можно е да се зачува дојката со отстранување само на туморот и примена на радиотерапија на дојката затоа што кај некои пациенти не постои голема разлика меѓу третманот со зачувување на дојката и оној со отстранување на целата дојка. Можеме подетално да ги разгледаме хируршките интервенции на дојка и оние на лимфни јазли:

1. Операција со зачувување на дојката

Што е операција со зачувување на дојката?

Во овие случаи, се преферира отстранување на ткивото со тумор со метод за зачувување на дојката наместо отстранување на целата дојка во случаи кога туморот е сконцентриран на едно место. Во операцијата со зачувување на дојката, ткивото со тумор се отстранува со дел од околното здраво ткиво со дебелина од околу 1-2см (широка ексцизија, туморектомија, лампектомија).

Други техники за отстранување на поголема површина од дојката се нарекуваат квадрантектомија или делумна мастектомија.

Масите кои не се опипливи, а се смета дека се малигни и обележани со жица со мамографија или ултразвук се отстрануваат со жица или со радионуклидна локализација на скриени лезии (ROLL) и пределот се снима со цел да се создаде сигурност дека целосно се отстранети.

За кого е наменета?

Операцијата во која се зачувува дојката се применува во случаи на мали тумори или тумори сконцентрирани на едно место, во рана фаза (стадиум I или II) каде што соодносот меѓу туморот и дојката е соодветен, а пациентот може да подлежи на радиотерапија по операцијата. По оваа операција, годишната стапка на повторна појава во истата дојка е 0,5-1%, во зависност од карактеристиките на туморот.

Што треба да се земе предвид?

Треба да се потврди со сигурност дека пациентите се информирани пред операцијата дека може да примат радиотерапија и дека ќе доаѓаат на редовни контроли со оглед на тоа дека долгорочното набљудување на овие пациенти е многу важно. Доколку пациентот треба да прими хемотерапија, треба да заврши со овој третман пред да се примени радиотерапија.

2. Хируршко отстранување на целата дојка (мастектомија)

Што е хируршко отстранување на целата дојка?

Мастектомијата е метод кој се применува во случаи каде операцијата со зачувување на дојката не е соодветна. Кога се вклучени и аксиларните лимфни јазли може да се примени и изменета радикална мастектомија, што значи отстранување на целата дојка и голем дел од аксиларните лимфни јазли.

За кого е соодветна?

Мастектомијата беше широко применета во минатото, но денес истата се препорачува само кај пациенти со тумори од големи размери или широко распространети тумори (со повеќе жаришта), кои не можат да се отстранат со третманот за зачувување на дојката.

Кај некои пациенти кои имаат историја на карцином на дојка кај членови од семејството од прво колено, доколку карциномот на дојката е од наследен карактер, мастектомија може да се примени на здрава дојка за намалување на ризикот и за превентивни цели. Овој тип операции се извршуваат како операции за „зачувување на кожата“ кај карциноми во ран стадиум или како „мастектомија со зачувување на брадавицата“ кај карциноми кои се оддалечени од брадавицата. Овие операции може да вклучуваат и истовремени козметичко-реконструктивни процедури во соработка со специјалист за пластична хирургија. Во текот на операцијата со зачувување на брадавицата, додека пациентот е под дејство на анестезија и на операциска маса, може да се даде и единечна доза на радиотерапија (интраоперативна радиотерапија).

3. Хируршка интервенција на аксиларната област

  •  Сентинелна биопсија на лимфните јазли (SLNB)

Што е сентинелна биопсија на лимфните јазли (SLNB)?

Карциномот на дојката најчесто се шири до аксиларните лимфни јазли. Во минатото се преферираше да се отстранат целосно лимфните јазли (аксиларна дисекција) со цел да се одреди стадиумот на болеста и да се открие степенот до кој се зафатени аксиларните лимфни јазли. Сепак, несаканите ефекти од оваа процедура на кои се жалат пациентите, како: оток на раката (лимфедема), ограничување на рамото, недостиг од сила во раката и отрпнување на раката ги поттикнаа истражувачите да пронајдат нов метод. Во изминативе години се разви техниката позната како „сентинел биопсија на лимфните јазли“, во која се отстрануваат само оние лимфни јазли за кои постои најголема веројатност да содржат клетки на канцер.

