МИОМИ НА МАТКА – СÈ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ

Миомите (фиброидите) на матката (исто така наречени леомиоми) се бенигни мускулни израстоци на матката, кои во некои случаи можат значително да влијаат врз квалитетот на животот на жената. Д-р Јосиф Ѓорески, специјалист по гинекологија и акушерство, вели дека овие израстоци не се невообичаени и ретко стануваат канцерогени. Тие можат да се појават во различни слоеви на матката. „Миомите се честа појава кај жените и може да се развијат во кој било период од нивниот живот, што ја нагласува важноста на редовните гинеколошки прегледи за нивна рана дијагноза, следење или третман. Се верува дека 1-2 од 10 жени имаат миоми, но овој број може да биде уште поголем. Инциденцата на миоми се зголемува со возраста, а има тенденција да се појават и кај други членови на семејството“, објаснува д-р Ѓорески.

СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ НА МИОМИ НА МАТКАТА

Иако повеќето жени со миоми немаат забележливи симптоми, најчестите проблеми што можат да се појават вклучуваат обилни и болни менструации. Некои миоми можат да предизвикаат симптоми како чувство на притисок во карлицата, предизвикувајќи проблеми со мочниот меур или цревата. Покрај тоа, познато е и дека миомите ја намалуваат способноста за забременување кај жената. Симптомите обично се поизразени кај поголемите миоми. „Миомите најчесто се дијагностицираат за време на рутински гинеколошки прегледи. Ултразвучниот преглед е еден од најчестите методи за нивно откривање. Во некои случаи, миомите може да се почувствуваат при преглед на абдоменот. Дополнително, внатрешниот карличен преглед може да биде корисен за откривање на миомите“, вели д-р Ѓорески.

ТРЕТМАН

Постојат многу опции за третман на миоми, во зависност од возраста на жената, симптомите што ги има и нејзиното целокупно здравје. Доколку нема симптоми, може да се препорача редовно следење на големината и обликот на миомите. „Хормоналниот третман е опција во случаи кога жените не се обидуваат да забременат. Овие хормонални опции обично помагаат при симптомите, но тие нема да резултираат со целосно исчезнување на миомите. Во некои случаи, понекогаш може да се даде лек само за ублажување на симптомите на миомите, при болка кај болното крвавење со лекови за обилно крвавење, но повторно ова ќе влијае само врз подобрување на симптомите, но нема влијание врз миомите – што значи дека кога третманот ќе се прекине, симптомите ќе се вратат“, објаснува д-р Ѓорески. Д-р Ѓорески вели дека хируршките третмани се основен метод за лекување на миомите. Во зависност од возраста на жената, големината и бројот на миомите, како и од желбата за зачувување на плодноста кај жената, достапни се различни хируршки процедури.

„Една од хируршките методи е отворена операција за отстранување на миомите и шиење на матката, или минимално инвазивна ‘keyhole’ операција (лапароскопија) за да се направи тоа. Во случај жената да не сака да ја задржи својата матка, целата матка со миомите може да се отстрани или преку отворена или минимално инвазивна ‘keyhole’ операција. Ако миомот е само во празнината на матката – тогаш ендоскопското хируршко отстранување на внатрешниот фибром може да се направи во некои случаи со помош на процес наречен хистероскопија, каде што камерата се вметнува во матката“, објаснува д-р Ѓорески.

НОВИ МЕТОДИ НА ЛЕКУВАЊЕ МИОМИ – МИНИМАЛНО ИНВАЗИВНИ ТРЕТМАНИ

 Во клиничката болница „Аџибадем Систина“ се спроведуваат и нехируршки методи за управување со миомите и симптомите што тие ги предизвикуваат, овозможувајќи им на жените да ја задржат својата матка и да избегнат операција. Емболизација на артеријата на матката (ЕМА) е минимално инвазивна процедура за лекување на миомите, која не вклучува хирургија. Ова е одлична опција за случаи кога операцијата не се претпочита или не се препорачува, но можеби не е погодна за сите случаи. „Се работи за процес каде што го прекинуваме протокот на крв во матката и миомите со вметнување на катетер во главната артерија во препоните. Ова ќе предизвика миомите да се намалат во големина и со тоа да се намалат и симптомите“, вели д-р Ѓорески. Микробранова или радиобранова фиброидна аблација – е минимално инвазивна процедура која се користи за лекување на миомите. Се работи за процес на користење на микробранова топлинска енергија или радиобранова енергија за уништување на ткивото на миомот (фиброидот) и негово смалување. „Оваа процедура се прави под водство на ултразвук и не резултира со рана или лузна. Се третира само миомот, а матката не е засегната. Оваа процедура трае помалку од 20 минути и се прави преку кожата или вагината, овозможувајќи им на жените да ја напуштат болницата во рок од 24 часа. Подобрувањето на симптомите е брзо и жените веднаш се враќаат на своите вообичаени секојдневни активности.“ Овој иновативен третман е одлична опција за жени што сакаат да избегнат операција и да ги задржат својата матка и нејзината функција. Д-р Ѓорески ги советува пациентките да разговараат со својот гинеколог за сите опции за третман, како и за избор на вистинскиот третман за нивниот случај.

Сподели:

Останати написи

  • Добивај известувања за новости!