Невралгијата е мошне силна и неподнослива болка која е понекогаш придружена со отрпнување на дел од лицето или телото. Овој тип болка настанува како последица на директно оштетување на нервот. Во зависност од тоа кој нерв е зафатен и што е причината на оштетувањето/надразнувањето на нервот, зависи и местоположбата на болката. Болката се појавува во инервационото подрачје на нервот.
Болката како прв симптом
Д-р Љуљзим Агаи, неврохирург, објаснува дека болката е исклучително непријатна, обично станува постојана (хронична) и отпорна на аналгетици (лекови против болка), што ја прави мошне тешка за лекување. „Невралгиите ги именуваме во зависност од зафатениот нерв. Една од најчестите е тригеминалната невралгија, потоа глософарингеалната, окципиталната итн. Овие болки се појавуваат во глава. Има појава на невралгии и во другите делови од телото, кога се оштетени нерви од разни подрачја (на пример интеркосталната невралгија е последица на зафатеност на интеркостален нерв, кој се наоѓа помеѓу ребрата).“
Најчесто се јавува кај жените
Според д-р Љуљзим Агаи, најчестата невралгија е тригеминалната. Светските статистики укажуваат на појава на 5 такви случаи на 100 000 луѓе, со нешто зголемена зачестеност кај жените. Обично се јавува на педесетгодишна или постара возраст.
Тригеминална невралгија – болка во лицето
Тригеминалната невралгија, која е воедно и најчеста, се манифестира со ненадејни и силни болки, како појава на струен шок или како убод со нож во предел на лицето. „Понекогаш може да се почувствува жарење. Овој напад на болка може да потрае неколку секунди до неколку минути. Понекогаш појавата на болката се провоцира од некоја причина, на пример допир на дел од лицето близу носот, усните, очите или во внатрешноста на устата. Тоа е мошне непријатно чувство што може да создаде кај пациентот страв од обичните секојдневни активности: зборување, миење заби, јадење, пиење, бакнување. Тоа создава силни фрустрации што го прават животот многу тежок“, објаснува д-р Агаи.
Зошто се јавува?
Има неколку претпоставки за причината: една е дека се работи за оштетување на обвивката на нервот, при што импулсите се шират на несоодветен начин, што резултира со појава на болка. Тоа може да е резултат на стареење, мултипла склероза, но и како притисок од тумор или од крвен сад.
Дијагноза во неколку чекори
Д-р Агаи објаснува дека во дијагностицирањето постојат неколку чекори. Сé започнува со внимателно слушање на тегобите на пациентот (видот на болката, зачестеноста, локацијата, земените лекови), потоа следи клиничкиот преглед. „Се препорачува стоматолошки преглед за да се види дали е сé в ред со забите и околните структури. По потреба се бара и мислење од очен и доктор за уво, нос и грло за да не се превидат болести од овие области. Конечно, пациентот се упатува на магнетна резонанца на мозокот за да се исклучи постоење на тумор како можен предизвикувач на болката. Освен тоа, со посебна техника на снимање (МР Фиеста) може да се прикаже крвниот сад кој е потикнувач на болката.“
Видови третман
Има повеќе модалитети на лекување: се започнува со лекови против болка, потоа со иглени постапки. „Доколку не се постигнува задоволувачки ефект со вакви форми на лекување и болката станува сé понеподнослива, тогаш доаѓа предвид операција за одвојување на крвниот сад од засегнатиот нерв, така што меѓу нив се поставува специјален хируршки материјал што ги држи одвоено овие две анатомски структури. Во последните години, и гама зрачењето се применува како форма на лекување.“
Сензорна ризотомија
За жал, има појава на многу ретки случаи, кога сите форми на лекување остануваат без резултат и болката продолжува со нејзината појава. Во тој случај опцијата е хируршко пресекување на сензитивниот дел од нервот (сензорна ризотомија).