КОИ ЗНАЦИ ПОКАЖУВААТ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ПОБАРА СТРУЧНА ПОМОШ ОД ДЕФЕКТОЛОГ

Децата често за време на својот развој покажуваат знаци што не одговараат на нормалниот развој за нивната возраст, така што овие знаци ја зголемуваат загриженоста кај нивните родители и семејството дека нешто не е во ред со нивното дете. Дефектологот Бољетин Зенуни, вели дека според неговото искуство, главни знаци кои се повидливи, кои алармираат и ги поттикнуваат родителите да побараат стручна помош, најчесто се: отсуство или слаборазвиен говор, како и неуспех да се воспостави вистинска комуникација родител – дете.

„Меѓу другите знаци вреди да се забележат и емоционалните нарушувања, односно мешање на реакциите во одредени ситуации во кои се наоѓа детето. Потоа доаѓаат знаците што се на листата на индикатори дека детето може да биде дел од аутистичниот спектар, фенотипите што се евидентни доколку детето е дијагностицирано со одреден синдром, АДХД или хиперактивност и дефицит на внимание. Некои од знаците може да се појават откако детето ќе започне со школување, како што се тешкотии во учењето каде што се вбројува и дислексијата (проблеми со читање), дисграфијата (проблеми со пишување) дискалкулија (проблеми со сметање и бројки) итн.“, вели Зенуни.

Доколку се јави барем еден од наведените знаци во текот на развојот на детето, тоа е доволен показател дека на детето треба да му се направи дефектолошка проценка и да се започне со потребните третмани, кои ќе овозможат да се надминат овие предизвици и тешкотии. 

КОГА Е ВИСТИНСКОТО ВРЕМЕ ДА СЕ ПОБАРА СТРУЧНА ПОМОШ ОД ДЕФЕКТОЛОГ?

Секое семејство, поточно секој родител е првиот што ги забележува невообичаените елементи, кои се јавуваат кај нивното дете за време на неговиот развој. Не постои точно определено време за тоа кога да се побара стручна помош од дефектолог или од други стручњаци, кои работат во областа на детскиот развој. Но, дефектологот Зенуни вели дека постои нешто што се вика „рана интервенција“, која ни овозможува да се направи рано откривање на проблемот, а со тоа и зголемување на процентот на успешност во понатамошниот третман. Ова подразбира дека колку што порано ќе побараме стручна помош, толку е поголема веројатноста за ублажување или целосно надминување на развојните проблеми кај детето.

Специјалниот едукатор или дефектологот е професионалец што ја набљудува неправилната состојба кај детето, состојба што доаѓа како резултат на некое нарушување во развојот од кое произлегува потребата за креирање на стратегии за реализација на третмани насочени кон стимулирање на главните развојни области, како што се:

  • област на спознание (когниција)
  • поле на моторика
  • говор
  • емоционална состојба
  • социјализација.

„Главна цел на дефектологот е за почеток да ја препознае попреченоста, да ја препознае силната страна или постојниот потенцијал кај детето, да создаде стратешки пат и план што треба да го следи детето за да му го развие тој потенцијал, кој би ги покрил попреченостите и со тоа детето да биде способно за нормален живот, независно од пречките што ги има“, вели Зенуни.

Прашањето што најчесто го поставуваат родителите на децата со развојни проблеми е колку често нивното дете треба да посетува дефектолог и за колку време нивното дете ќе ги надмине проблемите што ги има и да се врати во нормала.

„Не секое дете е исто, не секој родител е ист. Постои една многу силна симбиоза помеѓу фамилијата и терапевтот или во овој случај, дефектологот. Вистинската поврзаност е од клучно значење за постигнување на целите што ние како професионалци ги поставуваме во програмата што ја создаваме кога започнуваме третман со дете. Децата поминуваат кратко време во денот со терапевтот, преостанатиот дел го поминуваат дома, така што е важно како детето ги извршува задачите во времето кога е дома и колку е присутна фамилијата во извршувањето на овие задачи“, објаснува Зенуни.

