Кога е неопходно отстранување на јајчниците?

Отсуството на еден јајчник воопшто не влијае на квалитетот на животот на жената. Вадењето, пак, на двата јајчника, особено во помладата возраст доведува до вештачка менопауза и појава на голем број хронични заболувања, меѓу кои најчести се болести на кардиоваскуларниот систем, остеопорозата, артритисот, депресијата, хронични белодробни заболувања, а влијаат и на сексуалниот живот поради сувоста на вагината и губитокот на либидото, почести уринарни инфекции итн. Д-р Јован Костадинов, гинеколог-акушер, ги објаснува главните симптоми и состојби кои се причина за отстранување на јајчниците.

Кога пациентките да се јават на лекар?

Кај младата популација болките во долниот дел од стомакот и нередовниот циклус се главна причина поради која треба да се јават на лекар. Најчесто болката е резултат на постоење на функционални цисти (фолкуларните цисти, цисти на жолтото тело, инфламаторните тумори, дермоидните или, пак, ендометриотичните цисти). Болките може исто така да бидат и резултат на нарушена васкуларизација поради увртување на петелката на јајчникот најчесто при нагли движења, трчање или скокање. Понапредните туморски процеси, пак, како резултат на растот на туморот и притисокот на околните органи, како што се мочниот меур, дебелото црево и стомачната марамица се повеќе карактеристични за повозрасната популација. Предизвикуваат нелагодност во стомакот, почесто мокрење, потешкотии при празнење на цревата, гадење, повраќање, подуеност на стомакот. Симптомите кои се јавуваат при појавата на туморите на јајчниците, а особено кај оваријалниот карцином, во многу случаеви се многу неспецифични и задоцнети. Редовните гинеколошки контроли со ултразвук и биохемиските маркери се најдобрата превенција во дијагностицирањето на оваријалната патологија во најрана фаза.

Бременост и со еден јајчник

Во случај на отсуство на еден јајчник поради која било причина, другиот целосно ја презема функцијата на двата јајчника без какви било промени во фреквенцијата и должината на траењето на менструалниот циклус кај жената. Забременувањето и текот на бременоста со еден јајчник поминуваат уредно и без проблеми ако не се придружени со други заболувања.

Анатомија на јајчник

Јајчниците се органи кои се наоѓаат во малата карлица од обете страни на матката, имаат форма на бадем, со големина од 2 до 4 цм. Како дел од женскиот репродуктивен систем, продуцираат јајни клетки кои ослободени од површината на јајчникот, патуваат преку јајцеводите до внатрешноста на матката каде што може да бидат оплодени од сперматозоидите и тука оплодената јајна клетка се имплантира. Јајчниците исто така продуцираат и женски хормони кои играат важна улога во менструалниот циклус кај жената и во способноста за забременување.

Оперативни интервенции

Во зависност од причината може да се отстрани едниот или двата јајчници. Ретки се ситуациите кога јајчникот се отстранува изолирано. Најчесто јајчникот се отстранува заедно со јајцеводот (аднексектомија). Најчести индикации за еднострана аднексектомија се изведуваат кај млади пациентки, и тоа се големи цисти или тумори кои го деструирале јајчничкото ткиво, ендометриозата, дермоидните цисти или други бенигни тумори. Малигниот потенцијал на овие тумори мора да биде исклучен. Ресекција на јајчникот е операција со која се зачувува најголемиот дел од јајчничкото ткиво, а се отстранува само мал дел од јајчникот кој е зафатен од помали бенигни цисти, руптурирани фоликуларни цисти или цисти на жолто тело, кај полицистичните јајчници. Билатералната аднексектомија, пак, најчесто се изведува заедно со вадењето на матката поради бенигни тумори на матката, при малигни тумори на јајчниците, при малигни тумори на телото и грлото на матката или, пак, кај жени кои во својот организам носат зголемен ризик од тумори на јајчниците и дојката поради мутација на BRCA гени. Превентивното вадење на јајчниците кај овие жени се смета како оправдано, но само во случаевите на зголемен ризик, при фамилијарна анамнеза за претходни карциноми на јајчниците или карциноми на дојката. Оваректомијата се изведува во општа анестезија и најчесто лапароскопски во последно време или со вертикална или хоризонтална инцизија со класичен рез на стомакот. Инцизијата се изведува во понапредни фази на оваријален карцином, при состојби на афекција на околни органи или, пак, при напреднати и големи абдоминални тумори.

Терапија по отстранување на јајчниците

И покрај некои докажани негативни ефекти на терапијата со естрогени, како што се ризиците од тромбоемболични заболувања или заболувањата на црниот дроб, тие и понатаму се најпрепорачуваниот и најдобар лек по претходното отстранување на јајчниците. Го подобруваат квалитетот на животот, ги смируваат симптомите од прераната менопауза, го подобруват либидото. Начинот на употребата и препорачаната доза секогаш треба да биде во договор со матичниот гинеколог. Другите видови терапија, како што е употребата на фитоестрогени, бифосфонати, витаминската терапија или, пак, ниски дози на седативи имаат многу помал ефект и може да послужат само како дополнителна терапија во лекувањето.

Во клиничката болница „Аџибадем Систина“ се изведуваат лапароскопски (минимално инванзивни интервенции) со мал рез од 0, 5-1 цм. Предноста е краток болнички престој (1-2 дена), минимална болка и брзо закрепнување.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!