НЕСПУШТЕНИ ТЕСТИСИ СЕ ПОТЕНЦИЈАЛЕН РИЗИК ЗА НЕПЛОДНОСТ

Неспуштен тестис претставува вродена состојба која се карактеризира со отсуство на еден или двата тестиси во скроталната ќеса каде што е физиолошката позиција на секој нормален тестис. Основната функција на скротумот е да обезбеди оптимална температура за раст и развој на самиот тестис и е околу 33 степени Целзиусови, за разлика од физиолошката телесна температура, која е со 2-3 степени повисока од таа во скротум. Д-р Јован Вељанов, специјалист по детска хирургија, вели дека за да се разбере проблематиката на неспуштен тестис, неопходно е да се знае ембрионалниот развој на тестисите. Тестисите го почнуваат својот ембрионален развој во висина на бубрезите. Во периодот од 3.-5. лунарен месец започнува спуштањето (десцензус) на тестисите до скроталното ќесе преку посебен канал (procesus vaginalis peritonei) и завршува околу 9. лунарен месец. „Некогаш овој сложен процес може да биде пролонгиран и од 4. до 8. месец по раѓањето. Тестикуларни десцензус е диригиран од мајчините гонадотропни хормони, кои стимулираат продукција на андрогени хормони“, објаснува д-р Вељанов.

Спуштањето на тестисите се одвива во три фази, и тоа:

1. абдоминална фаза – 3. лунарен месец од ембрионалниот развој
2. латентна фаза – 3.-7. лунарен месец, при што тестисот се наоѓа на влезот во ингвиналниот канал  
3. вистински десцензус – по 7.-9. лунарен месец каде што поради сложена хормонална врска хипоталамус-хипофиза-тестис, се дејствува врз структурата (губернакулум) и со скратување се влече тестисот надолу, при што со помош на стомачниот ѕид како преса, тестисот завршува во својата физиолошка положба во скроталната ќеса. Потоа каналот (procesus vaginalis peritonei) се затвора. Неговото незатворање или нецелосно затворање доведува до појава на вродена ингвинална хернија.

КОЈА Е ПРИЧИНАТА ЗА ПОЈАВА НА НЕСПУШТЕНИ ТЕСТИСИ?

Причините за неспуштен тестис можат да бидат комплексни, како од хормонален така и од механички карактер, а неретко и од комбинација на овие фактори. Во зависност на која етапа од спуштањето на тестисот настанало попречувањето, разликуваме неколку форми на неспуштен тестис:

  • абдоминална форма
  • ингвинална форма
  • скротална форма
  • ектопичен тестис (со невообичаено позиционирање)
  • мигрантен тестис – тестис што е во скротум, но е мобилен.

Инциденцата на неспуштен тестис е за 21 % повисока кај предвремено родените деца, а 40 % повисока кај деца родени со тежина под 1 500 г. Десностраните се доста почести, а двостраните се околу 20 %. Задржаните тестиси во ингвинален канал се хипопластични, а абдоминалните форми се недоразвиени и атрофични.

КОИ СЕ РИЗИЦИТЕ ОД НЕСПУШТЕНИ ТЕСТИСИ?

Изложеноста на неспуштениот тестис на повисока температура води до атрофија, нарушена хормонална активност и фертилитет, а понекогаш и до малигна дегенерација. Се тврди и дека едностраниот неспуштен тестис продуцира антитела што ги нарушуваат развојот и функцијата на здравиот спуштен тестис. Неспуштените тестиси имаат 25 пати повеќе шанса за малигнизација од нормалните тестиси. „Голем е процентот на неплодност кај нелекуваните неспуштени тестиси кај машката популација. Неспуштените тестиси се повеќе склони од нормалните на увртувaње или торзија, која претставува сериозна состојба која мора да се оперира во рамките на 2-4 часа од настанувањето. Горенаведените факти се доказ за важноста од рано дијагностицирање и лекување на неспуштените тестиси. Од голема важност е улогата на матичниот педијатар за рутински преглед на тестиси кај новородени. Секој сомнителен случај треба да се прати кај детски хирург за понатамошен третман“, вели д-р Вељанов.

Сподели:

  • Добивај известувања за новости!