Што е лимфен систем?

Лимфниот систем се состои од лимфни канали, лимфни капилари, лимфни клетки, лимфни јазли, крајници, тимусна жлезда и слезина. Клетките кои го сочинуваат телото пловат во течна средина. Оваа течна средина содржи хранливи материи и кислород кои им се потребни на клетките. Откако ќе ги примат материите кои им се потребни, клетките ги испуштаат отпадните материи во оваа течна средина. Овие отпадни материи се пренесуваат преку лимфната течност, се филтрираат преку лимфните јазли и повторно се враќаат во циркулација како чиста лимфна течност. Па така, лимфниот систем може да се дефинира како систем кој работи заедно со имунолошкиот систем и служи како заштитен филтер за одбрана на телото.

Што е лимфедем?

Лимфедемот може да се дефинира како пораст на количеството на меѓу клеточна течност што се појавува како резултат на нарушување на лимфниот систем. Ако, од која било причина, лимфниот систем не функционира беспрекорно или вените не можат да ја спроведуваат течноста правилно, може да дојде до собирање течност во ткивата. Ако количеството на собрана течност е поголемо од транспортниот капацитет на лимфниот систем, настанува лимфедем.

Какви типови лимфедем постојат?

Примарен (вроден) лимфедем: Се појавува како резултат на слаб развој на лимфните канали во матката на мајката. Сепак, други развиени вени ја извршуваат задачата на неразвиените канали и овозможуваат функционирање на системот. Се активира при прекумерно оптоварување на лимфниот систем (како траума, бременост, инфекција, почеток на пубертет). Примарниот лимфедем може да се појави на едната нога или да се појави кај едната нога, па да се прошири и на другата.

Секундарен лимфедем: Кај овој тип лимфедем, лимфниот систем функционира правилно по раѓањето. Најчесто се појавува по операција од карцином и радиотерапија. За време на операцијата од карцином зафатените лимфни јазли се отстрануваат заедно со заболеното подрачје. Оваа операција може да го наруши лимфниот тек со тек на време и да доведе до лимфедем. На пример, кај лекувањето од карцином на дојка лимфедем може да се појави на раката во зависност од бројот на аксиларни лимфни јазли кои се отстрануваат заедно со дојката. Освен тоа, дури и ако не е направена хируршка интервенција, во текот на лекувањето на карциномот радиотерапијата која се прима може да ја блокира работата на лимфните јазли, што, исто така, предизвикува лимфедем. Сепак, секое отстранување на лимфен јазол не мора да предизвика лимфедем кај пациентот. Лимфедемот може да се појави и како постепена последица на активирачки фактори. Веројатноста од лимфедем кај пациенти со карцином на дојка кои примале радиотерапија и кај кои се отстранети аксиларни лимфни жлезди е еднаква на 25%. Со други зборови, еден од четири пациенти во оваа состојба има лимфедем.

Лимфедем како последица на хронична венска инсуфициенција: Венската инсуфициенција се дефинира како состојба во која вените не можат да испумпаат доволно крв назад во срцето. Се јавува особено на нозете, на долните екстремитети. Причината за тоа е фактот дека овој дел од телото е најодалечен од срцето. Лимфниот систем се обидува да му помогне на венскиот систем кој има потешкотии да ја испумпа крвта назад до срцето. Овој помошен процес прекумерно го оптоварува лимфниот систем и лимфните залистоци престануваат да функционираат правилно, што доведува до лимфедем.

Лимфедем како последица од липедема: Липедемата, чии предизвикувачи се непознати, е нарушување кое речиси исклучиво се јавува кај жените и само во многу ретки случаи и кај мажите. Почетокот на нарушувањето понекогаш се совпаѓа со почетокот на месечниот циклус или бременоста. Кај липедемата има симетрично зголемување на мастите кај двете нозе. Истото може да се забележи и кај рацете. Количеството вода и протеини кои ги пренесува лимфниот систем се зголемува пропорционално со зголемувањето на телесните масти. На крајот, оптоварениот лимфен систем колабира и не може да ги врши своите функции. На овој начин липедемата доведува до лимфедем.

Што треба да избегнуваат луѓето кои имаат лимфедем или кај кои постои ризик од негово појавување?

