КОИ СЕ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД НАГЛИТЕ ПРОМЕНИ НА ВРЕМЕТО И СОВЕТИ КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ ОД НИВ

Климатските промени се најголема здравствена закана со која се соочува човештвото, истите влијаат на човечките животи и здравјето на различни начини, а здравствените работници ширум светот веќе се соочуват од штетните последници на овие промени.

Др. Златана Петковска, специјалист кардиолог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ вели дека во последните десетина години сведоци сме на нагли временски промени. Сезоните се менуваат без преодни периоди, а дневните разлики во температурите понекогаш изнесуваат и до 15-20°C. Метеоролошките услови имаат големо влијание врз здравјето, а речиси половина од светското население страда од проблемите предизвикани од промената на времето.

Метеоролошките фактори кои токму влијаат на здравјето на луѓето вклучуваат промени во температурата и влажност на воздухот, промени во атмосферски притисок, појава на дожд, грмежи, ветрови…

-Во случаи на екстремни временски услови како многу студени зими или топли жешки лета кои стануваат наше секојдневие  мораме да бидеме внимателни. „Критични точки“ се транзиции помеѓу годишните времиња, кога најчесто се појавуваат проблеми предизвикани од флуктуациите на температурата , влажноста и воздушниот притисок. Врската помеѓу временските промени и здравјето на луѓето ја забележал уште Хипократ кој нотирал дека дека климатските, односно временските промени, влијаат на луѓето позитивно или негативно, што зависи од средината во која живее човекот, неговата адаптација, возраста,  психофизичката здравствената состојба. Сето ова укажува на мултидисциплинарен пристап за разгледување на оваа тема – посочува докторката.

Според д-р Петковска брзите климатски промени, односно екстремни климатски настани (осцилации на температурата за 20 или повеќе степени, големи промени во атмосферскиот притисок итн.), се причина за појава на здравствени проблеми како кај младата така и кај постарата популација особено кај оние кои веќе боледуваат од одредни хронични заболувања- кардиоваскуларни, пулмолошки, ревматолошки  а особено се потенцира кај психијатриските пациенти кои многу потешко ги поднесуваат овие нагли временски промени.

-Ниската надворешна температура е причина за зголемен крвен притисок, така што во студените денови поради изразена вазоконстрикција (стеснување на крвните садови) и солена храна (во зимскиот период храната е многу посолена и појака) имаме почеста појава на покачен артериски крвен притисок со сите негови компликации, инфаркт на срцето и мозокот. Студеното време може да доведе до егзацербација на хроничен опструктивен бронхитис или астма. Високиот воздушен притисок и поголема влажност на воздухот исто така го зголемуваат ризикот од мозочен удар посочува докторката и дополнува дека од друга страна и високите надворешни температури исто така претставуваат кардиоваскуларен стрес.

– За време на топлински бранови, потребата на телото за терморегулација резултира со вазодилатација и зголемен срцев ритам. Кај здрави лица, овие адаптации обично се добро толерирани, но кај оние со нарушена кардиоваскуларна функција може да доведат до декомпензација, зголемен ризик од тромбоемболиски настани и срцева слабост.

Во услови на на нагли временски промени, непогоди, ветер, дожд во атмосферата се создаваат поголемо количество позитивни јони кои неповолно делуваат на организмот, односно до нарушување на лачење на одредени хормони што може да предизвика депресија главоболки и мигрена, несоница. Со почетокот на самракот или зголемената облачност, мелатонин се произведува од серотонин во епифизата кој игра важна улога во регулирањето на дневниот циклус на спиење и будност. Ненадејната промена на времето од ведро и сончево во облачно влијае на нивото на мелатонин во телото, па стануваме поспани, инертни и депресивни во облачните денови. Сето ова покажува дека временските промени навистина влијаат на нашето тело и не треба да ги игнорираме овие ефекти врз нашето здравје – дополнува д-р Петковска

Симптомите се појавуваат од 24 до 48 часа пред промената на времето, а може да се манифестираат околу ден или два.

-Најчестите психолошки симптоми се замор, ненадејни промени во расположението, недостаток на концентрација, безволност, раздразливост и несоница. Физички, тие вклучуваат главоболки, мигрена, гадење, вртоглавица, ревматски тегоби и болки во мускулите. Во случај на болести на срцето и крвните садови, состојбата на основната болест може да се влоши во форма на забрзан пулс и зголемување на крвниот притисок. Кај луѓето кои патат од низок крвен притисок, поради промената на времето може да дојде до уште поизразен пад на крвниот притисок. Што се однесува до органите за варење доминираат знаците на гастритис и стомачни болки . Ненадејната промена на времето предизвикува поголема зачестеност на срцеви и мозочни удари, настинки, воспаление на респираторните органи и напади на астма кај постарите лица и хроничните кардиоваскуларни пациенти – заклучува докторката.

И за крај најважно е да се разбере дека ненадејната промена на времето е привремена.

Извор: Zenskimagazin.mk

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!