„Хроничната болка во кичма никогаш не треба да се прифаќа како „нормална состојба“, но не секоја болка е дискус хернија. Неконтролираното користење народни лекови понекогаш може и да ја влоши состојбата. Најдолгата операција на која сум работел траеше околу 13 часа и стануваше збор за исклучително голем тумор на `рбетниот мозок. Во такви ситуации, времето практично престанува да се чувствува“ – неврохирургот д-р Миленко Костов за CRNOBELO.com.
Доц. д-р Миленко Костов, работи како неврохирург во клиничка болница „Аџибадем Систина“, а со него разговаравме за тоа што го привлекло кон најкомплексната гранка, дали хирурзите имаат ритуали пред операција, но и за некои од најчестите причини заради кои пациентите се јавуваат кај него.
Освен што работи со возрасни пациенти, во низата специјалности му е и педијатриската хирургија, па зборува и за чувствителниот мозок на најмалечките.
Од тоа колку се опасни повредите на глава, до тоа дали треба да се игнорира болката во кичма и кога станува збор за дискус хернија, но и за посериозни случаи со тумор на мозокот, д-р Миленко објаснува за CRNOBELO.com.
Д-р Миленко Костов за CRNOBELO.com:
Што Ве привлече кон неврохирургијата – една од најсложените и најодговорни гранки на медицината?
Неврохирургијата ме привлече пред сè поради фасцинацијата од мозокот, кој претставува еден од најсовршените и најкомплексни органи во човечкото тело.
Тоа е орган кој ги контролира сите функции, емоции и движења, а секоја интервенција на него носи огромна одговорност.
Дополнително, неврохирургијата долго време беше релативно недоволно истражена гранка, што претставуваше предизвик и мотив за постојано учење и напредување.
Станува збор за дисциплина во која нема простор за рутина и автоматизам – секој случај е различен.
Комплексните техники и потребата од апсолутна прецизност ме привлекоа уште во рана возраст.
Уште во втора година средно образование знаев дека ова е патот по кој сакам да се движам.
Денес можам да кажам дека тоа беше свесна и правилна одлука.

Имате ли некакви ритуали пред операција?
Голем број хирурзи, без разлика дали јавно признаваат или не, имаат одредени ритуали пред операција.
Тоа не се суеверија во класична смисла, туку начини на психолошка подготовка и фокусирање.
И јас имам свои лични ритуали кои ми помагаат да се изолирам од надворешните фактори и целосно да се концентрирам на пациентот и интервенцијата.
Смиреноста и менталната стабилност се клучни, бидејќи секоја неврохируршка интервенција бара максимална прецизност.
Ритуалите создаваат чувство на контрола и подготвеност.
Тоа е момент кога целото внимание е насочено само кон една цел, успешен исход за пациентот.
Колку е важна тимската работа во неврохирургијата?
Тимската работа во неврохирургијата е апсолутно неопходна и незаменлива.
Во операционата сала не постои индивидуален успех, успехот секогаш е резултат на заедничка работа.
Секој член на тимот има јасно дефинирана улога и одговорност, од анестезиологот, преку инструментарките, до медицинските сестри.
Неврохирургот е лидер на тимот, но без доверба и синхронизација меѓу сите, не може да се постигне оптимален резултат.
Во текот на операцијата можат да се појават неочекувани ситуации кои бараат брза реакција и меѓусебна поддршка.
Токму тогаш доаѓа до израз силата на тимот. Кога сите функционираат како едно, исходот е значително подобар за пациентот.
Трнење на раце и нозе – дали и кога тоа е аларм за посета на неврохирург?
Трнењето на рацете и нозете е симптом кој не треба да се игнорира, но истовремено не значи секогаш сериозна состојба.
Вообичаено, првиот чекор е консултација со невролог, кој ќе направи детални клинички и дијагностички испитувања.
Неврологот може да утврди дали станува збор за периферен проблем, невролошко нарушување или состојба поврзана со ’рбетот.
Доколку постои сомнеж за компресија на нервни структури или друга состојба која бара хируршки третман, пациентот се упатува кај неврохирург.
Навремената дијагноза е од клучно значење. Колку порано се утврди причината, толку е поголема можноста за успешно лекување.
Затоа е важно пациентите да не ги занемаруваат ваквите симптоми.

