ЛАСЕРСКИ ТРЕТМАН НА ГИНЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ

Низ процесот на природно стареење, човечкото тело претрпува бројни промени. Со текот на годините како што старее кожата на целото тело, се губи еластичноста, а тоа се случува и кај жените во гениталната регија. Голем број жени страдаат од стрес- инконтиненција или состојба на неволно истекување на урина при напор – најчесто кашлање, физичка активност, побрзо одење, потоа промени на вагината при влегување во менопауза и постменопауза кога се намалува лачењето на естроген, појава на синдром на вагинална релаксација односно опуштеност на карличното дно и вагиналниот канал по породување по вагинален пат, вели д-р Бобан Сарџовски, специјалист по гинекологија и акушерија во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ и додава дека овие промени имаат негативно влијание врз секојдневниот живот на жената, доколку не се третираат.

„Жените ретко зборуваат за овие чувствителни теми, затоа треба да се покрене свеста и отворено да разговараат и да побараат помош од лекар специјалист кој ќе им помогне во изнаоѓање на решение за нивниот проблем. Благодарение на брзиот напредок на ласерската технологија и примена во современата медицина, ласерскиот третман дава одлични резултати во решавање на поедини гинеколошки проблеми. Потребно е да се направи детален преглед и да се постави соодветна дијагноза за тоа кои пациенти и состојби се адекватни за ласерски третман“, вели д-р Сарџовски.

Во рамки на Клиничка болница „Ацибадем Систина“ функционира Центарот за перфекција кој располага со револуционерниот Еrbium YAG ласер, еден од најсовремените ласери во денешницава и овозможува целосна палета на третман за која било состојба каде што има индикација, вклучувајќи третман на грло на матката, вагината, вулвата и перинеумот.

„Ласерскиот третман се изведува преку сонди кои применуваат фракциски CO2 ласерски зраци директно на ѕидовите на матката. Ласерот користи енергија што го стимулира колагенот (неоколагеноза) кај жените, односно тоа значи стимулација за ресинтетизирање на нов колаген (одговорен за еластицитетот и тонусот – затегнатоста на вагината), затоа што колагенот, кој е одговорен за еластицитет и тонус на ткивата, со годините се намалува. Со третманот се постигнува создавaње нов колаген и збогатена васкуларизација на вагиналниот ѕид. Постапката е безболна, лесно апликативна и комфорна за пациентките, се извршува во амбулантски услови, нема потреба од престој во болница и за неа не е потребна анестезија“, вели д-р Сарџовски.

Според него, ласерскиот третман треба да се направи  трипати, односно три сесии од по приближно половина час во интервал од 30 дена,  а може да се повтори во период од 6 до 9 месеци ако има потреба. Придобивките од примена на ласерскиот третман се: подобрена вагинална сувост, успешен третман на стрес-инконтиненција (многу поевтин од кој било оперативен зафат за стрес-инконтиненција) и тонизирање (подмладување на вагината) кои директно влијаат врз подобрување на сексуалното задоволство и квалитетот на секојдневниот живот на жената.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!