Статистиките покажуваат дека голем број малигни тумори метастазираат во мозок. Тоа значи дека туморските клетки од примарното жариште се прошириле (најчесто преку крвотокот) во мозокот. Има доста случаи кога кај пациентот најпрвин се открива мозочниот тумор (за којшто се востановува дека всушност е метастатичен) и потоа со дополнителни иследувања се открива примарниот тумор. Сознанието за постоење на мозочна метастаза е дополнителен стрес како за пациентите, така и за нивните семејства.
Секој пациент е посебен, така и лекувањето треба да биде прилагодено на потребите на пациентот. Основно е да се има дијагностички увид во вкупната здравствена состојба како од општ (возраста, срцето и крвните садови, желудникот, шеќерна болест итн.) така и од онколошки аспект (присуство на метастази при преглед, дополнителни радиолошки иследувања). Најкомплетен преглед се добива со снимање на целото тело со ПЕТ скен, постапка што овозможува да се откријат туморски жаришта во различни делови од телото. По потреба ова снимање се надополнува со други дијагностички постапки (КТ, МР).
На што треба да се внимава?
Пациентот опериран и третиран поради тумор во кој било дел од телото треба да биде под онколошки надзор. Меѓу другото се проценува и евентуалната опасност за појава на мозочни метастази и врз основа на тоа се препорачува онколошко следење на состојбата (follow up). Појавата на следниве тегоби треба да биде знак за барање лекарска помош:
• Главоболка која е поинаква од обичните што може да ги имаме со години, посебно ако е при- дружена со гадење
• Проблеми со видот (заматен вид, двојно гледање или губење на видот)
• Вкочанетост или трнење во некои делови од телото
• Парализа или тешкотии при движењето на не- кои делови од телото
• Промени во рамнотежата или чести падови
• Тешкотии со говорот
• Конвулзии или грчеви При вакви тегоби се препорачува снимање на мозокот (КТМ или НМР) и консултација со неврохирург.
Метастазите во мозокот може да се лекуваат
Во минатото се веруваше дека метастазите во мозокот се фатални и не можат да се лекуваат. Де- неска благодарение на развојот на медицината и технологијата овие тумори се лекуваат. Клучот е во раното откривање. Затоа е многу важно пациентите со карцином на бели дробови, дојка, бубрези, дебело црево и меланома да се едуцираат, за метастазите навреме да се откријат, кога на располагање имаат повеќе можности за третман.
Тумори што се шират во мозокот
Најчести тумори кои развиваат метастази во мозокот се карцином на бели дробови, дојка, бубрези, дебело црево и меланома. Пациентите кои се лекувале од овие тумори треба да бидат особено претпазливи и навреме да ги препознаат симптомите за метастази во мозокот. Ова е особено важно бидејќи раната дијагноза овозможува поголем успех во лекувањето.
Лекување
Откако ќе се дијагностицираат метастазите на мозокот, следниот чекор е консултација со неврохирург и онколог радиотерапевт. На располагање се мултипли третмани кои се применуваат во зависност од бројот на метастази и нивната местоположба. Тука спаѓа:
Хируршкото лекување се применува доколку има една метастаза, во дел од мозокот кој е пристапен за операција. За ова одлучува неврохирургот врз основа на наодите од добиените дијагностички постапки.
Радиохирургијата подразбира уништување на ДНА на туморот, со што клетките на туморот не можат повеќе да се шират и развиваат. Овој тип радиотерапија претставува единствена терапија за третман на тумори кои се на недостапни места во мозокот и не можат да се отстранат со хируршка интервенција. Со неа се третираат мали тумори во мозокот кои се помали од 3 сантиметри. Радиохирургијата е алтернатива на класичната хирургија.
Хемотерапијата претставува третман со лекови кои ги уништуваат канцерогените клетки. Во некои случаи хемотерапијата се користи како третман за да се обезбеди контрола на одредени мозочни метастази.