Колку начинот на живот влијае врз здравјето на ’рбетот?
Современиот начин на живот има исклучително големо влијание врз здравјето на ’рбетниот столб.
Долготрајното седење, особено во неправилна положба, создава постојан притисок врз ’рбетот.
Користењето мобилни телефони и компјутери дополнително ја нарушува правилната поставеност на вратот и грбот.
Физичката неактивност доведува до слабеење на мускулатурата која го поддржува ’рбетот.
Од друга страна, неправилното кревање тешки предмети во секојдневието често резултира со акутни или хронични повреди.
Со текот на времето, овие навики доведуваат до дегенеративни промени. Затоа, здравиот начин на живот и правилното движење се клучни за превенција.
Болките во грбот се сè почести – кога навистина станува збор за дискус хернија?
Болката во грбот е еден од најчестите здравствени проблеми денес, но не секоја болка значи дискус хернија.
Кога болката почнува да се шири кон ногата, најчесто по текот на нервот, тогаш постои сериозен сомнеж за дискус хернија.
Овој тип болка често е придружен со трнење, слабост или чувство на „жарење“. Во такви случаи, неопходно е пациентот да се јави кај лекар.
Соодветната дијагностика, најчесто со магнетна резонанца, овозможува прецизно утврдување на состојбата.
Раното откривање значи и поголема можност за конзервативен третман. Одложувањето може да доведе до компликации.
Што би им препорачале на луѓето кои со години ја игнорираат хроничната болка во кичмата?
Хроничната болка никогаш не треба да се прифаќа како „нормална состојба“.
Болката е сигнал што телото го испраќа за да укаже дека постои проблем. Игнорирањето со години може да доведе до сериозни оштетувања и трајни последици.
Најважно е навремено да се побара стручна помош. Често е неопходно да се направи магнетна резонанца за да се утврди точната причина.
Раната дијагноза овозможува поедноставен и поефикасен третман.
Пациентите треба да разберат дека одлагањето не го решава проблемот, туку го влошува.
Кои се најчестите погрешни верувања при болки во грбот?
Едно од најчестите погрешни верувања е дека лековите можат целосно да го решат проблемот со болките во грбот.
Апчињата можат да ја намалат болката, но не ја отстрануваат причината. Многу луѓе мислат дека со земање на терапија можат да продолжат со истите лоши навики.
Напротив, без физичка активност и промена во животниот стил, проблемот се повторува.
Неконтролираното користење народни лекови и масажи понекогаш може и да ја влоши состојбата.
Затоа е важно третманот да биде стручно воден.
Кои се најчестите причини поради кои децата завршуваат кај неврохирург?
Кај децата, најчеста причина за неврохируршка интервенција се тешките повреди на главата.
Тие најчесто се резултат на сообраќајни несреќи или сериозни трауми. Детскиот мозок е почувствителен и бара посебен пристап.
Затоа секоја сериозна повреда мора внимателно да се следи. Раната интервенција може да спречи долгорочни последици.
Кои симптоми кај децата родителите најчесто ги занемаруваат?
Во пракса, родителите ретко ги занемаруваат симптомите кај децата. Напротив, тие се исклучително внимателни и грижливи.
Често доаѓаат на лекар и при најмала промена во однесувањето или здравјето на детето. Понекогаш тоа е резултат на страв и паника, а не на реална здравствена опасност.
Но подобро е да се реагира навреме отколку да се пропушти сериозен симптом. Ова покажува колку е важна родителската интуиција.
Во најголем број случаи, станува збор за лажна тревога.
Дали секоја повреда на главата е опасна?
Не секоја повреда на главата е опасна и бара интервенција. Напротив, исклучително мал процент од овие повреди се сериозни.
Најголем дел поминуваат без компликации. Сепак, важно е повредите да се следат, особено ако се појават симптоми како губење на свест, повраќање или силна главоболка.
Лекарот е тој што проценува дали е потребна дополнителна дијагностика.
Колку се чести туморите на мозок и може ли да се спречат?
За жал, туморите на мозок се сè почести во современото општество. Генетските фактори играат улога, но не се единствена причина.
Загадувањето на воздухот, храната и водата, како и начинот на живот, имаат значително влијание. Целосна превенција не постои.
