Ако со сигурност може да кажеме дека седењето пред компјутерот може да предизвика искривеност и болки во вратот, истражувањата покажуваат дека неудобната перница предизвикува уште полош ефект. Прочитајте ги нашите седум совети за избор на идеална перница која ќе ја намали болката во вратот и ќе го држи ’рбетот во правилна положба.
Одберете перница која се прилагодува на вашата позиција
Перница која се прилагодува на вашата поставеност на вратот е најдобриот избор. На тој начин има услови вратот да заземе позиција во која ќе се одмори. Најдобра поддршка на вратот даваат перниците исполнети со пена.
Најдобар материјал е латекс пената
Природниот латекс дава одлична поддршка на вратот, без да предизвикува дополнителна топлина за разлика од мемори пената. Иако не сме свесни, топлината која телото ја развива за време на спиењето може да биде една од причините за будење и неудобен сон. Доколку сте алергични на латекс, перниците со мемори пена се одлична замена за вас.
Перниците полнети со пердуви најмногу предизвикуваат болка во вратот
Овие перници се најдостапни, но не се пријател на вашиот врат. Иако изгледаат меко и удобно при првото легнување, за време на ноќта може да ви направат само штета. Со вашето движење се движат и пердувите со што не се обезбедува правилна поддршка на вратот. Ниските перници со пердуви се подобра варијанта.
Ефектот на перници со мешан состав не е докажан
Сè уште не е докажан целосниот ефект на мешаниот состав на перници, како што се мемори пена со латекс и гел во внатрешноста. Перниците кои содржат многу материјали го одржуваат вратот во неудобна позиција.
Дополнителна перница може да биде од корист
Користењето дополнителни перници покрај телото, особено ако имате навика да спиете на стомак, може да бидат одлична поддршка за вашето тело. Дополнителни перници се особено важни за бремените жени, кои честопати ги користат како поддршка на телото и заземање удобна позиција за време на сонот.
Како да направите најдобар избор
Секоја перница има лоши и добри страни. На одреден тип перница, иако важи можеби за најдобра, вашата глава и врат не можат да се прилагодат. Следете ги знаците на телото и ќе знаете дали сте на добар пат. Доколку се будите со болка и вкочанетост на вратот, тогаш сте направиле лош избор на перница. Идеалната перница треба да биде таква што ќе се прилагоди на обликот на главата, вратот и рамената, ќе овозможи правилно држење на ’рбетот и ќе го ублажи притисокот на телото.
Менувајте ја перницата редовно
Иако не сме свесни, перниците содржат бактерии, прав и мртви клетки од нашата кожа. Затоа менувајте ја перницата минимум еднаш во две години.