Во месецот за подигнување на свеста за карцином на тироидната жлезда се промовира подигнување на свеста за рано откривање на карцином на тироидната жлезда, како и заштита врз основа на професионални стандарди, и зголемено истражување за третман на сите видови карцином на тироидната жлезда. Радиојодната терапија е постапка на лекување на одредени болести на тироидната жлезда со радиоактивен јод I-131. Д-р Лилјана Муратовска, специјалист по нуклеарна медицина, објаснува дека терапијата со радиоактивен јод I131 е нуклеарно медицинска процедура за третман на хиперактивна тироидна жлезда и на состојба по операција на одредени типови карциноми на тироидната жлезда.
Еден од можните начини на лекување на ваквата хиперактивна тироидна жлезда е со апликација на радиоактивен јод I131. Кај хипертироидизмот се даваат точно одредени дози радиоактивен јод со цел да се уништи хиперактивното ткиво на тироидната жлезда или да се намали големината на тироидната жлезда. Третманот со радиоактивен јод се применува кога не може да се постигне излекување со таблети по одреден временски период, или ако со медикаментозна терапија не може да се контролира повторувачко зголемено ниво на тироидни хормони во крвта (рецидив на болеста).
Радиојодната терапија во одредени состојби се користи и како замена на хируршки третман затоа што тоа е едноставен, економичен и практичен начин на лекување, и со поретки компликации. Кај состојби по операција на добро диференцирани тироидни карциноми се аплицираат големи дози радиоактивен јод. Целта на ваквата терапија е да се уништат евентуалното останато тироидно ткиво во тироидната ложа или настанати локални или далечни метастази кои се појавиле како резултат на ширење на болеста.
Каде и кој ја аплицира терапијата со радиоактивен јод i131?
Терапијата се аплицира на одделенијата за нуклеарна медицина од страна на лекари специјалисти по нуклеарна медицина, во специјално дизајнирани простории за таа намена.
Како се одвива третманот?
Радиојодната терапија се дава орално во облик на капсула или течност во строго определена доза и вообичаено не создава никакви проблеми кај пациентите. Радиојодот се апсорбира во цревата, а потоа циркулира низ крвотокот и се акумулира во клетките на тироидната жлезда. Акумулираниот радиојод потоа ги уништува клетките на тироидната жлезда, а со тоа и канцерогените клетки. За време на терапијата пациентот е изолиран во специјална соба со заштита од радијација.
Несакани ефекти од терапијата со радиојод
Несаканите ефекти од радиојодната терапија се многу ретки, а доколку се појават најчесто се гадење и повраќање, непријатен вкус во устата, а во делот на вратот може да се јави болка или мали болни отоци. Доколку карциномот на тироидната жлезда е проширен и во други делови, каде исто така се акумулира јодот, може да предизвика локална болка или оток. Некогаш се случува да се јави сува уста или губење на сетилото за вкус. Но овие несакани ефекти се краткотрајни. Исто така, за време на третманот, потребно е да се зголеми внесот на течности – забрзаната елиминација на радиоактивен јод го намалува зрачењето на мочниот меур. Редок несакан ефект кај мажите е неплодност по администрација на високи дози на I-131, а жените се советуваат да ја одложат бременоста за една година по третманот.
Ефекти од лекувањето на карцином на тироидна жлезда
Можно е со помош на радиојодната терапија целосно да се уништат метастатските промени на вратот или медијастиналните лимфни јазли. Околу половина од метастазите во белите дробови исчезнуваат по радиојодната терапија, додека кај 70 % од пациенти со метастази на коските има успешно лекување. Радиојодната терапија може да се повтори неколкупати до конечно подобрување. Временската дистанца помеѓу две терапии мора да биде најмалку 6 месеци.