Проф. д-р Баџакова : За 40 отсто е зголемен бројот на деца со алергии

Дури 85 деца од 100 кои дошле во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ имаат респираторни проблеми. Бројот на млади со вакви потешкотии е во пораст, а клучна причина за тоа е генетски модифицираната исхрана, пестицидите, вели професор доктор Гордана Маческа-Баџакова. Таа им советува на родителите да ги шетаат децата често, да внимаваат на нивната исхрана. Баџакова е дел од педијатрискиот тим на „Аџибадем Систина“ и вели дека е добро што во време на раст на овие здравствени проблеми во Македонија има клиника каде што се спроведуваат сите испитувања, има комплетна дијагностика и лекување.

– На нашите пациенти можеме да им понудиме нешто што, за жал, претходно во јавното здравство не можевме да го понудиме. Дефинитивно луѓето доаѓаат и ќе доаѓаат во иднина затоа што сме единствени во одредени нешта. Кога станува збор за педијатрискиот дел, има палета на можности на испитување,на дијагностика  и третман што им се нудат на пациентите. По многу нешта сме иноватори, по многу нешта сме први во Македонија, многу нешта кај нас прво почнуваат и траат. Ако ме прашувате за тимот, станува збор за квалитетни колеги кои практично секој си е индивидуалец кој е изграден професионално, во основа ние сме една  убава група на лекари која одлично соработува, која дефинитивно ги разменува искуствата – објаснува Баџакова.

Каква услуга им се нуди на пациентите, велите поразлични сте од  другите?

– Ние сме различни и во однос на другите, ние сме поразлични од Србија, Косово, Албанија. Правиме испитувања што ги нема таму.

Инаку, станува збор за една голема група лекари кои се изградени и кои имаат стручност. Имаме детски пулмолог кој ги покрива детските дишни патишта, имаме детски невролог кој ги покрива невролошките проблеми или епилепсиите, имаме детски хематолог кој ги покрива коскевата срцевина и проблемите, имаме детски кардиолог.  Покриваме 90 проценти од телото на детето.  Во однос на тимот, педијатрија има 18 доктори, што воопшто не е малку.  Имаме  прекрасна интензивна нега, која е срцето на една болница. Работиме со палета на дијагностички испитувања кои во светот беа веќе внесени, односно имплементирани.  Затоа сме единствени по тоа што го работиме.

Вие сте специјалист пулмолог,  кои се најчестите заболувања кај децата?

 Од 100 деца кои дошле во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ 85 се пожалиле на респираторни потешкотии. Може да замислите колку деца се тоа. Тоа што  го овозможува болницата и менаџментот  во однос на опремата, дијагностиката и лекувањето е подарок за сите деца во Македонија. Се работи за една неинванзивна метода која се стандардизираше додека јас бев студент. Сепак, кога почнав да работам во Македонија не се применуваше, што беше навистина тажно за мене. Тоа е метода при која нема боцкање, не прави траума, нема потреба да се вади крв, едноставно да не се влошува состојбата кај децата. Има методи кои бараат да се дијагностицира што се случува во дишните патишта, тоа се методи што сме ги работеле во јавното здравство, но предизвикувале тешкотии во дишењето на пациентите. Сега не е така. Со оваа метода што ние ја имаме, на многу едноставен начин доаѓаме до 100-процентна дијагноза. Утврдуваме дали некој пациент треба да прима терапија, дали има астма, дали има здраво дишно стебло. Тоа е многу важно затоа што има многу пациенти кои примаат терапија, а немало потреба, и обратно има пациенти кои требало да примаат терапија, а не примиле.

Алергиските болести се во пораст, особено кај децата, што е причината и како може да се превенира?

