КОЛКУ НАВИСТИНА ЗНАЕМЕ ЗА „СОНЧЕВИОТ“ ВИТАМИН?

Во последниве години, покрај витаминот Ц, една од најдискутираните теми поврзани со витамините е и позитивното влијание на витаминот Д, познат и како сончев витамин. Д-р Маја Каличанин-Марковска, ортопед во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, објаснува дека овој витамин има огромна улога во нашето здравје бидејќи извршува голем број клучни функции во организмот.

Според Националниот институт за здравје на САД (NIH), неговите улоги се:

  • одржување на здрави и цврсти коски,
  • подобрување на апсорпцијата на калциум и фосфор,
  • зајакнување на имунолошкиот систем,
  • поддршка на мускулната и нервната функција,
  • регулација на нивото на шеќер во крвта и повеќе.

Но, покрај сите овие функции, се појавуваат и многу митови.

МИТ: КОЛКУ ПОВЕЌЕ ВИТАМИН Д, ТОЛКУ ПОДОБРО!

Иако витаминот Д е важен, како и секоја друга супстанција – прекумерната количина може да биде штетна. Препорачаните дози ретко водат до токсичност, но долготрајно земање над 8.000 IU/ден може да предизвика хипервитаминоза. Симптоми: замор, гадење, повраќање, често мокрење, болки во коските и бубрезите.

Препорачани дневни дози:  

  • новороденчиња: 400 IU y мали деца: 800–1.200 IU
  • адолесценти: 1.500–2.500 IU
  • возрасни и постари лица: 2.000 IU

 Терапевтските дози секогаш се даваат по лекарска препорака.

ФАКТ: СОНЦЕТО МУ ПОМАГА НА ТЕЛОТО ДА ПРОИЗВЕДЕ ВИТАМИН Д

UV-B-зраците ја стимулираат кожата да произведе витамин Д. Доволни се 10-30 мин. дневно изложување на сонце (во период од 10 до 16 часот). Во зима: околу 2 часа се потребни. Но, изложување на високи температури и силно сонце може да има штетен ефект врз кожата

МИТ: ДОВОЛНО Е ДА ВНЕСУВАМЕ ВИТАМИН Д ПРЕКУ ХРАНА

Храната обезбедува само 10-20% од дневните потреби. Најбогати извори: масни риби (лосос, скуша, сардина), жолчка, печурки, путер, млеко и млечни производи. Но, количински тешко е да се внесе доволно само преку исхрана.

ФАКТ: НЕДОСТАТОКОТ НА ВИТАМИН Д СЕ ПОВРЗУВА СО ЛОШО РАСПОЛОЖЕНИЕ

Над 1 милијарда луѓе ширум светот имаат недостаток на витамин Д. Причини:

  • помал престој на отворено,
  • облека што покрива поголем дел од телото,
  • живот во региони со екстремни температури.

 Симптоми на дефицит: замор, болки во зглобови, променливо расположение, нарушен сон, намален имунитет, мускулни грчеви.

МИТ: ВИТАМИНОТ Д ПРЕДИЗВИКУВА КАЛЦИФИКАТИ ВО ТЕЛОТО

Токму спротивното – тој овозможува правилна апсорпција на калциум. Калцификати се создаваат кога има вишок калциум без доволно витамин Д. Проблеми со калцификација се јавуваат и кај пациенти со хронични бубрежни заболувања.

ФАКТ: ВИТАМИНОТ Д ПОМАГА ПРИ РЕГУЛАЦИЈА НА ШЕЌЕРОТ ВО КРВТА

Витаминот Д ја подобрува функцијата на панкреасот и го стимулира создавањето инсулин. Исто така, има позитивно влијание врз тироидната и паратироидната жлезда.

ФАКТ: ГО НАМАЛУВА РИЗИКОТ ОД ОДРЕДЕНИ КАРЦИНОМИ

Истражувањата укажуваат на поврзаност помеѓу соодветни нивоа на витамин Д и намален ризик од:

  • рак на дебело црево,
  • рак на простата,
  • како поддршка кај други видови карциноми.

МИТ: СИТЕ ВОЗРАСНИ ИМААТ ИСТА ПОТРЕБА ОД ВИТАМИН Д

Потребите варираат според возраста, тежината, бременост, начин на живот и исхрана. Пр. бремените жени, особено во зима, имаат зголемена потреба. Исто важи и за доенчиња, постари лица, луѓе со темна кожа или хронични заболувања.

ФАКТ: СО СТАРЕЕЊЕТО, КОЖАТА ПРОИЗВЕДУВА ПОМАЛКУ ВИТАМИН Д

Кај лица над 65 години се намалува способноста за синтеза на витамин Д преку кожата. Препорачливо е:

  • мерење на нивото на витамин Д,
  • правење DXA-скен (дензитометрија),
  • консултација со специјалист за соодветна терапија.

ФАКТ: ВИТАМИНОТ Д Е РАСТВОРЛИВ ВО МАСТИ

Како и витамините A, E и K, тој се складира во масното ткиво и мускулите. Д3 (од сонце), Д2 и Д (од храна/суплементи) се складираат во црниот дроб и потоа се користат по потреба.

ФАКТ: ВИТАМИНОТ Д Е, ВСУШНОСТ, ПРОХОРМОН, А НЕ КЛАСИЧЕН ВИТАМИН

По структура и функција, витаминот Д повеќе наликува на хормон бидејќи влијае врз многу системи во телото и има хормонска активност.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!