Холелитијаза – Камења во жолчно ќесе

Камења во жолчното кесе се создаваат кога одредена супстанца од жолчката ја надминува нормалната концентрација и станува нерастворлива во жолчниот сок. Како резултат на тоа се формираат кристали на кои се таложи слуз, бактерии и други состојки од жолчката.

Камења во жолчното кесе се создаваат кога одредена супстанца од жолчката ја надминува нормалната концентрација и станува нерастворлива во жолчниот сок. Како резултат на тоа се формираат кристали на кои се таложи слуз, бактерии и други состојки од жолчката.

Застапеноста на камењата во жолчното кесе во светски рамки изнесува  10 – 20 % од возрасната популација. Секоја година 1-3% од светската популација создава камења во жолчното кесе. Оваа појава е почеста кај женскиот пол, особено во репродуктивниот период. Со стареење се зголемува ризикот од појава на истата.

Симптоми

Скоро половина од пациентите со камења во жолчното кесе се без симптоми. Движењето на каменчињата доведува до затнување на каналот од кој истекува жолчката во жолчниот вод, предизвикува воспаление на жолчното кесе и појава на типична болка под десниот ребрен лак, која некогаш се шири кон грбот или десното рамо, проследена со гадење  или повраќање.

Постојат неколку видови  на камења во жолчното кесе : холестеролски (над 80%) – жолти, билирубински – темно пребоени (билирубин, калциум) и мешани  (холестерол, билирубин, калциум…). Најчести ризик фактори за појава на камења во жолчното кесе се: гојазност, бременост, отежнето истекување на жолчката од жолчното кесе, лекови, генетски предиспозиции, хемолитички синдроми , заболувања на црниот дроб (цироза), воспалителни болести или отстранување на дел од тенкото црево, трауматски шок, опекотини.

Клиничка слика

Болките можат да се јавуваат секојдневно во вид на напади, во времетраење и до 30 мин.,  најчесто испровоцирани од некој пообилен масен оброк или алкохол. Можно е да се јавуваат и еднаш неделно, еднаш месечно дури и еднаш годишно. Болката може да е и тапа, подолготрајна и да наликува на желудочна или бубрежна болка. Поретко може да има покачена телесна температура, отежнато варење на храната или подуеност на стомакот, или пожолтување на кожата и лигавиците. Последното се случува кога каменот ќе се заглави во жолчниот вод (канал кој го поврзува жолчното кесе со тенкото црево.)

Доколку болката трае подолго од 20 мин. и посебно ако е здружена со покачена температура, повраќање или евентуално пожолтување, пациентот треба да е под медицински надзор.

Како и кај секое заболување, навремената дијагноза овозможува поефикасен третман и избегнување на компликации. Дијагнозата се поставува со користење на : 

–        Ултразвук (ехо) – брза , евтина и најдобра дијагностичка процедура

–        КТ ( Компјутеризирана томографија)

–        МРИ ( магнетна резонанса)

–        Рентгенска слика на стомакот

Компликации

Компликациите кои можат да се јават се: акутен холециститис (акутно воспаление на жолчното кесе), хроничен холецистит (хронично воспаление), акутен панкреатит – воспаление на панкреасот, холедохолитијаза (камења во жолчниот канал), како и карцином на жолчното кесе – состојба која настанува од долготрајно хронично воспаление.

Третман

Медикаментозната терапија со уродеосихолна киселина, во ерата на лапароскопска хирургија има сè помало значење бидејќи делува само на холестеролскиот тип на камења, долготрајна е  и со променлив успех. Хируршки ( лапароскопска или отворена холецистектомија) – отстранување на жолчното кесе.

ЕРЦП – ендоскопска ретроградна холангиопанкреатографија – нехируршка метода со која се отстрануваат камења од жолчните канали – најчесто се изведува пред операцијата на жолчното кесе.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!