Точен е фактот дека со стареењето се намалува менталната активност на мозокот а заедно со тоа доаѓа и до намалување на концентрацијата, помнењето и фокусирањето. Не можеме да му се спротивставиме на времето и природните процеси, но секако дека можеме да влијаеме ваквите промени да бидат со намален интензитет и да го подобриме квалитетот на живот. Воведувањето на долунаведените храна и пијалаци се докажани сојузници за зачувување на виталноста на мозокот.
Кофеинот го зголемува вниманието
Не постои магичен пијалак кој ќе ви помогне во зголемување на коефициентот на интелигенција или да ве направи попаметен, но одредени супстанции, како кофеинот, може да ви даде енергија која ќе ви помогне да се концентрирате. Кофеинот може да го најдете во кафето, чоколадото, енергетски пијалаци и одредени лекови. Ефектот на кофеинот е краткотраен. Сепак, внимавајте колку кофеин внесувате во текот на денот, бидејќи преголемиот внес може да ве направи нервозни.
Шеќерот ве одржува будни
Шеќерот е главното гориво за работа на мозокот. Не зборуваме за белиот шеќер, туку гликозата која вашето тело ја преработува од шеќерите и јаглехидратите кои ги внесувате преку храната. Внесувањето на слатка храна и храна богата со јаглехидрати го поттикнува помнењето, размислувањето и сите останати ментални способности. Внесувањето на оптимални количини од оваа храна ќе ви помогне да ја поттикнете работата на мозокот, без притоа да ги зголемите килограмите.
Појадокот го храни мозокот
Прескокнувањето на појадокот може штетно да влијае на вашата способност за меморија и концентрација во текот на денот. Истражувањата покажел дека мозокот има потреба од утринско „хранење“. Она што треба да се најде на утринското мени: житарици, млечни производи и овошје. Но, не се прејадувајте. Преголемиот внес на храна ја намалува концентрацијата.
Рибата ја спречува деменцијата
Рибата е голем извор на протеини и омега 3 масни киселини кои се клучни за здравјето на мозокот. Овие здрави масти имаат неверојатна моќ врз здравјето на мозочните клетки, а редовното јадење риба е поврзано со помал ризик од деменција и мозочен удар и зачувување на менталните способности со текот на годините. За добра функција на мозокот и срцето, јадете две порции риба неделно.
Дневна доза темно чоколадо и јаткасти плодови
Јаткастите плодови се добар извор на антиоксиданти – витамин Е, кој ја одржува виталноста на мозокот како што стареете. Темното чоколадо, исто така, има и други моќни антиоксидантни својства, и тоа што содржи природни стимуланси како кофеин, што може да го подобри фокусот.
Подгответе се за долгиот ден
Покрај исхраната од голема важност за добра концентрација и способност за работа е:
- Да бидете добро наспани
- Пијте течности во тек на денот
- Вежбајте
- Медитирајте за да се релаксирате