Како се применува техниката наречена сентинелна биопсија на лимфните јазли?

При оваа техника се вбризгува радиоактивна супстанца во дојката со карцином пред операцијата. Лимфосцинтиграфија се прави или во попладневниот период еден ден пред операцијата или утрото на денот на операцијата. Потоа, со детектор за радиоактивни супстанци наречен гама проб се отстранува лимфниот јазол или јазли (сентинелен лимфен јазол) и се носи на патологија за испитување во текот на операцијата. Исто така, може да се вбризга и инјекција со сина боја во дојката за време на операцијата. Во овој случај, сино обоениот лимфен канал може да се најде и да се следи. Сино обоениот лимфен јазол може да се отстрани како сентинелен лимфен јазол и може да се испрати на патологија за време на операцијата. Доколку е зафатен и сентинелен лимфен јазол, сите лимфни јазли во аксиларниот предел се отстрануваат. Доколку наодот е негативен за време на операцијата, остануваат недопрени за време на операцијата и лимфните јазли кои се сметаат за нормални не се отстрануваат. Кај пациенти на кои им била направена сентинелна биопсија на лимфните јазлина овој начин несакани ефекти како лимфедема, ограничување на движењата на раката и отрпнатост во рамената се јавуваат во значително помала мера. Сепак, овие сентинелни лимфни јазли се третираат со посебни процеси и деловите од пациентот со негативни резултати, исто така, може да бидат предмет на посебни бои. Доколку резултатите покажат дека лимфните јазли се минимално зафатени, во зависност од случајот, на пациентот може ќе треба да му се изврши втора операција, а се прави и дополнителна аксиларна дисекција со која се отстрануваат сите аксиларни лимфни јазли.

Во кои случаи се применува техниката на сентинелна биопсија  на лимфни јазли?

Кај Т1/Т2 тумори кои се помали од 5см зафатеноста на аксиларниот лимфен јазол е помала од 50%. Па така, сентинелна биопсијата на лимфен јазол мора да се примени особено кај Т1/Т2 случаи, каде не е откриена сомнителна зафатеност на аксиларниот лимфен јазол во текот на испитувањето и/или ултразвукот. Може да се каже дека примената на оваа техника стана стандарден обид кај пациенти со негативен резултат на клинички тестирања на аксиларни лимфни јазли, со оглед на тоа дека студиите со пациенти чиј карцином не е проширен до аксиларните лимфни јазли покажуваат дека кога се работи за повторно локално аксиларно појавување, според долгорочните резултати не постои разлика меѓу пациенти на кои им било извршена само биопсија на сентинелни лимфните јазли или аксиларна дисекција.

  • Отстранување на аксиларни лимфни јазли

Што е отстранување на аксиларни лимфни јазли?

Станува збор за отстранување на повеќе аксиларни лимфни јазли, кога постои нивна зафатеност со канцерогени клетки. Во овој случај, пациентите може да се пожалат на оток, отрпнување и чувство на штипење во раката како резултат на отстранувањето на аксиларни лимфни јазли.

4. Реконструкција на дојка

Што е реконструкција на дојка?

Реконструкцијата на дојка се прави со цел да се врати дојката што била отстранета како последица на карцином во својата природна состојба. Гледајќи од овој аспект, реконструкцијата на дојката не е козметичка хируршка интервенција туку поправка (реконструкција). Со други зборови, станува збор за хируршка интервенција наменета за замена на дел од телото кој бил отстранет поради болест. Благодарение на развојот на медицината, хирурзите сега може да создадат дојка која изгледа многу слично на природната. Специјалистите по пластична и реконструктивна хирургија се дел од тимот кој работи на третманот на карцином на дојка во развиените држави. Овие специјалисти прават операции да ја вратат дојката на пациентот во својата природна состојба онаму каде што е тоа потребно.

Кои се предностите на реконструкција на дојката?