Децата се разликуваат во однос на проблемите што ги имаат, во однос на вештините, во однос на програмите за терапија и во однос на факторите што ги споменавме погоре и затоа не е ист бројот на третманите и средбите што треба да ги следат и да ги спроведат со дефектологот. Но, една работа е сигурна и јасна. Доколку детето не го добие потребниот третман и доколку се занемаруваат тешкотиите што ги има, несомнено ќе биде жртва и ќе ја плати сметката за недостиг од поддршка. Системски гледано, потребно е да се започне со два третмана неделно, па сѐ до интензивен третман во зависност од проблемите што ги пројавуваат.  

СОВЕТИ ЗА РОДИТЕЛИ И УЛОГАТА НА РОДИТЕЛИТЕ…

За време на процесот на рехабилитација и за време на развојот на третманите и терапиите, се случува да дојде до дебата и дилема помеѓу стручните лица за тоа кој ја има поважната улога во надминувањето на развојните проблеми кај децата: родителите или терапевтот (дефектологот)?

Улогата на родителите е примарна, бидејќи тие се главната компонента без која не можат успешно да се реализираат целите и плановите за рехабилитација на детето. Родителите се првите што чекор по чекор го следат развојот на своето дете, ги забележуваат проблемите што се појавуваат и најдобро го разбираат своето дете. Веднаш по нив доаѓа специјалистот или професионалецот од областа во која работи, во случајов дефектологот. Еден од предизвиците со кои се соочуваме како професионалци е одржувањето на односите со родителите. Во повеќето случаи имаме родители што соработуваат и процесот на рехабилитација кај нивното дете оди според зацртаните планови и ова е еден од најзадоволувачките моменти за нас како професионалци, така што резултатите потоа се очигледни во корист на детето.

„Најтешко е кога имаме родители што не соработуваат, работата оди потешко, резултатите недостасуваат и по автоматизам се пролонгира успехот кај нивното дете. Но, особено треба да се внимава при изборот на вокабуларот што го користиме со родителите, бидејќи повеќето од нив се чувствителни, лесно се вознемируваат бидејќи состојбата на нивното дете ги довело до ваквата нивна состојба, па затоа мора да се грижиме да се чувствуваат слободни и блиски со нас, за да создадеме силни мостови на соработка, така што сето ова е со една единствена цел, да ја подобриме состојбата на нивното дете“, вели Зенуни.

Овие се неколку општи совети што му ги даваме на секој родител, без разлика дали има дете со доцнење во развојот или не:

  • Да бидат што повеќе присутни во животот на своите деца
  • Да не ги занемаруваат нивните потреби
  • Да не се избрзува со донесувањето одлуки и заклучоци без целосно разбирање на потребите и проблемите што можат да се појават кај нивните деца
  • Да им се дозволи да растат удобно и во согласност со нивната возраст
  • Не созревајте ги ментално пред време нудејќи им вештачки стимулации, без разлика дали е тоа преку игра или на некој друг начин
  • Не споредувајте ги децата со други деца, ниту од потесното, ниту од поширокото семејство, ниту со сестрите и браќата дома, бидејќи секое дете е „приказна за себе“ и дека секое дете е „посебно“ на свој начин
  • Не инсистирајте вашето дете да личи на вас, оставете го да си создаде свое „ЈАС“
  • Ако вашето дете научило нешто што ви се допаѓа вам, не инсистирајте детето да го покаже она што го знае, особено пред другите, ако не смета дека е потребно
  • Не спречувајте ги да се изразат, не надополнувајте ги доколку не најдат адекватен израз, особено кај децата што имаат проблеми со пелтечење, бидејќи негативно влијае врз самодовербата
  • И што е најважно, не двоумете се да се консултирате со професионалци во областите што се совпаѓаат со психофизичкиот развој на детето. Дефектологот едноставно е личност како вас, која своето знаење го спроведува во практика, со единствена цел да помогне во надминувањето на психофизичките тешкотии што децата ги прикажуваат како резултат на некое развојно нарушување.

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ комплетно e екипиран Центарот за рано откривање и третман на деца со пречки во развојот. Центарот располага со сета неопходна апаратура за следење на децата и нивен третман, а воедно е дизајниран и опремен во пријатен детски амбиент, со цел намалување на стресот и непријатноста од престој во болничка установа кај детето и неговата придружба. Тимскиот пристап на искусни и докажани доктори обезбедува на едно место проценка на детето, корелирање на добиените резултати и континуирано следење на ефектите од третманот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!