Сува кожа е проблем со кој се соочува голем дел од луѓето, но зошто најчесто сувата кожа се јавува во зима? Ладното време и ветерот може да ја влошат состојбата на вашата кожа, која и немала досега проблеми. Во овој период проблеми со сувост на кожата може да се очекуваат во секоја возраст, почнувајќи од најмалите.
Сувите делови најчесто се манифестираат на дланките и нозете. Предизвикува чешање кое честопати е со толкав интензитет што ги нарушува дневните активности и спиењето. На местата кои се суви, поради честото чешање кожата се задебелува и станува груба. Најнепријатната состојба се појавата на пукнатини на кожата кои се болни. Сувата кожа може да предизвика и воспаление на кожата – дерматитис. Во тој случај се појавува и црвенило на кожата. Оштетената кожа може да биде влезна врата за инфекции па како компликација може да се јави и бактериска инфекција. Во вакви случаи мора да се јавите на дерматолог и да ја третирате кожата.
Зошто кожата станува сува?
Површинскиот слој на кожата (оној кој се лупи после сончање) се состои од мртви клетки на кожата и природни масти (липиди) Овие природни липиди ја задржуваат водата од телото да не излегува надвор преку кожата и ја заштитуваат кожата од инфекции бидејќи не дозволуваат да навлезат микроорганизми. Мртвите клетки заедно со липидите од кожата задржуваат одредено количество вода која ја прави кожата мека еластична и мазна.
Сувата кожа се јавува кога површинскиот слој на кожата нема доволно вода за да ја одржува еластичноста на кожата. Честото миење на рацете со сапун, изложеност на груби хемикалии, нормалниот процес на стареење и одредени видови болести на кожата се само некои од причините за нарушување на површинскиот слој на кожата. Како резултат на губењето на водата, кожата се собира и настануваат мали пукнатини. Вака нарушениот слој претставува извор на инфекции.
Како да си помогнете
Покрај советите од вашиот дерматолог, ова се неколку совети кои ќе ви помогнат да не ја влошите и така сувата кожа.
Не туширајте се со жешка вода
Млаката вода е подобар избор, избегнувајте туширање или миење на рацете со премногу топла вода. Одберете помалку агресивни гелови за туширање и сапун за рацете, одберете производи наменети за чувствителна кожа.
Нежно тапкајте со крпата за да ја исушите кожата.
Нанесете крем за раце и млеко за тело додека е уште влажна кожата.
Не претоплувајте ја просторијата
Претоплата просторија доведува до сушење на воздухот во просторот кој може да предизвика дополнително сушење на кожата.
Заштитете ја кожата
Заштитете ја кожата на рацете со носење ракавици за заштита од студот и ладниот ветер. Не заборавајте ја и кремата со заштитен фактор. Зимското сонце може да ја оштети кожата подеднакво како и летното сонце. Нанесете крема која содржи цинк оксид на местата кои се изложени на сонце.
Пијте течности
Покрај пиењето чај и топли пијалаци, не заборавајте ја и водата. Единствено нешто кое ѝ е најпотребно на кожата за еластичност и виталност е водата. Најдобро решение е млака вода со лимон.
Домашни лекови
Млеко, мед, јогурт, кокосово масло, маслиново масло… ова се состојки кои ѝ се пријатели на кожата. Користете ги самостојно или во комбинација и ќе добиете извонредни резултати.