МОДЕРНО ОПЕРАТИВНО ЛЕКУВАЊЕ НА ФЛЕКСИБИЛНО СПУШТЕНО СТАПАЛО

Постојат повеќе деформитети на стапалата на луѓето, но најчест деформитет е таканареченото флексибилно спуштено стапало, каде впрочем станува збор за губење на нормалните физиолошки сводови на стапалото. Сепак, во Клиничката болница „Аџибадем Систина“со најсовремена опрема се изведуваат повеќе ортопедски интервенции, меѓу нив и минимално инванзивна интервенција на таканаречена супталарна артродеза. Оваа процедура на стапалото е без резови, трае кратко и не се губи крв.

 ГЕНЕТСКИ ПРИЧИНИ ИЛИ НЕКОИ МЕХАНИЧКИ ФАКТОРИ

Д-р Борислав Илиев, специјалист по ортопедија, вели дека во текот на проодувањето детето оди на широка основа поради недоволно развиените рефлекси за држење на телото при што е развиен валгус на стапалото. Со текот на растот, рамнотежата на детето се подобрува, силата на мускулите на стапалата и потколениците се зголемува, одењето станува понормално, а масните перничиња на табаните исчезнуваат по 3-тата година. Така, вели д-р Илиев, се формираат лонгитудиналните или надолжни сводови на стапалата.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА ПОЈАВА НА ДЕФОРМИТЕТ НА СТАПАЛОТО?

Д-р Илиев вели дека постои фамилијарна предиспозиција за појава на деформитетот, но може причина да е и присутна и генерализирана лабавост на зглобовите. Други механички фактори кои го предизвикуваат деформитетот се и таканаречени X потколеници и внатрешно ротирани над коленици. „Прв знак е валгус на петицата, што дава бегање на предниот дел на стапалото кон надвор оптоварувајќи го внатрешниот дел на стапалото, кое се спушта и се појавува карактеристично испакнување на внатрешната страна на стапалото. Тоа доведува до трошење на чевлите од внатрешната страна. Обично деформитетот не предизвикува болка, но со текот на растот се појавуваат болки во потколениците и долниот дел на ‘рбетот. Во лекувањето се препорачува носење ортопедски влошки и ортопедски чевли, како и вежби на стапалата кои се состојат во одење по нерамен терен. Оперативното лекување е индицирано кај посилно изразените деформитети и кај случите кои прогресивно се влошуваат“, вели д-р Илиев. Според него, мекоткивните операции не даваат резултати и затоа се користат коскени операции (Grece- Green), како и остеотомии на петната коска во комбинација со тетивни трансфери во зависност од тежината на деформитетот.

ОПЕРАЦИЈА БЕЗ РЕЗОВИ

Сепак, од пред неколку години во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ тој почна минимално инванзивна интервенција на таканаречена супталарна артродеза или укочување на супталарниот зглоб (arthroereisis) со употреба на титаниумски конусен шраф Про стоп. Тоа е шраф направен да ја поддржува анатомијата на зглобот, а е со различна димензија, од 7 до 12 милиметри. „Дава одлични резултати во корекција на деформитетот. Процедурата трае кратко, без крвозагуба, без резови, односно т.н. перкутана метода за стабилизација на супталарниот зглоб. Целта на интервенцијата е спречување на придвижувањето на таларната коска кон напред, кон долу и кон внатре со што го лимитира валгусот на стапалото. При интервенцијата треба да се води сметка да не дојде до повреда на површната гранка на перонеален нерв и суралниот нерв“, вели д-р Илиев. Постоперативно се препорачува носење високи патики во времетраење од 4 недели и растоварување при одењето со 50 проценти од телесната тежина и со користење патерици. Максимални активности се препорачуваат по 3 месеци од оперативниот зафат.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!