КАМЧИЊА ВО ЖОЛЧНО ЌЕСЕ

Жолчното ќесе е мал, по форма крушковиден орган во големина од 7-10 см, со капацитет за собирање жолчка 30-50 мл, сместен под црниот дроб во десниот горен дел од стомачната празнина. Тоа е резервоар за дигестивната течност наречена жолчка, која ја создава црниот дроб и која се лачи во дванаесетпалечното црево и помага во дигестија на храната. Доктор Фросина Адамовска, специјалист по дигестивна хирургија, вели дека калкулозна холециста или присуство на камчиња во жолчното ќесе е еден од најчестите проблеми што го зафаќаат дигестивниот тракт. Се јавува трипати почесто кај жените отколку кај мажите, секоја четврта жена има калкулоза во жолчно ќесе. Камчињата се цврсти состојки на жолчката кои може да се формираат во жолчното ќесе или жолчните канали. Нивната големина може да варира од многу ситни зрнца како песок, до големина на јајце. По број може да бидат од еден солитарен калкул до многубројни и различни по форма. По состав можат да бидат холестеролски, што е најчестиот тип камчиња, кои се жолтеникави по боја, составени главно од неразграден, наталожен холестерол и билирубински, кои се темнокафеави или црни по боја и кои во својот состав доминантно го содржат пигментот билирубин. Покрај билирубин и холестерол, камчињата во својот состав содржат и калциум, карбонати, фосфати и некои други состојки.

ПРИЧИНИ ЗА ПОЈАВА НА КАЛКУЛОЗА

Една од причините за појава на калкулоза е присуството на голема количина холестерол во жолчката. Нормално, жолчката содржи доволно хемиски супстанции кои го разградуваат холестеролот излачен од црниот дроб. Но, кога црниот дроб секретира повеќе холестерол отколку што жолчката може да разгради, вишокот холестерол се таложи во форма на кристали во жолчното ќесе. Понатаму, таложењето на билирубинот во жолчното ќесе може да доведе до појава на калкулоза. Одредени состојби може да предизвикаат црниот дроб прекумерно да создава билирубин, како при црнодробна цироза, инфекција на билијарниот тракт, одредени хематолошки заболувања. Потоа нецелосното и недоволно празнење на жолчното ќесе ја прави жолчката концентрирана и може исто така да резултира со формирање камења.

РИЗИК-ФАКТОРИ

Појавата на камчиња е поврзана со повеќе фактори, како: возраст, пол, етничка припадност. Ризик-факторите за појава на жолчни камења се различни и вклучуваат повеќе здравствени и животни аспекти. „Жените имаат поголем ризик за развој на камчиња во споредба со мажите, а возраста над 40 години дополнително го зголемува овој ризик. Фамилијарната историја, исто така, игра значајна улога, бидејќи генетската предиспозиција може да придонесе за нивната појава. Понатаму, начинот на исхрана, при што консумацијата на храна богата со масти го зголемува ризикот“, објаснува д-р Адамовска. Други ризик-фактори се: прекумерната телесна тежина, дијабетесот, бременоста, губење телесна тежина за краток временски период, употреба на орални контрацептиви, хематолошки заболувања како sickle cell анемија, хепатално заболување, Кронова болест, како и оперативни процедури на желудник и тенко црево.

СИМПТОМИ

Најчест симптом е болката, т.н. билијарна колика. Најчесто се јавува како болка под десниот ребрен лак, или болка во епигастриум, која се шири одзади кон грбот под десната плешка, понекогаш е проследена со гадење и повраќање. Болката може да трае од неколку минути до неколку часа. „Во случаи на воспаление на жолчното ќесе (холецистит), симптомите вклучуваат постојана и интензивна болка, зголемена телесна температура, треска и слабост. Доколку почувствувате некој од овие симптоми, особено ако болката е силна и трае подолго време, препорачуваме веднаш да се побара лекарска помош“, вели д-р Адамовска.

НАЧИНИ НА ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Еден од начините е земањето анамнеза, односно разговор со пациентот за симптомите, времетраењето и зачестеноста на болката, како и факторите на ризик. Потоа ќе се изврши клинички преглед, при што може да се забележи осетливост во горниот десен дел на стомакот, особено при длабока палпација. Потоа тука е и ултразвукот. Ова е најчестиот и најнеинвазивен метод за откривање на жолчни камења. „Ултразвучниот преглед овозможува визуализација на камчињата во жолчното ќесе и проценка на можни компликации, како воспаление или задебелување на ѕидовите на жолчното ќесе. И секако тука е и магнетната резонанца, која се користи за детална визуализација на жолчните канали и може да открие камења што се заглавени во жолчните патишта“, објаснува д-р Адамовска.

КОМПЛИКАЦИИ

Компликациите од жолчните камења можат да бидат сериозни и да доведат до различни здравствени проблеми. Две третини од пациентите со калкулоза развиваат хроничен холецистит, кој се карактеризира со повторливи епизоди на болка и воспаление на жолчното ќесе. „Една од најчестите акутни компликации е акутниот холецистит. Доколку каменот го блокира главниот жолчен канал, оваа состојба се манифестира со жолтица (пожолтување на кожата и белките на очите), потемнета урина, светла столица и силна болка. Една од најтешките компликации од калкулозно жолчно ќесе е развој на акутен панкреатит, односно воспаление на панкреасот предизвикано од враќање на жолчните ензими во панкреасниот канал. Исто така, постои зголемен ризик од појава на карцином на жолчното ќесе кај историја со долгогодишна калкулоза (повеќе од 10 години)“, вели д-р Адамовска.

ТРЕТМАН

Најефикасниот третман за жолчни камења е оперативното отстранување на жолчното ќесе (холецистектомија). Лапароскопска холецистектомија претставува златен стандард во хируршкиот третман на жолчните камења. Во случаи кога лапароскопската интервенција не е изводлива (поради компликации како тежок воспалителен процес или претходни хируршки зафати во абдоменот), се применува отворена (класична) холецистектомија, која бара поголем рез и подолг период на закрепнување.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!