Д-р Муратовска: ПЕТ/КТ е прецизна техника со која се одредува точната локација на канцерогени клетки со големина и до 5 мм

ПЕТ/КТ испитувањата се прават кај онколошки болни и е особено корисна метода за дијагностика, за процена на стадиумот на болеста и нејзината напреднатост, за детекција на локални рецидиви и далечни метастази, процена на одговорот на примената терапија и за прецизно планирање на радиотерапијата кај онколошките пациенти.

Во драматично брзиот технолошки развој и медицината има свој прогресивен развој во дијагностиката и дијагностичките техники. Во последните години развојот на персонализираната медицина е следена и со развој на нови процедури во областа на нуклеарната медицина. Една од поновите постапки на скенирања е користење на ПЕТ/КТ апаратите.

За можностите и предностите на ПЕТ/КТ дијагностиката зборуваме со д-р Лилјана Муратовска, специјалист за нуклеарна медицина

Што е ПЕТ/КТ?

Д-р Муратовска: ПЕТ/КТ скенерот е интегриран систем од ПЕТ скенер и КТ скенер. ПЕТ/КТ скенот е фузија на ПЕТ (позитрона емисиона томографија) и КТ (компјутеризирана томографија) и е меѓу една од најефективните техники на сликање. Со едно сликање се прикажуваат промените во човековото тело на метаболно ниво, и тоа со комбинација на две технологии – ПЕТ за функционална проценка и КТ за анатомска локализација на промените. ПЕТ е најосетлива молекуларна имиџинг метода во денешно време во која со интравенска примена на позитронски емитери може да се прикажат раните метаболни промени во клетките.

Кратка историја

Употребата на позитронските емитери во медицински цели датира уште од 1951 година кога со првата конструирана двоглава гама камера е направено снимање на човековото тело, но во дводимензионална форма. Дури во 1974 година е конструирана камера која имала можност за снимање и реконструкција на томограмите во сите три рамнини (трансверзална, коронална и сагитална), па од тогаш и датира називот ПЕТ (позитрона емисиона томографија).

Во средината на 80-тите години од минатиот век е развиен концепт на мултидетекторски систем со снижување на трошоците на производство, така да камерите можело да се произведуваат во комерцијални цели, а новиот подем во развојот на ПЕТ скенерот започна во 2001 година. Тогаш е конструирана и првата ПЕТ/КТ камера и се усовршени компјутерските програми за обработка на дигиталните податоци, реконструкција на сликите и планирање на радиотерапијата. Забрзаниот развој на компјутерската технологија овозможи брз развој и на овааа метода. Со компјутерски програми е возможна фузија на податоците добиени од класичната КТ, МР и ПЕТ, па пред неколку години инсталирани се и првите ПЕТ/МР камери. Се до доцните 1990-ти години ПЕТ радиофармацевтиците се користеле само во експериментални цели. Во почетокот биле многу скапи бидејќи немало комерцијално производство, а дури со синтезата на F18-FDG (флуородезоксиглукоза) започна ерата на клиничка примена на ПЕТ.

ПЕТ/КТ скенерот е интегриран систем од ПЕТ скенер и КТ скенер. ПЕТ/КТ скенот е фузија на ПЕТ (позитрона емисиона томографија) и КТ (компјутеризирана томографија) и е меѓу една од најефективните техники на сликање

Принцип на ПЕТ

Откритието дека малигните тумори, рецидивите и метастазите покажуваат зголемен метаболизам на глукоза во споредба со нормалните ткива, довело до бројни клинички студии. Познато е дека многу туморски клетки за раст и репродукција како извор на енергија користат глукоза, поради што е овозможено прикажување на мали туморски клетки во различни органски системи. Кога болеста се развива, се менува биохемијата на ткивата и клетките. Кај карциномите клетките се мултиплицираат со многу побрзо темпо отколку нормалните клетки , хранејќи се со шеќери како глукоза.

И досега го следевме ефектот од терапијата, но беше потешко да се утврди дали туморот е активен или не е. Сега, многу јасно се следи „животот“ на туморското ткиво.

Во светот, овој апарат во 45 отсто случаи го менува третманот на пациентот од аспект на терапија. Со помош на ПЕТ/КТ се одредува и точната локација на канцерогени клетки со големина и до 5 мм. Се гледа дали болеста е проширена и на другите органи, односно дали постојат метастази. Досегашните техники на снимање не ги дијагностицираа метастазите со мали димензии во рана фаза. Со помош на ПЕТ/КТ може навреме да се дијагностицираат и што поскоро да се почне со третман.

Во рутинска пракса воглавно ПЕТ/КТ испитувањата се прават кај онколошки болни и е особено корисна метода за дијагностика, за процена на стадиумот на болеста и нејзината напреднатоста, за детекција на локални рецидиви и далечни метастази, процена на одговорот на примената терапија и за прецизно планирање на радиотерапијата кај онколошките пациенти.

Освен во онкологијата ПЕТ/КТ се применува и во кардиологијата за дијагностика на исхемична срцева болест, во неурологијата за епилепсии и деменции, па дури и кај различни воспалителни болест.

Како се изведува процедурата?

Д-р Муратовска: Во рутинска примена денес е радиофармацевтикот – позитронски емитер F18-FDG кој е всушност радиоизотоп (Fluor 18) врзан со шеќер – глукоза и служи за приказ на метаболизмот на глукозата.