Сепак, здравите навики можат да го намалат ризикот. Раната дијагноза е клучна за успешен третман.
Затоа е важно да се обрне внимание на симптомите.

Кои се симптомите на тумор на мозок?
Симптомите на тумор на мозок може да бидат различни и зависат од неговата локализација.
Најчесто се јавуваат епилептични напади кај лица кои претходно немале таква состојба, може да се појави губење или отежнување на говорот, слабост или нарушено движење на екстремитетите од една страна, силно утринско повраќање и главоболки.
Овие симптоми се слични кај возрасни и деца. При нивна појава, потребна е итна лекарска консултација.
Колку се безбедни компјутерската томографија и магнетната резонанца, особено кај деца?
Современите дијагностички методи се безбедни кога се користат со медицинска индикација.
Лекарот секогаш внимателно проценува кога и кој метод да го примени, особено кај деца.
Компјутерската томографија користи минимално зрачење, но е исклучително корисна во итни случаи.
Магнетната резонанца, од друга страна, не користи зрачење воопшто. Таа е целосно безбедна и многу прецизна.
Затоа често е метод на избор. Дијагностиката е секогаш во корист на пациентот.
Кој е најмладиот пациент на кој сте извршиле неврохируршка интервенција и колку е тешко кога се работи со најмалите на такви сериозни случаи?
Најмладиот пациент на кој сме извршиле неврохируршка интервенција беше новороденче старо само неколку часа, поради вродена аномалија на ‘рбетот која беше дијагностицирана уште за време на бременоста.
Во вакви случаи, интервенцијата мора да се направи веднаш по раѓањето за да се спаси животот на детето. Имаме оперирано и бебиња од само неколку месеци, кои исто така спаѓаат меѓу најмладите пациенти во нашата пракса.
Овие процедури се исклучително стресни, пред сè од професионален аспект, бидејќи станува збор за многу мали анатомски структури и исклучително чувствителен мозок.
Дополнителна тежина претставува и огромната одговорност што ја носи секоја одлука.
Емоционалниот товар е уште поголем кога ќе се земе предвид состојбата на семејствата, особено мајката која штотуку родила и се соочува со потребата од итна неврохируршка операција на своето бебе.
Колку време траела најдолгата операција која сте ја правеле и колку е тешко да се издржи тоа?
Најдолгата операција на која сум работел траеше околу 13 часа и стануваше збор за исклучително голем тумор на `рбетниот мозок, кој беше цврсто сраснат со околните анатомски структури и многу крвавеше.
Тоа е воедно и една од најсложените неврохируршки процедури која што бара максимална концентрација и физичка издржливост во текот на целиот оперативен процес.
Во такви ситуации, времето практично престанува да се чувствува, бидејќи фокусот е исклучиво насочен кон безбедноста на пациентот.
Подеднакво комплексни и долготрајни интервенции кои ги изведуваме се и операциите на тумори локализирани на базата на черепот.
Секој ваков случај претставува голем професионален предизвик и бара големо искуство како и тимска работа на највисоко ниво.
Колку е напредната денес неврохирургијата во лекувањето тумори на мозок?
Неврохирургијата денес е неспоредливо понапредна отколку пред една или две децении.
Можам да кажам дека пристапот кон лекување на туморите е целосно променет.
Она што се работеше пред 30 години е неспоредливо со методите кои се користат денес.
И пред 10 години, можностите беа значително поограничени.
Денес имаме подобра и побрза дијагностика, попрецизни техники, подобра технологија, а со тоа и подобри резултати.
Фокусот е на зачувување на функциите и унапредување на квалитетот на животот на пациентите.
Дали технологијата овозможува помалку инвазивни и побезбедни операции?
Современата технологија донесе револуционерни промени во неврохирургијата.
Благодарение на иновативната технологија денес операциите се значително помалку инвазивни и побезбедни за пациентите.
Особен напредок во неврохируршките интервенции донесе воведувањето на роботиката со што се овозможува поголема прецизност.
Машинското учење и вештачката интелигенција помагаат во планирањето и изведбата на интервенциите.
Денес, операциите се значително пократки, а опоравувањето на пациентите е побрзо, со намален ризик од компликации.
Сето тоа е во корист на пациентите и претставува иднината на медицината.