 За жал, бројот на деца кои имаат проблеми со респираторни потешкотии расте, ако пред десет години од 10 деца кои имале проблеми шест биле со респираторни, сега од 10 деца, осум се со респираторни потешкотии. Не зборувам за горни респираторни потешкотии од апсект на болки во грлото и кашлица, туку станува збор за пациенти кои имаат потреба од подолг третман или развиваат хронична болест.  Таа бројка е поголема во однос на ситуацијата од пред десет години. Бројот рапидно расте, впрочем е зголемен за 30 до 40 отсто. Второ, потешкотиите сега почнуваат на многу помала возраст. Ако порано се појавувале во третата година од животот, на пример развој на чувствителност на дишно стебло, сега веќе многу порано. Децата и во втората година од животот развиваат бронхијална астма. Се зголемува и процентот на деца коишто страдаат од алергиски потешкотии, било да се работи за алергии на дишните патишта или за алергиски потешкотии на кожата. Овој процент е драстично зголемен. Ако порано или пред десет години од десет деца 25  проценти имале проблем со хранителните намирници или познатите нутритивни алергии, сега со тој проблем се 50 отсто од десет деца. Тоа е голема бројка. И ние, лекарите, се прашуваме зошто е тоа така. Тоа не е проблем со Македонија, тоа е глобален проблем, со тоа што кај нас процентот е поголем. Инаку, 21 век е прогласен како век на епидемии, алергиски потешкотии и астма. Кога  го слушнав тоа на конгрес во Лондон без вчудовидена, но сето тоа се должи на еколошките промени. Најверојатно, на мутациите на семињата што се прават, практично многу житарици се генетски модифицирани, а наверојатно остана само хељдата, која не е третирана и генетска модифицирана. Друг проблем се пестицидите, кои се ставаат на растенијата многу повеќе од порано. Сето тоа го јадеме, но и исто така ја труеме и земјата, почвата. Тоа води до мутација на организмот и сето тоа е причинител за зголемување на алергиите. Сите ние го ставаме воздухот како клучен фактор за алергиите, но тука е и почвата. Тука нешто тешко дека ќе се смени иако се бара решение. Генетската предиспозиција е основа за секоја болест така и за алергиите, но  клучно е што, генетиката ја носите во себе,  но не мора да значи дека ќе ја разбудите ако правило живеете.

Дали имунитетот е причина за алергиите?

– Мислам дека во Македонија тоа се злоупотребува. Имунитетот е нешто што се развива во текот во животот. Класичните имунолошки страдања се многу ретки сè уште и за среќа. Не значи дека ако едно дете е склоно на респираторни инфекции има слаб имунитет. Причините се други, загадувањето на храната, воздухот, водата, но тука е и мутацијата на вируси. Последните години се соочуваме со голема мутација на вирусите. Имунитетот не се бори со еден тип  вирус туку во истовреме се бори со три до четири вируси. Значи, не мора да е слаб имунитет туку за бомбардирање на децата.

Но, како да се заштитиме, како да се заштитат децата?

– Тешко може да го спречиме ова. На родителите им советувам да ги шетаат децата во парк. Родителите кои имаат деца помали од две години да  не ги качуваат на висински места оти тие се боксерски удари за белите дробови. Треба да се шета во парк, покрај езеро, море. Важно е да излегува надвор, децата да се хранат со намирници што се на пазарот, да не им даваат готови сокови, мајонези, кечапи. Да се избегнува храна со емулгатори и да се подготвува домашна храна. Треба да се даваат повеќе цитрусни производи, лимонот да биде постојано присутен во денот, задолжително да се внесува витамин Д3. Тој е докажано најдобриот заштитник на имунитетот и го зајакнува одговорот на телото на одредени инфекции.

Пример, од 10 инфекции во 12 месеци  9 инфекции се вирусно генерирани, што значи една е бактериска, тоа значи дека антибиотици не треба да се користат сè додека испитувањата на  крвта не покажат индикатор за бактерија.  Што е можно повеќе во лето и пролет да бидат надвор од Скопје, во природа и само тоа тело ќе се адаптира на условите … да не се клукаат со разни фармацевтски услуги.

 

извор:faktor.mk

 

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!