Загубата на дојките има негативно психичко влијание кај многу жени. Резултатот кој се добива по реконструктивната хируршка интервенција може да биде почеток на нов живот за голем дел од пациентите. Семејните односи и сексуалниот живот на овие пациенти, исто така, стануваат похармоничен. Освен тоа, ова им помага на пациентите подобро да се справат со болеста со тоа што го засилуваат својот духовен статус.

Кога може да се направи реконструкција на дојка?

Реконструкција на дојката може да се направи речиси кај сите жени кои ги загубиле дојките како последица на карцином на дојката. Сепак, времето во кое ќе се направи реконструкцијата е различно. Може да се направи веднаш, т.е. истовремено со мастектомијата (отстранувањето на дојката) или по интервенцијата (одложена реконструкција). Сепак, истовремената реконструкција дава многу подобри козметички резултати.

Кои се предностите од реконструкција на дојката во рана фаза?

Реконструкција на дојката вообичаено се прави кај карцином во рана фаза. Најважната предност на рана реконструкција е тоа што кај истовремената реконструкција може да се направи мастектомија со зачувување на кожата. На овој начин, можно е да се минимизира психолошката траума низ која би поминал пациентот како резултат на отстранување на дојката. Друга предност на оваа процедура е нејзината економичност.

Кои се причините за одложување на реконструкција на дојката?

Постојат повеќе причини за доцна реконструкција на дојката. Некои пациенти не сакаат уште една хируршка интервенција. Некои пациенти не ја прифаќаат опцијата за реконструкција на дојката додека сè уште тешко ја прифаќаат дијагнозата на карцином на дојка. Други пак, добиле совет од своите хирурзи дека треба да почекаат, особено во случаи кога се вклучени хемотерапија и радиотерапија по хируршката интервенција. Покрај ова, пациентот може да добие совет да почека и во случаи на прекумерна тежина, висок крвен притисок и доколку е пушач.

Кои се фазите на реконструкција на дојката?

Постојат 3 фази на реконструкција на дојкa: создавање ткиво на дојката, реставрација на брадавица и ареола и одредување на симетрија на дојките, редоследно.

Методот и одредувањето на времето за реконструкција се определуваат според одредени критериуми. Многу фактори како општата здравствена состојба на пациентот, возраста, карактеристики на телото, карактеристики на мастектомијата, дали се применува радиотерапија или не, состојбата на другата дојка, што претпочита пациентот, искуството и вештините на хирургот играат важна одлука во донесувањето на оваа одлука.

  • Импланти на дојки

Имплантите на дојки се делат на две главни групи: исполнети со гел или со солен раствор. Надворешната површина кај двата вида се состои од силиконски ѕидови. Во зависност од состојбата на пациентот, реконструкцијата може да се направи директно со поставување на протезата (кај истовремена реконструкција), или прво може да се внесе балон наречен „проширувач на ткивото“ со цел да ги прошири меките ткива во ѕидот на градниот кош и потоа истиот да биде заменет со постојана протеза. Вториот метод особено се претпочита во случаи на реконструкции кои се прават подоцна.

Хируршката интервенција за реконструкција на дојката со протеза е технички поедноставен метод за кој е потребно помалку време. Сепак, со оваа интервенција се внесува туѓо тело во организмот, па може да дојде до проблеми како инфекција, силиконско истекување или дефлација на протезата. Друг важен недостаток на овој метод е тоа што дојката можеби нема да има доволно природен изглед доколку се развие тврдо ткиво околу протезата во силиконската дојка.

  • Реконструкција на дојката од ткиво на самиот пациент (автогено ткиво)

Реконструкцијата на дојка со автогено ткиво се смета за посложена хируршка интервенција која бара искуство. Како автогено ткиво се користат ткива земени од абдоменот, грбот, колковите и нозете.

  • Реконструкција на дојката се прави со пренесување на долниот дел на абдоминалната кожа и поткожното масно ткиво во областа на дојките со техника за слободен трансфер на ткиво (слободен флеп) или изолиран флепсо користење на еден од внатрешните абдоминални ѕидни мускули, трансверзален recutus abdominis микоутален флеп (transverse rectus abdominis muscle-TRAM). На овој начин се прави абдоминопластика кај пациентот за време на операцијата.
  • Реконструкција на дојката се прави со пренесување на мускул и кожа од страната на грбот до пределот на дојката со изолиран или слободен флеп. При користење на овој метод, лузната на грбот обично може да се скрие под градникот.
  • Реконструкција на дојката се врши со пренесување кожа и поткожно масно ткиво од колкот и пределот на ногата со слободен трансфер на ткиво, т.н. микрохируршки метод.

