Компликации при раѓање со повторен царски рез

Царскиот рез претставува породување со хируршки зафат, каде во општа и епирурална или спинална анестезија со, најчесто, попречен рез во долниот дел од стомакот, се вади плодот. Со зголемување на процентот на царски резови расте и бројот на повторните вакви интервенции. Бременоста и породувањето по секој царски рез се придружени со зголемен ризик како за мајката така и за детето, објаснува д-р Мирослав Темелковски, гинеколог акушер. Интервенцијата трае околу 20 минути, до половина час. Бебето најчесто се вади четири до пет минути од почетокот на интервенцијата. Царскиот рез претставува сериозна хируршка интервенција, па за целосно заздравување потребни се неколку недели. Во болница се останува најчесто три до пет дена.

Компликации при секој следен царски рез

Во последната декада бројот на вагиналните раѓања се намалува, а во голем пораст е царскиот рез. Како што секоја хируршка интервенција носи зголемен ризик, така и кај повторниот царски рез има зголемен ризик и за мајката и за плодот. Се зголемува морбидитетот и морталитетот кај мајката за двапати во однос со вагиналното раѓање.

  • Инфекции – со зголемената инциденца за повеќе од 15 отсто, како што се ендометритисот, дехисценција на фасцијата и раната, како и инфекциите на уринарен тракт
  • Тромбоемболија во еден до два промили се јавува кај трудниците, а ризикот е за три до петпати поголем при царски рез. Тука спаѓаат: длабока венска тромбоза и пелвичен септичен тромбофлебитис, кои се едни од најтешките заболувања и барат долготрајна терапија.
  • Хируршки повреди како: расцеп на утерус, мочен меур, црева и уретерот се поретки, но сериозни компликации. Атонијата на мочниот меур е за два пати почеста од кај пациентки по нормално раѓање.
  • Анестезиолошки компликации: утерина атонија, задоцнето проработување на цревата, атонија на мочниот меур, placenta accrete-percreta (срасната постелка во наредната бременост) се сериозни компликации кои го загрозуваат и животот на трудницата. Отстранувањето на матката по повторен царски рез не е толку честа, но затоа е сериозен хируршки зафат.

Расте бројот на породувања со повторни царски резови

Процентот на повторувачки царски рез во светот е 80-90 отсто. Зголемениот број се должи на тоа што сè повеќе жени се одлучуваат да родат по 30, па и 40-годишна возраст. Со ова се зголемува процентот на царски рез, а со тоа се зголемува и процентот на повторен царски рез при наредната бременост на оваа популација.

Царскиот рез го зголемува престојот во болница за двојно во однос на вагиналното раѓање, па од таму и кај повторувачкиот царски рез се зголемуваат деновите на престој во болница и паралелно со тоа ги покачува и материјалните трошоци. Постпараталната нега кај царксиот рез е поинтензивна и пофреквентна со што се зголемуваат и трошоците за хоспитализација.

 

Извор: panacea.mk

 

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!