  •         Инфекции (исеченици, инјекции, убоди од инсекти, изгореници)
  •          Прекумерно зголемување на тежината и неправилна исхрана
  •          Недоволно или прекумерно вежбање
  •          Изложеност на раката на преголема топлина
  •          Кревање тешки предмети
  •          Долго држење на раката во позиција над главата
  •          Долги патувања (особено со авион)
  •          Притискање на засегнатата рака или нога (мерење крвен притисок, тесни часовници, тесна облека)

Кои се симптомите на лимфедем?

Најраните симптоми на лимфедем може да се забележат во горните делови на дланките и стапалата. Потоа се засилува болката во рацете и нозете. Кожата се истегнува и станува потврда. Кај дланките и стапалата, исто така, може да се забележат и нарушувања кои влијаат врз осетот, како и вкочанетост на зглобовите. Напнатост се чувствува и во пределот на лактите и задниот дел на колената.

Кои се причините?

  •          Радиотерапија
  •          Хируршка интервенција
  •          Траума
  •         Лимфедемата може да се појави и на другите делови од телото (раце или нозе), по блокада или прекин на лимфните канали како резултат на нарушување.

Кои методи за лекување се користат?

Методот за лекување лимфедем се нарекува сложена деконгестивна физиотерапија. Овој третман се состои од четири методи:

  •          Мануелна лимфна дренажа
  •          Притисок (завој и чорапи)
  •          Грижа на кожата
  •          Вежби

Мануелна лимфна дренажа: Станува збор за посебен метод на рачно управување со лимфниот систем со цел да се овозможи слободен тек на блокираната течност. Тој има за цел да ја придвижи лимфната течност надвор од отечената област во здравите лимфни јазли, во здравите делови од телото. Мануелната лимфна дренажа се прави со создавање мал притисок на површинските лимфни садови кои се наоѓаат веднаш под кожата. Не треба да се поистоветува со друг вид техники за терапевтска масажа кои немаат влијание врз циркулацијата. Други техники за масажа може да бидат не само неефективни, но и штетни за време на лекувањето од лимфедема.

Компресија со завој: Се работи за посебна техника, со употреба на завој, која служи за одржување на ефективноста на лимфниот систем што е повторно активиран по практикувањето на мануелна лимфна дренажа. Додека се става завојот притисокот треба да се направи на многу урамнотежен начин почнувајќи од самиот крај. Се користат малку растегливи и нееластични завои, додека, пак, волнени завои се користат за прилагодување на притисокот. Функцијата на овие завои е да се спречи повторно собирање на лимфната течност во засегнатиот екстремитет, што може да се случи како резултат на висок притисок за време на активирањето на мускулите и нискиот притисок за време на одморањето. Други видови завои не се препорачуваат со оглед на фактот дека може да бидат штетни кога станува збор за случаи на лимфедема.

Компресирачки чорапи: Ова е дел од облеката кој мора да се носи во периодот по завршувањето на лекувањето. Тие се наменски направени, со посебна техника на плетење. Бидејќи приспособувањето на притисокот е критично, многу е важно прецизно да се земат мерки на телото.

Грижа за кожата: Кај сува кожа на места каде постои лимфедема треба да се употребуваат навлажнувачи со 5.5 РH фактор. Свитканите слоеви на кожата во отечената област, исто така, треба редовно да се проверуваат за да се види дали има присуство на габички.

Вежби: Протокот на лимфната течност зависи од испрекинатиот надворешен притисок од скелетните мускули. Па така, потребно е активирање на мускулите со цел да се помогне во дренажата на течноста. Вежбите треба да се прават со завој или облечени компресирачки чорапи и треба да се избегнуваат вежби во кои се вклучени тегови и во кои се создава отпор. Програмата со вежби треба да биде подготвена од страна на личен физиотерапевт. Пациентите со лимфадема треба да прават вежби за загревање, како и вежби за дишење и лесни вежби за истегнување.

ВНИМАВАЈТЕ НА ОВА!