Микрохирургија

Во рамките на слободниот трансфер на ткиво при реконструкција на дојката, кожата и поткожното масно ткиво заедно со крвните садови целосно се одделуваат од абдоменот, грбот или пределот на колковите за кои се припоени и се спојуваат со крвните садови на целното место со цел да останат живи. За оваа операција да биде успешна, специјалистот по пластична хирургија треба да биде искусен во микрохирургија затоа што спојувањето на тенките крвни садови е возможно само под микроскоп.

Автогените ткива се слични на ткивата на дојката по својата содржина. Благодарение на ова својство, физичкото однесување на дојката добиена со автогено ткиво покажува многу повеќе сличности со природните дојки и чувството се враќа подобро отколку кај поставувањето протеза. По операцијата, со исчезнувањето на лузните и омекнувањето на ткивото се зголемува задоволството. Автогеното ткиво реагира особено на промени во тежината како и нормалната дојка. Како резултат на тоа, симетријата меѓу двете дојки останува поприродна во случаи на нивно опуштање кое се јавува како резултат на стареење или прекумерна промена на тежината по операцијата. Исто така, реконструкцијата на дојка со автогени ткива не го спречува третманот со радиотерапија и хемотерапија.

Реконструкција на брадавицата и ареолата

Понекогаш се потребни неколку операции за да се добие природен изглед на дојките. Првата операција, процесот на создавање ткиво на дојката, е најсложената. Втората, создавањето на брадавицата и ареолата (темната површина околу брадавицата) е полесна и оваа интервенција може да се направи и додека пациентот е под дејство на локална анестезија. Брадавицата се состои од околните ткива. Што се однесува до темната површина околу, може да се направи тетоважа или да се искористи кожа од другата дојка.

Создавање симетрија на дојките

Кога се прави реконструкција на едната дојка, не се очекува реконструираната дојка да биде симетрична со другата. Ова особено важи за случаите кога другата дојка е голема или опуштена. Во вакви случаи, со цел да се создаде симетрија на дојките, може да се направи операција на другата дојка, што значи намалување, зголемување или подигнување на другата дојка.

По операција на дојката

Постоперативната болка значително може да се ублажи со лекови. Во зависност од операцијата, ако не е направена реконструкција, пациентот треба да остане во болница од 1 до 2 дена, додека ако е направена реконструкција овој период е од 2 до 5 дена. Пациентите добиваат отпусен лист за 1 ден доколку е направена операција со зачувување на дојката или 1-2 дена доколку е направена мастектомија. Катетрите кои спречуваат собирање течности може да се постават за време на операцијата, а се вадат од  неколку дена, па до 1-2 недели во зависност од операцијата.

Враќање на секојдневните активности

Времето за враќање на секојдневните активности е од неколку дена до 4 недели, во зависност од сложеноста на операцијата. Болничкиот престој кај пациентите со автогена реконструкција на дојката е подолг отколку кај пациентите кои имале реконструкција на дојката со протеза.

Пациентите може да се капат нормално по 2 дена, доколку имаат катетри кои ќе спречат навлегување на вода во истите. Преврската на работ на катетарот треба да се промени по капењето. Иако не е страшно да се наводенат лузните од операцијата по два дена, пациентот треба да избегнува иритација на раните.

Веќе неколку часа по завршувањето на операцијата нема потреба од посебна исхрана или ограничувања во храната и пијалаците.

Нормалниот чувство не се стекнува со реконструкција, но дел од осетот може да се врати во догледно време. Поголемиот дел од лузните избледнуваат со тек на време. Сепак, иако овој период е 1-2 години, лузните не исчезнуваат целосно, но пациентите не се грижат толку многу за лузните доколку реконструкцијата е направена квалитетно.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!