КАКО ДА СЕ ПОДГОТВИТЕ ЗА ОПЕРАЦИЈА НА СРЦЕ

УЛОГАТА НА КАРДИОАНЕСТЕЗИОЛОЗИТЕ ВО ПРЕДОПЕРАТИВНА ПОДГОТОВКА НА ПАЦИЕНТ

Во светот на медицината, кардиохирургијата претставува една од најкомплексните и најризичните области. Во оваа област, улогата на кардиоанестезиологот е од клучно значење бидејќи хируршките техники напредуваат и пациентите со сложена медицинска историја стануваат сѐ почести. Прим. д-р мед. науки Бети Костадиновска-Јорданоска, специјалист по анестезиологија со интензивно лекување, вели дека кардиоанестезиолозите не само што обезбедуваат анестезија за време на операциите, туку и активно учествуваат во предоперативната подготовка на пациентите, осигурувајќи дека сите аспекти на нивната здравствена состојба се внимателно разгледани и управувани.

„Нашата улога како кардиоанестезиолози е од огромно значење и започнува при самиот прием на пациентот на нашиот оддел каде што работиме заедно со хирурзите, кардиолозите и другите членови на тимот за да обезбедиме дека пациентот е оптимално подготвен за операцијата. Кардиоанестезиологот при правење план за анестезија ги вклучува: возраста на пациентот, медицинската историја, тековните лекови, алергиите и видот на операцијата што се изведува. Исто така, мора да ја земе предвид функцијата на срцето на пациентот и сите веќе постојни кардиолошки состојби“, вели д-р Костадиновска-Јорданоска.

Справувањето со непредвидливоста од компликации, потребата за брзи и прецизни одлуки, постојана комуникација со хируршкиот тим и следење на состојбата на пациентот се едни од најголемите предизвици на еден кардиоанестезиолог.

ПРЕДОПЕРАТИВНА ПОДГОТОВКА НА ПАЦИЕНТИТЕ

Прв чекор во текот на предоперативната подготовка на пациентите e детална проценка на здравствената состојба на пациентот. Ова подразбира преглед на медицинската историја, физички прегледи и потребни лабораториски тестови. Пациентот треба да го информира медицинскиот тим за неговата претходна здравствена состојба и лековите што ги користи и да се придржува до насоките и дадените упатства од страна на медицинскиот тим. Д-р Костадиновска-Јорданоска вели дека составен дел од предоперативната подготовка е и психолошката поддршка, која е од големо значење во текот на предоперативниот и периодот на закрепнување на пациентот.

„Предоперативната психолошка подготовка е многу важна. Разговараме со пациентите за да ги разбереме нивните стравови, грижи и очекувања и им даваме информации како можат да ги намалат својот стрес и анксиозност. Ние исто така ги поттикнуваме да поставуваат прашања и ги поддржуваме низ целиот процес“, вели д-р Костадиновска-Јорданоска.

ШТО Е ПРЕДАНЕСТЕЗИОЛОШКА ВИЗИТА?

Преданестезиолошка визита се прави при прием на секој пациент на Одделот за кардиохирургија и таа претставува детално земена анамнеза со посебен осврт на: симптомите, ризик-факторите (дислипидемија, хипертензија, дебелина, дијабетес), анамнеза за прележан миокарден инфаркт, претходна кардиохируршка операција, имплантација на електростимулатор и/или кардиовертер, придружни заболувања (хронична опструктивна белодробна болест, болест на тироидната жлезда, бубрежна слабост), лична анамнеза (алергија на лекови и храна, пушење, алкохол, професионални болести и др.), фамилијарна анамнеза со посебен осврт на кардиоваскуларни болести, фармаколошка анамнеза за хронична терапија на пациентот, со посебен акцент на антикоагулантна и двојна антиагрегатна терапија.

„Кај секој пациент пред операција се прави и проценка на кардиоваскуларниот систем. Процесот вклучува неколку чекори. Прво, правиме електрокардиограм (ЕКГ) за да ги оцениме срцевиот ритам и електричната активност на срцето. При прием на пациентот исто така правиме трансторакална ехокардиографија (ТТЕ) за да ги оцениме структурите и функцијата на срцето, вклучувајќи ги и испумпувачката функција и состојбата на срцевите залистоци. Дополнително, се прави и ултразвук на каротидните артерии, доплер на артериите и вените на долните екстремитети. Проценката на белодробната функција, исто така, е од исклучителна важност за сите пациенти пред операција. Кај сите пациенти на прием се прави рендгенографија на бели дробови и медијастинум, додека кај пациенти со ХОББ, бронхиектазии, емфизем и сл. белодробната функција се проценува дополнително преку спирометрија и артериски гасни анализи. На овој начин, се утврдува дали има некакви опструкции или рестрикции во дишните патишта и се прави проценка на нивото на кислород и јаглерод диоксид во крвта. Потребно е да имаме детален план за справување со евентуални компликации и да бидеме подготвени да реагираме бргу“, објаснува д-р Костадиновска-Јорданоска.

ОПТИМИЗАЦИЈА НА ТЕРАПИЈАТА КАЈ ПАЦИЕНТИ ПРЕД ОПЕРАЦИЈА

Оптимизацијата на терапијата кај пациентите пред операција вклучува неколку аспекти како преглед на тековната терапија на пациентот и нејзино приспособување каде што има потреба. „Некои лекови, како антикоагуланси и антиагреганти, треба да се прекинат или заменат со други кои имаат пократко дејство за да се намали ризикот од крвавење за време на операцијата. Исто така, пациенти што земаат лекови за зголемен крвен притисок или дијабетес може да имаат потреба од специфични приспособувања, за да се одржи стабилноста на нивните витални параметри за време на и по операцијата“, објаснува д-р Костадиновска-Јорданоска. Кај пациенти со висок ризик или бројни придружни заболувања, важно е да се развие индивидуализиран план за анестезија. Прекумерните медицински ризици се менаџираат преку општа подготовка на пациентот, стабилизација на сите препознаени медицински проблеми, оптимизација на здравствената состојба и соработка со други медицински специјалисти.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!