IMRT – радиотерапија со модулиран интензитет

Еден од главните модалитети на акцелераторот TROLOGY, со кој располага Центарот за онкологија и радиотерапија во „Аџибадем Систина“ е (IMRT) интензитет модулирана радиотерапија. Д-р Дева Петрова, онколог, вели дека благодарение на оваа техника, квалитетот и прецизноста на зрачниот третман се подигнати на највисоко ниво. IMRT овозможува прецизно планирање на дозата во целниот волумен. „IMRT техниката овозможува доставување на препишаната доза на зрачење која треба туморот да ја прими, и е максимално прилагодена на туморот, дури и кога неговата форма е комплексна, т.е. неправилна. Со помош на оваа техника на зрачење се овозможува доставување на посакуваната доза во туморот со максимална заштита на здравите органи“, вели д-р Петрова.

Го заштитува здравото ткиво

Интензитет модулираната радиотерапија (IMRT) е вид на конформална радиотерапија. Конформалната радиотерапија овозможува прилагодување на зрачниот волумен на планираниот целен волумен, т.е. волуменот од интерес. Туморот добива високи дози, а нормалните, здрави ткива во близина на туморот добиваат многу пониски дози од препишаната доза. При користење на IMRT-техниката, дозата се доставува со користење на повеќе зрачни полиња под различни агли и при доставување на дозата од секој поединечен агол во тек на третманот може да се менува интензитетот на зракот со цел да се оствари максималната заштита на органите од ризик. Со тоа се избегнуваат високи дози на зрачење на структури кои инаку би биле оштетени со радиотерапијата. Со тоа, IMRT го намалува ризикот од долгорочни несакани ефекти. Тоа е од особено значење за радиотерапијата на тумори локализирани на главата и вратот, каде што на мал простор постојат повеќе органи од ризик, на пример за да се избегне оштетување на ‘рбетниот мозок, плунковните жлезди, очите и сл.

Индивидуален план за третман

Постојат неколку чекори во планирањето на IMRT. Се започнува со КТ-скенирање во склоп на процесот за подготовка за зрачење или симулација. Исто така, во планирањето може да се искористат и податоците од МР или ПЕТ скенирања на делот од телото што треба да се третира. Информациите од овие скенирања се внесуваат директно во компјутерот за планирање радиотерапија и се регистрираат со снимката добиена од КТ скенирањето. „Врз база на резултатите од снимањата ние внимателно го планираме третманот и со помош на напредни софтверски системи за планирање се бележат целниот волумен и органите од ризик. Во согласност со протоколите за зрачење на тумори со различни локализации се препишува и вкупната доза и дневната доза на зрачење и физичарот го изработува планот за зрачење на пациентот“, вели д-р Петрова Пред да се закаже зрачниот третман за пациентот се прави евалуација или анализа на планот што го изготвил физичарот со цел да се види дали истиот ги задоволува критериумите на протоколот за зрачење, т.е. дали целниот волумен (туморот) ја прима препишаната доза и дали органите од ризик примаат доза во рамките на дозволената доза дефинирана во протоколот за зрачење. Потоа се закажува термин за отпочнување со радиотерапија.

Кои видови канцер може да се третираат со IMRT

Оваа техника на зрачење може да се применува кај тумори со различни локализации, но најчесто е применувана кај тумори на глава и врат, тумори на мозок и карцином на простата.

Без несакани ефекти

Со користење радиотерапија со модулиран интензитет шансите за оштетување на здравото ткиво се сведени на минумум, а со тоа оваа техника го намалува ризикот од појава на несакани ефекти. Како и кај секоја радиотерапија со надворешно зрачење, несаканите ефекти влијаат само на делот од телото на кој е насочен радиотерапискиот третман.

Trilogy е софистициран линеарен акцелератор кој нуди можност за прецизна и ефикасна зрачна терапија во лекување канцер. Во Центарот за онкологија и радиотерапија во „Аџибадем Систина” функционира единствениот акцелератор од ваков вид во земјава и регионот. Покрај IMRT, акцелераторот TRILOGY располага и со следниве модалитети: IGRT (радиотерапија водена од слики): овозможува одредување на локацијата на туморот во текот на третманот. Благодарение на секојдневните контролни снимки се следи дали туморот што го зрачиме е во зрачното поле. SRT/SRC радиотерапија: придобивките од стереотактичната радиотерапија генерално се однесуваат за малите лезии (тумори). Со SRT/ SRC радиотерапијата се користат прецизни зраци кои стигнуваат и до најмалите тумори.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!