Стеснувањето и затнувањето на каротидните артерии (големи артерии на вратот кои го снабдуваат мозокот со крв) опфаќаат околу 30% од причини за настанување мозочен удар. Од посебно значење за појавата на мозочниот удар се промените во вратниот дел на артериите најчесто на местото на двоење на заедничката каротидна артерија во внатрешна и надворешна.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ постои можност со интегриран пристап, со конзилијарно учество на повеќе експерти да одбереме вистински начин на поставување на дијагнозата и да направиме еден сеопфатен скрининг на придружните болести, во согласност со највисоките светски стандарди и следејќи ги најновите препораки да спроведеме третман на каротидната артериска болест.
Дијагностика
Доплер ултрасонографија на каротидни артерии претставува дијагностичка метода со која може да се врши преглед на магистралните крвни садови на вратот. Испитувањето комбинира дводимензионален приказ на крвните садови, со анализа на протокот на крвта со примена на доплеров принцип. Методата е исклучително значајна, со оглед на тоа дека интерната каротидна артерија го снабдува мозокот со крв. Со помош на оваа метода се открива постоење на атеросклеротична плака/тромб, по должина на крвните садови, како и промени во брзината на протокот на крвта. Исто така, со ултразвукот може да се одреди морфорологијата на атероскле- ротичната плака, што влијае на носењето одлука за интервенција. Ултрасонографското испитување на каротидните артерии претставува неинванзивна, сигурна, прецизна и релативно евтина метода. Прецизноста на оваа метода за детекција на каротидна стеноза е околу 85–90%. „Се препорачува, освен кај превентивните прегледи, испитувањето да се прави и кај сите пациенти со прележан мозочен удар, прележан срцев удар, како и кај сите пациенти со ризик фактори за кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи покачен крвен притисок, покачен холестерол, дијабет, фамилијарна предиспозиција. Навременото откривање и соодветното лекување на болеста на каротидните артерии ќе овозможи намалување на последиците од ненавременото лекување, што го вклучува инвалидитетот, па дури понекогаш и смртниот исход, како последица на мозочниот удар предизвикан од болест на каротидните артерии. Се препорачува кај популација над 50-годишна возраст превентивните прегледи да се извршуваат еднаш годишно. Кај пациентите со докажана каротидна болест, прегледите да се извршуваат согласно препораката на докторот“, објаснува д-р Марина Јуруковска, кардиолог.
Ангиографија на вратни артерии
КТ ангиографијата на вратните артериски стебла (каротидни и вертебрални) претставува неинвазивна дијагностичка процедура што се користи во современата медицинска пракса за дијагностика и третман на морфолошки промени на овие артериски крвни садови. Вратните артериски стебла имаат почеток од лакот на аортата и минуваат низ вратната регија, на патот кон главата, при што имаат функција за крвоснабдување на вратната регија и органите во неа, како и за крвоснабдување на главата, мозокот и мозочните структури. Нарушувањето во крвоснабдувањето предизвикува одредени здравствени проблеми кај луѓето, кои се манифестираат со соодветна медицинска клиничка слика. Најчести проблеми се манифестираат кај централниот нервен систем, односно мозокот и мозочните структури. „Ангиографијата со компјутерска томографија (КТА) претставува едноставна процедура што трае кратко и потребна е минимална подготовка на пациентот. Пациентот не зема храна 2–3 часа пред прегледот, добро е хидриран и доколку постои некое нарушување на функцијата на бубрезите, потребно е да се знае нивото на креатинин во крвта. Преку игла поставена во лакотна вена, се вбризгува контраст- но средство и се прави серија динамички скенови на апарати од современата генерација на компјутерски томографи. По завршувањето на процедурата, следува анализа на прикажаните артериски стебла. Најчесто се утврдуваат стеснувања (стенози) или затнувања (оклузии) на крвните садови. Покрај тоа, се дијагностицираат и вродени или стекнати (најчесто посттрауматски) аномалии на крвните садови, како и приказ на крвоснабдување на туморски творби во регија на вратот и главата“, објаснува д–р Сенчо Нетков, рендгенолог. Добиените информации за морфолошките промени на крвните садови се појдовна точка за понатамошниот третман. Видот на третманот го одредува конзилиум од специјалисти, и тоа дијагностички радиолог, интервентен кардио- лог и васкуларен хирург.
Реваскуларизација со стентирање
Испитувајќи ги крвните садови кои го хранат срцевиот мускул, забележан е висок процент на истовремено критично стеснување на коронарните артерии и на каротидните артерии. Во тој случај кардиологот треба врз основа на клиничката слика и од наодот од ангиографијата да одреди стратегија за лекување. Начинот на кој се изведува ангиографијата на каротидните артерии е идентичен како и при снимањето на коронарните артерии, со тоа што катетерите со кои се снимаат крвните садови се малку поинаку дизајнирани. Со вшприцување контрастно средство ги прикажуваме крвните садови и врз основа на наодот одредуваме терапевтски пристап. „Една од терапевтските можности е и т. н. конзервативен пристап, со давање лекови кои ја намалуваат способноста на крвта да создава тромби (крвно згрутчување), лекови кои го стабилизираат внатрешниот дел на крвните садови и лекови што го коригираат нивото на холестерол во крвта. Враќање на крвниот проток на каротидните артерии се изведува и со уште една терапевтска можност, каротидно стентирање. Тоа претставува интервентна постапка каде што преку катетери, на безбеден начин, се проширува оштетениот сегмент од вратниот дел на коронарните артерии и се поставува ендоваскуларна протеза, т. н. стент. Овој тип третман последниве години претставува водечки начин на лекување на каротидната артериска болест“, објаснува д–р Жарко Христовски, кардиолог.
Хируршки третман
Со помош на хируршки третман на каротидите се отстрануваат наталожените масни материи и калциумови соли од внатрешната страна на артерии и се враќа нормалниот проток на крв во мозокот. Ова наталожување го стеснува пречникот на артеријата, го намалува протокот на крвта и може да предизвика мозочен удар. Заради наталожувањето ѕидот ја губи еластичноста и не може да ги задоволи потребите на мозокот. Протокот на крв во каротидните артерии може да биде делумно или целосно блокиран. Пред да се почне со оперативниот зафат торако–васкуларниот хирург може да побара дополнителни лабораториски испитувања (крв и урина), електрокардиограм, артерографија, ехо или магнетна резонанца. Задача на торако– васкуларниот хирург е најпрво да направи идентификација на стеснетиот дел, потоа се прави рез на артеријата и се отстранува плаката. Постојат две процедури за третман: ендартеректомија и ангиопластика со поставување стент. Оперативниот зафат се изведува под анестезија (локална или општа) и трае околу 1–4 часа.