Благодарение на асистираната репродукција, денес 47 години откога е направено првото ин витро оплодување, родени се милиони бебиња. Оттогаш па до денес, постапките, техниките и методите во асистираната репродукција постигнале огромен напредок.
Ин витро лабораторијата при Одделот за асистирана репродукција на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ постојано ги следи сите најнови светски трендови и достигнувања и ги имплементира во процесите на оплодување. Покрај постојните и добропотврдени методи и техники што ги применуваме (ИВФ, ИЦСИ, TESE, TESA, assisted hatching, замрзнување на јајце-клетки, ембриони, сперматозоиди и тестикуларно ткиво), лабораторијата воведе и нови методи кои докажано ги зголемуваат шансите за успешно забременување.
ЗИМОТ-ПРЕПАРАТ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА КВАЛИТЕТНИ СПЕРМАТОЗОИДИ
ЗИМОТ се користи при интраутерина инсеминација (ИУИ) и во постапките на ин витро фертилизацијата (ИВФ) за селекција на најквалитетни спрематозоиди. Тој функционира со метод на микрофилтрација, кој го имитира природниот процес на селекција на сперматозоиди. Предностите на ЗИМОТ се бројни, а една од главните предности е тоа што тој претставува поприроден процес, каде што се избегнува механичкиот третман на кој се подложуваат сперматозоидите при стандардните техники на подготовка за ИУИ и ИВФ-постапките.
„Овој препарат овозможува подобра селекција, односно помага при изборот на подвижни и морфолошки здрави сперматозоиди во постапката на оплодување со ИЦСИ-методата. Друга предност е и намалување на ДНК-оштетувањата при што ги минимизира сперматозоидите со висок степен на ДНК-фрагментација“, објаснува Биљана Палчевска, ембриолог.
КОГА СЕ КОРИСТИ ЗИМОТ
ЗИМОТ се препорачува кај парови што имаат повеќе неуспешни ИВФ-обиди, кај мажи со висок процент на ДНК-фрагментација на сперматозоиди и кај парови со необјаснета неплодност. Истражувањата покажуваат дека со користењето на ЗИМОТ се зголемува процентот на оплодени јајце-клетки, кои се развиваат во квалитетни ембриони, со што се зголемуваат шансите за постигнување на бременост.
EMBRYO GLUE – ЈА ЗГОЛЕМУВА МОЖНОСТА ЗА УСПЕШНА БРЕМЕНОСТ
Embryo glue е специјален медиум што се користи при трансфер на ембрионот во матката. Тој претставува раствор кој содржи висока концентрација на хијалуронска киселина и други биолошки фактори, кои ја подобруваат атхезијата на ембрионот за ендометриумот, при што се создава оптимална средина за вградување на ембрионот во матката. Медиумот го зголемува молекуларниот дијалог меѓу ембрионот и ендометриумот, што ја подобрува имплантацијата, со што се зголемува можноста за зачнување, раст и развој на плодот.
„Embryo glue медиумот се препорачува кај сите пациентки, но најчесто кај оние со пoвеќе неуспешни ИВФ-обиди, повозрасни пациентки со намалена имплантациска способност и пациентки што имаат проблем со ендометриумот“, вели Палчевска.
КАКО СЕ ПРИМЕНУВА EMBRYO GLUE
Селектираните ембриони пред ембрио-трансферот се ставаат во Embryo glue и во тој медиум, со катетер, се пренесуваат во матката на пациентката. Вака може да се трансферираат ембриони во кој било стадиум на развој, како и претходно замрзнати ембриони. Многу студии за овој медиум покажале дека со негова примена има: y повисоки стапки на имплантација y повеќе успешни бремености по ембро-трансфер y помали шанси за спонтани абортуси. Сепак, иако Embryo glue е корисен, тој не е гаранција за успех. Успешноста на ИВФ-постапката зависи од многу други фактори, како квалитетот на ембрионот, состојбата на ендометриумот, индивидуалните здравствени фактори и возраста на пациентката.
БИОПСИЈА НА ЕМБРИОНИ
Биопсија на ембриони е процедура што се изведува во текот на ин витро фертилизацијата, за генетско тестирање на ембрионите, пред нивно имплантирање во матката. Оваа техника помага да се откријат генетски или хромозомски аномалии и да се зголеми шансата за здрава бременост. Постојат три типа ембрионална биопсија: 1. Биопсија на поларни тела – се зема поларното тело од јајце-клетката пред оплодувањето. Главно се користи кога се проверуваат генетски нарушувања што доаѓаат од мајката; 2. Биопсија на клетки од 3-дневен ембрион (бластомери) – се земаат 1-2 клетки од ембрионот кога има 6-8 клетки. Оваа метода се користи поретко, бидејќи може да влијае врз развојот на ембрионот; 3. Биопсија на клетки од 5-6-дневен ембрион (трофоектодермална биопсија) – се земаат клетки од трофоектодермот (делот што ќе стане плацента). Ова е најчесто користена метода, бидејќи е најпрецизна и најбезбедна.
Центарот за асистирана репродукција во „Аџибадем Систина“ е пионер во имплементација на асистираните репродуктивни техники, а стапката на успешност е на ниво на светските референтни ИВФ-центри. Во центарот работи тим од 8 доктори, експерти од областа на асистираната репродукција, како и 9 медицински сестри едуцирани за работа во ИВФ-центар. Лабораторијата за асистирана репродукција во „Аџибадем Систина“ вклучува тим од 7 докажани ембриолози, андролози и лаборанти.