Меѓународната недела за подигнување на свесноста за заболувања на тироидната жлезда се одбележува секоја година во периодот од 25 до 31 мај. Целта на одбележувањето на оваа недела е да се зголеми свесноста кај граѓаните за здравјето на тироидната жлезда, кое е важно за целокупното функционирање на организмот, раното откривање на болестите на тироидната жлезда, нивната превенција и лекување.
Специјалистите по никлеарна медицина д-р Лилјана Муратовска и м-р д-р Билјана Црцарева велат болестите на тироидната жлезда се меѓу најчестите ендокрини заболувања и претставуваат проблем што брзо се шири на глобално ниво. Тие зафаќаат милиони луѓе ширум светот, влијаат врз нивното секојдневие, ја намалуваат продуктивноста, го менуваат квалитетот на животот и доведуваат до појава на други здравствени компликации.
„Оваа жлезда со изглед на пеперутка или штит, сместена од предната страна на вратот, е одговорна за лачење на хормони кои го регулираат метаболизмот. Во тироидната жлезда се создаваат два важни хормони, тријодотиронин (Т3) и тироксин (Т4). Нивната работа ја регулира трет хормон кој се лачи во хипофизата во мозокот и се вика тиреостимулирачни хормон (ТСХ). Лачењето на хормоните е добро регулирано, а проблеми се јавуваат кога жлездата создава помалку или повеќе на тироидни хормони. Нивното оптимално ниво влијае на срцето, белите дробови и нервниот систем, на органите за варење, но има и големо значење за правилно функционирање на репродуктивниот систем т.е на половите хормони. Поради ова влијание, проблемите со функцијата на тироидната жлезда може да претставуваат една од потенцијалните причини за стерилитет. Неможноста за забременување е еден од сигналите за посета на лекар и за проверка и на функцијата на тироидната жлезда“, вели д-р Муратовска.
Д-р Црцарева бели дека тироидната жлезда ни испраќа сигнали кога нешто не функционира како што треба. Меѓутоа, симптомите како што се замор, раздразливост, депресија или дебелина, се чести и кај луѓе кои немаат тироидни проблеми, па затоа често се занемаруваат.
„Ако не се третираат, симптомите на нарушена функција на тироидната жлезда можат да доведат до сериозни компликации. Едноставна крвна алнализа на тироидни хормони може да покаже дали симптомите се резултат на нарушување на функцијата на тироидната жлезда. Болеста најчесто напредува постепено. Симптомите често, во почетокот, не се манифестираат подолг период, а многу од нив се препишуваат на други болести, како на пример менопауза или на стареење на организмот. Во раниот стадиум на болеста парадоксално е присутна напнатост, нервоза и несоница. Во подоцнежниот стадиум на болеста се јавува замор, изнемоштеност, поспаност, зимурливост, зарипнатост во гласот, запек, пораст на телесната тежина (и покрај намалениот апетит), намалено потење, чувство на трпнење по кожата и наглувост. Болните забележуваат забавеност, заборавност, безволни се, со оток на лицето, кое е без мимика. Кожата станува бледожолтеникава, сува, ладна и перутава. Косата и ноктите стануваат „груби” и кршливи. Може да се јават менструални нарушувања, стерилитет кај мажите и жените, а кај децата хипотироидизмот може да е причина за предвремен или задоцнет пубертет“, објаснува д-р Црцарева.
Познато е дека зголемената активност на тироидната жлезда е десет пати почеста кај жените отколку кај мажите, и тоа најчесто во периодот од 20 до 40 години. Сепак, ова нарушување може да се појави во било кој период од животот. Кога тироидната жлезда е преактивна и лачи повеќе хормони, зборуваме за хипертиреоза. Последица од тоа е забрзан метаболизам, а симптомите се: губење на телесна тежина, анксиозност, зголемено потење. Спротивно на оваа состојба, кога има недоволно лачење на хормони и намалена активност на оваа важна жлезда таа состојба се нарекува хипотиреоза. Тогаш метаболизмот се успорува, а главни симптоми се: замор, зголемување на телесната тежина и депресија.
Докторите апелираат дека навремената дијагностика е најважна за успешен третман на заболувањата на тироидната жлезда и доколку навреме се открие болеста и се почне со адекватна терапија, лицата со нарушена функција на тироидната жлезда може да водат нормален живот.