Пред изведување на скенирањето потребно е пациентот да не зема храна најмалку 6 часа пред снимањето. Може да се пие вода пред снимањето, а особено по снимањето. Предуслов е секако добра хидрираност на пациентот и ниво на глукоза во крвта во нормални рамки. Пред снимањето се мери нивото на глукоза во крвта, а потоа се инјектира радиофармацевтикот. Радиофармацевтикот се инјектира интравенски, во точно одредена количина спрема годините и телесната тежина на пациентот, обично по кратко мирување. Пациентот по инјектирањето треба да мирува, снимањето се изведува по 60 минути и трае околу 30 минути за цело тело. Сликите потоа се обработуваат со помош на посебен компјутерски софтвер.

Дијагнозата е брза, медицинскиот извештај од ПЕТ/КТ скенот се добива за само 24-48 часа. Предноста е во тоа што апаратот е „две во едно”, пациентот не се поместува , а целото снимање е многу кратко, односно не трае повеќе од 30 минути.

Дали снимањето на ПЕТ/КТ има негативни последици?

Д-р Муратовска: ПЕТ/КТ скенот е сигурен за пациентите. Може да се примени и кај деца и кај возрасни пациенти, кај пациенти со импланти и вештачки протези, како и кај пациенти со дијабетес, по претходна подготовка. Дозата на радиофармацевтик што се употребува е многу мала и нема несакани ефекти и не влијае на нормалните процеси во организмот. Единствено ПЕТ/КТ скенирањето не се изведува кај бремени жени поради можно штетно влијание врз плодот. Затоа жените кои би можеле да бидат бремени треба за тоа да го информираат својот лекар и персоналот кој го изведува снимањето.

Колку ПЕТ/КТ скенови може да се направат?

Д-р Муратовска: Може да се направат повеќе ПЕТ/КТ скенирања во текот на болеста, се со цел да се утврди точна дијагноза и точна тераписка постапка и секако дали хемотерапијата или зрачењето даваат позитивни ефекти.

ПЕТ/КТ снимањето може да се изведува на следниве начини:

1.ПЕТ на цело тело со истовремено снимање и на нискоенергиски КТ на цело тело („low dose” CT) за корекција на атенуација на ПЕТ снимките и за точна анатомска локализација на лезиите

2.ПЕТ скен од базата на черепот до проксималните делови на натколениците со истовремено снимање на КТ („low dose” CT) за корекција на атенуација на ПЕТ снимките и за точна анатомска локализација на лезиите

3.ПЕТ на одредени регии од телото (глава, граден кош) со истовремено снимање на КТ („low dose” CT) на соодветниот дел од телото, за корекција на атенуација на ПЕТ снимките и за точна анатомска локализација на лезиите.

Анализата на дигиталните податоци добиени со снимањето се изведува на компјутерска единица поврзана со ПЕТ камерата. Лекарот специјалист по нуклеарна медицина го утврдува протоколот на снимање во зависност од клиничката индикација.

Кои се индикациите за ПЕТ/КТ скен?

Д-р Муратовска: Пациентите на ПЕТ/КТ може да ги упатат лекари од различна специјалности како онкологија, пулмологија, гинекологија, дерматовенерологија, интерна медицина (хематолози, гастроентеролози, ендокринолози), педијатрија – онколози.

Поточно сите кои работат со болести за кои постоjат утврдени индикации за FDG-PET/CT, според меѓународно контролирани мултицентрични студии, а тоа се: солитарни нодуси во бели дробови и карцином на бели дробови, тумори во регија на глава и врат, лимфоми, меланом, карциноми на штитна жлезда, колоректален карцином, карцином на хранопроводник, карцином на дојка, карцином на овариум и матка, карцином на црн дроб, жолчни патишта и жолчно ќесе, карцином на панкреас и останати малигни тумори на дигестивниот тракт, малигни тумори на тестиси и машкиот полов систем, карцином на бубрег (кај сомнение за проширена болест, не за примерен тумор на бубрег), малигни тумори на мускулоскелетен систем (сите саркоми), како и тумори со непознато потекло и локализација.

Во рутинска пракса воглавно ПЕТ/КТ испитувањата се прават кај онколошки болни и е особено корисна метода за дијагностика, за процена на стадиумот на болеста и нејзината напреднатоста, за детекција на локални рецидиви и далечни метастази

Не-онколошки индикации се кај исхемична миокардна болест (по спроведена комплетна дијагностичка обработка и добиен нејасен резултат) и епилепсија (предоперативно за локализација на фокусот кај рефракторни епилепсии со нејасна локализација).

Иднината на ПЕТ

Иднината е секако во персонализираната медицина и во тераностиката (дијагностика и терапија со ист фармацевтски препарат), а тука секако нуклеарната медицина има значајно место. Користењето на ПЕТ/МР скенерите исто така е предизвик, како и користење на специфични радиофармацевтици за одредени болести.

Националниот онколошки ПЕТ регистар ( NOPR )- националната база на податоци ја документира употребата на ПЕТ и ПЕТ/КТ во менаџирањето на канцерот и покажува дека во повеќе од еден од три случаи , ПЕТ/КТ резултатите водат до брза промена во третманот на пациентите. Резултатите објавени во списанијата за клиничка онкологија, ја покажуваат суштинската улога што ПЕТ/КТ може да ја игра во правилно дијагностицирање или верификација на суспектни рецидиви кај карциномите. Покрај тоа, Националната канцер мрежа ( NCCN ) го инкорпорира ПЕТ/КТ во алгоритамот за менаџмент на повеќето малигнитети. Поради тоа се користи како стандардна метода за следење на болните со различни тумори. Особено е корисна за локализација на туморите, проценка на ефектот на терапијата, одредување на стадиумот на болеста односно нејзината прогресија, детекција на локални рецидиви и дистантни метастази, а поновите ПЕТ/КТ камери овозможуваат и прецизно планирање на радиотерапија кај онколошките пациенти.

Извор: panacea.mk

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!