Грижата на екстремитетите со лимфедема или со ризик од нејзино појавување се од исклучива важност кај пациентите со канцер. Нештата на кои пациентот треба да обрне внимание за да овозможи долготраен успех на лекувањето се следниве:

  •          Пациентот треба да биде многу внимателен со хигиената на екстремитетот кој е зафатен со лимфедема или каде постои ризик од нејзино појавување.
  •          Кожата треба да биде чиста и сува и никогаш да не се остава влажна. Грижата за кожата и нејзината еластичност се сметаат за важни параметри, па таа треба да се навлажнува со креми кои не содржат масла или со навлажнувачи како млеко за тело или лосион за тело кои содржат многу малку масло. Во периоди кога температурите се високи, треба да се користи пудра против габички со цел да се спречи потење и појава на габички на кожата.
  •          Треба да се избегнува повреда на кожата, убоди од инсекти, исеченици и изгореници. Не треба да се прави маникир, ниту да се примаат инјекции во зафатената рака. Здебелувањето на кожата на зафатеното или другото стапало не треба да се сече туку да се лекува со креми за омекнување на кожата. Пациентот треба да внимава да не се исече додека ги сече ноктите. Никогаш не треба да се користи жилет. Несаканите влакна треба да се отстранат со електрична машинка. Со цел да избегне исеченици додека работи во кујната или градината, пациентот треба да носи ракавици.
  •          Изгореници на кожата може да се избегнат со користење на лосиони со заштитен фактор и избегнување на долга изложеност на сонце. Треба да се запамти дека компресирачките чорапи не нудат заштита од сонце во поголемиот дел од времето.
  •          Повторливи и насилни движења како туркање и влечење и тешки спортови во кои има движења со рацете треба да се избегнуваат исто така. Аеробикот подеднакво може да доведе до несакани резултати. Најидеални спортови за пациенти со лимфедема се пливање и нуркање. Вежбите по третманот треба да се прават редовно со цел да се овозможи циркулација на лимфата.
  •          Градниците, долната облека, другите видови облека, како и модните додатоци не треба да бидат тесни и прилепени за кожата. Црвенилото на кожата предизвикано од ваквата облека може да значи дека циркулацијата на лимфата е оневозможена. Се препорачуваат дебели прерамки и ако е потребно се препорачува да се стават памучни парчиња меѓу прерамките и кожата. Исто така, крвниот притисок не треба да се мери на оперираната рака.
  •          Мора да се употребуваат и стегачи за рака и компресирачки завои за време со оглед на фактот дека тогаш ќе има намалување на притисокот. Ако раката е отечена, стегач и завој може да се употребат истовремено за подобар ефект.
  •          Пациентот треба да внимава да не лежи на заболената рака во текот на ноќта
  •          Не се познати ефектите од ограничувања во исхраната кај пациенти со лимфедема. Доколку пациентот нема прекумерна тежина, тој треба да јаде редовно, да избегнува премногу сол (но да не се откаже од солта целосно) и да пие многу вода. За да се избегне преголемо здебелување, треба да се следат советите на доктор или специјалист во однос на исхраната.
  •          Чорапите со компресија по лекувањето треба да се носат редовно дење и ноќе, особено во првите 6 месеци. Ако отокот сам по себе исчезнува во текот на ноќта, компресирачките чорапи не мора да се носат и ноќно време. Компресирачките парчиња облека може да се извадат и за време на некои посебни настани.
  •          Зафатениот екстремитет треба да се проверува така што ќе се мери и неговиот обем барем еднаш месечно дури и ако третманот завршува, а промените треба да му бидат соопштени на терапевтот.
  •          Компресирачките парчиња облека треба да се употребуваат и одржуваат чисти според инструкциите. Терапевтот или производителот треба да биде известен доколку имате какви било поплаки во однос на нив или ако се премногу широки или тесни. Тие не треба да затегаат еден дел во форма на лента и да предизвикаат црвенило.
  •          Пациентот треба да запамти дека отокот може да се повторува ако не се грижи доволно за екстремитетот кој е отечен како резултат на недоволна лимфна циркулација дури и откако се вратил во нормална или речиси нормална состојба по лекувањето. Раката или ногата отечена како резултат на несоодветно функционирање на лимфниот систем треба редовно да се проверува и да се води грижа за неа и по третманот.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!